Ни трага, ни глас од обвинетите извршители

Седум години по бегството Косово одговори дека не се знае каде е бегалецот од „Монструм“ Исмаиловиќ

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, бегалците кои се обвинети дека се директни извршители на масакрот кај Смилковското езеро сѐ уште се во бегство. Седум години нема ниту трага, ниту глас за нив до оние кои ги чекаат за да ги изнесат пред лицето на правдата за случајот „Монструм. Денес, Министерството за правда добило одговор дека косовските власти не знаат каде се наоѓа Африм Исмаиловиќ. И за едниот и за другиот секое судско рочиште за овој предмет започнува исто, дека двајцата не се достапни на органите на прогонот. 

„Добивме информација од страна на Министерството за правда на Косово дека добиле одговор од надлежниот јавен обвинител дека во моментот не е познато каде се наоѓа обвинетиот Африм Исмаиловиќ", се вели во соопштението на македонското Министерство за правда.

Од таму велат дека ќе испратат ургенција и ќе побараат од надлежните косовски власти да направат напори за пронаоѓање на Исмаиловиќ и негова екстрадиција со цел да биде изведен пред лицето на правдата.

За екстрадицијата на двајцата бегалци и родителите на убиените деца побараа средба со министерката за правда, Рената Десковска. 

Лицата на Демири и Исмаиловиќ, до сега не успеаја да ги видат ниту Гордана Гешковска обвинителката која претходно го застапуваше обвинението за овој предмет, ниту судијата Ивица Стефановски кој ја водеше постапката.

Бегалците Демири и Исмаиловиќ ги нема ниту сега кога постапката ја води обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, а предметот го суди Огнен Ставрев.

Еднаш Министерството за правда на Косово го одби барањето за екстрадиција за двајцата обвинети. Сега папката со доказите кои претходно обвинителите ги имаа за овие две лица, но и новите докази кои ги најави СЈО се повторно во рацете на косовските власти. Откако комплетно ќе ги разгледаат, ќе треба да кажат дали има доволно докази за Демири и Исмаиловиќ да бидат донесени во Македонија и да им се суди за тероризам.

А, овде треба да ги пречекаат решетките на притворската ќелија во Истражниот затвор во Шутка каде треба да ја издржуваат мерката притвор од денот на нивното пронаоѓање, како што стои во Решението на Основниот суд Скопје 1.

По ова, ќе треба да се најдат и во судница каде СЈО ќе им ги презентира доказите кои ги има против нив, за да му докаже на судот дека тие се директните сторители на петкратното убиство.

А начинот на кој што ги убиле, според досегашните сведочења на вештаците од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје и според обвинението е свиреп.

Според наводите на обвинителството, овие двајца бегалци откако ги легнале четири момчиња со лицата свртени кон земјата, а потоа им пукале од близу.

Македонското МВР во мај, 2012 година распиша потерница по овие две лица која до денес е активна. Двајцата бегалци во Косово беа осудени на затворски казни за трговија со оружје и откако ја одлежаа казната беа пуштени да се бранат од слобода.

Останатите обвинети во „Монструм" во своите искази пред судот кажаа дека преку вибер контактирале со двајцата бегалци.

Основниот суд Скопје 1 во август, минатата година соопшти дека добил известување од Министерството за правда во Скопје дека постапката за екстрадиција на обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири е во тек.

„Добив известување од министерот за правда дека оваа постапка за екстрадиција од Косово е во тек. Министерството почнало сериозно да работи. Сега во прашање се правни процедури околу превод и штом ќе добиеме известување, ќе ви кажеме", рече тогаш судијата Ставрев.

Но, по ова, сите известувања за Демири и Исмаиловиќ од македонското Министерството за правда до Судот се исти, дека нови моменти нема, се до денес кога Косово одговори дека во моментот не е познато каде се наоѓа обвинетиот Африм Исмаиловиќ.

Освен двајцата кои се во бегство, во постапката тројца се бранат од слобода, а обвинетиот Фејзи Азири се спроведува до судот од затвор каде одлежува казна за друго кривично дело.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм" го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. Сега овој предмет пак е во рацете на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. 

Случајот сега се наоѓа во доказна постапка и се презентираат смс пораки. 

К.Д.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе