Завршен збор на обвинетите за 27 април

Пепиќ бил службено во Собранието, а Алими помагал и на Македонци и на Албанци

Со завршни зборови на обвинетите продолжи судењето за 27 април, во кое на 17 лица им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За разлика од претходните денови кога завршните зборови на првите неколкумина обвинети, меѓу кои и Митко Чавков, траеја долго, денес обвинетите Мунир Пепиќ, Абдулфета Алими и Игор Дурловски беа кратки во завршните зборови.

Во 20-тина минути обвинетиот Пепиќ пред судот во завршен збор рече дека не бил дел од никакво терористичко здружување на 27 април 2017 година и дека во Собранието влегол службено, бидејќи, како што рече, требало да известува, а не да презема насилни дејствија.

„Учествував во помагање и евакуација на повредените лица и не сум дел од никакво терористичко здружување. Во Собранието бев службено, им помагав на повредените и известував за тоа што се случува внатре. Бев внатре поради службени обврски, а не да преземам насилни дејствија“, рече Пепиќ во завршен збор.

Краток завршен збор пред судот имаше и обвинетиот Абдулфета Алими, член на собраниското обезбедување, кој пред судот посочи дека на 27 април 2017 бил единствениот Албанец кој бил дел од обезбедувањето во Собранието и им помагал и на Македонците и на Албанците. Обвинетиот Алими пред судот кажа дека од неговиот адвокат уште од првиот ден кога се запознале добил совет дека најлесно пред судот е да се брани со вистината. Му кажал се од почеток на својот бранител и, како што посочи обвинетиот Алими пред судот, тој ден барал лекарска помош бидејќи бил повреден од напаѓачите во Собранието.

„Немој да сфатите дека сум јас единствениот Албанец кој сака некого да нападне за да се одбрани, туку тој ден бев единствениот Албанец, дел од собраниското обезбедување кој помагаше и на Македонци и на Албанци. Сѐ што направив тој ден беше да ги исполнам задачите кои ми ги дадоа моите надредени. Никој друг член на собраниското обезбедување тој ден не презеде ништо повеќе од мене. Кога му ги дадов клучевите на Горан Ѓошевски десната врата веќе беше отворена. Клучевите му ги дадов бидејќи тој ми ги побара да му ги донесам во ходникот, но и денес сметам дека Ѓошевски не сакал да ја отвори вратата“, рече Алими пред судот.

И обвинетиот Пепиќ и обвинетиот Алими од судот побараа ослободителни пресуди, бидејќи, како што рекоа во завршен збор, доказите кои што обвинителството ги понудило против нив не покажале дека тие сториле терористичко загрозување на уставниот поредок.

К.Д.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе