По повеќе од 7 години

Заев ја вети вистината, Мицкоски допрва ќе ја враќа надежта на родителите oд масакрот кај Смилковско

„Го донесовме син ми дома мртов, но очите му беа отворени и од нив два дена додека да го погребаме течеа солзи. Плашете се од тие солзи", им порача од судница минатата година Зорица Наќевска, мајката на убиениот Александар Наќевски на сите кои се вмешани во случајот со смртта на нејзиниот син. Изминува и осмата година по масакрот во кој згаснаа пет животи. Премиерот Зоран Заев им ја вети вистината, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера од Штип порача дека надежта не умирала и дека имале долг кон родителите да им ја вратат надежта.

Но, дали е тоа остварливо бидејќи, како што и самите родители велеа на многу од рочиштата на кои доаѓаа, никој нема да им ги врати децата, а јадот и горчината се уште поголеми со талкањето низ судските лавиринти и неизвесноста за тоа дали им се суди на вистинските убијци или пак, оние кои ладнокрвно пукаа во четирите момчиња и рибарот се некаде на слобода.

Ама ниту владата на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ не успеаја да ја затворат оваа дилема и случајот „Монструм".

Ветување дека ќе се открие вистината на родителите им даде и судијата Огнен Ставрев.

Факт е дека за овој предмет најтешко им е на родителите на убиените на кој веќе им е доста од ветувања за тоа дека некој ќе им ја открие вистината и дека допрва ќе им ја врателе надежта.

На нивните солзи во судница и надвор од неа сме биле сведоци безброј пати, но исто така сме сведоци дека случајот „Монструм" сега за сега тапка во место.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм", а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. Тие сега се бранат од слобода.

За судот сѐ уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници, која исто така со години не мрдна од мртва точка.

Светло во тунелот на роднините на убиените момчиња и рибарот беше изјавата на Заев дека има „бомби" кои ќе ја откријат вистината за овој случај.

По ова овие докази беа предадени во СЈО и предметот од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го презеде специјалното обвинителство.

На минатото рочиште обвинителката Фатиме Фетаи најави дека и Заев ќе биде повикан како сведок, а на следното рочиште треба да почнат да се слушаат дополнителните докази за овој случај.

Но, сега неизвесна е и судбината на СЈО, како поради случувањата во „Рекет", така и поради законот за ЈО.

А, во неизвесност живеат и родителите кои речиси и да не се појавуваат на судските рочишта. Таа неизвесност ги убива веќе осма година.
Во меѓувреме, заборавајќи на изминатото предолго време, ВМРО-ДПМНЕ барајќи избори, се сети дека имаат долг кон родителите на убиените.

Но, вистинското прашање е дали тој долг воопшто може да им го надоместат едните или другите бидејќи и по долги години овој судски процес во кој се сменија и судиите, уште е во првостепена постапка.

За едни вистината дека им се суди на вистинските убијци е во „бомбите", а за одбраната, пак, овие разговори се доказ дека обвинетите кои се во судница не се сторители на масакрот.

Основниот кривичен суд за 5 септември го закажа рочиштето на кое треба да се отворат „бомбите" од кои јавноста треба да ја чуе вистината.

К.Д.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе