Во тек е анализа на доказите

По вештачењата дека причина за пожарот со 14 жртви е кабел, обвинителите одлучуваат за кривична одговорност

Случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, во Обвинителството стаса до анализирање на доказите кое е во тек. Откако беше добиено вештачењето од МВР, се чакаше и германското вештачење. Откако стигна, се чекаше да се преведе. Сега е изготвен и преводот, па во тек е анализа на доказите, за на крајот обвинителите да може да донесат одлука дали и кој ќе одговара за загубата на 14 лица кои живи изгореа во модуларната болница во Тетово и дали ќе биде отворена истрага.

И германските, како и македонските истражители утврдиле дека пожарот во модуларната болница во Тетово во кој изгореа 14 лица настанал поради спој на продолжен кабел. Од Обвинителството велат дека вештачењето од германските експерти кое што е пристигнато не се разликува многу од она што претходно го направија во Одделот за криминалистичка техника и вештачење во МВР, а според кое причина за пожарот е спој на продолжен кабел во кој бил вклучен дефибрилатор.

Вештачењето утврди дека пожарот во тетовската модуларна болница настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, соопштија од Обвинителството на почетокот на октомври, минатата година откако беше изготвено вештачењето во МВР.

По ова пристигна и германското вештачење, по што сега се чека одлука да донесат обвинителите кои работат на овој предмет.

„Во предметот во континуитет се преземаат дејствија во рамките на предистражна постапка со цел да се утврдат сите факти и околности. Во таа насока, беше наредено вештачење од МВР ОКТИВ, кое Обвинителството веднаш го објави и кое се однесува на директните причини за самиот пожар. Беа наредени и извршени уште две вештачења, од Технолошкиот факултет и од стручно лице, електроинжинер. По меѓународна правна помош беше побарано вештачење од германските експерти, а пристигнатиот извештај, во поглед на директните причини за настанување на пожарот, не се разликува многу од она што го утврдија стручните лица од ОКТИВ. Сепак, сите извештаи се анализираат во корелација со останатите прибавени докази, како и со вербалните искази на сослушаните сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот. Анализата на сите прибрани докази е во тек. Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена", одговорија денес од Обвинителството.

За Јавното обвинителство, продолжниот кабел е само причина за пожарот додека виновникот уште се бара бидејќи, изјави лани во октомври првиот човек на Обвинителството, Љубомир Јовески. 

„Ова вештачење дава одговор само на дел од аспектите кои се потребни за расчистување на настанот. Се прибираат и други вештачења, документација, податоци, сведочења. Сите тие ќе бидат предмет на разгледување и анализа, по што обвинителите ќе донесат одлука за натамошниот тек на постапката. Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната болница во Тетово е дел од доказите кои ги прибира обвинителството. Целта на нашето работење е да се проверат сите аспекти на настанот и да се утврди вистината и точната причинско-последична поврзаност за настанување на овој трагичен настан", изјави тогаш Јовески. 

Пожарот во тетовската модуларна болница се случи лани, на 8 септември неколку минути после 21 часот.

Во трагедијата, животот го загубија 12 пациенти и две лица кои во моментот биле во објектот.

 К.Д.

Кој кого „мафлосува“, тие нас или ние нив. Чекор напред, три назад, како раковите во Охридското Езеро од моето детство кои исчезнаа во налетот на технолошкиот напредок и уништувањето на животната средина.

повеќе

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе