Основно јавно обвинителство

Панчевски заработи обвинение, го злоупотребил АКМИС системот и сам бирал судии за предмети

Основното јавно обвинителство денеска поднело обвинителен предлог против поранешниот претседател на Основниот кривичен суд-Скопје, Владимир Панчевски, за злоупотреба на информацискиот систем за управување со судски предмети АКМИС, односно, како што стои во соопштението од Обвинителството, за злоупотреба на службената должност и овластување.

Основното јавно обвинителство Скопје по прибирање на сите материјални и вербални докази, утврдило дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, обвинетиот како службено лице – претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје,

влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите, давал наредби и насоки кој предмет кај кој судија да се распредели и со тоа ја злоупотребил службата и ги пречекорил границите на своите овластувања.

„Иако бил должен да ја следи состојбата на управувањето со движењето на предметите во судот, а особено формирањето на предметите, предавањето на предметите во работа и состојбите со функционирањето на автоматизираниот информатички систем за управување со судските предмети, обвинетиот како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување. Имено, обвинетиот со ставање на писмен ‘параф‘ од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. Со ваквите дејствија, обвинетото лице на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси“, пишува во соопштението од Обвинителството.

Во истиот временски период, Панчевски со давање на писмен „параф“, наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од Основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Во рамки на предистражната постапка, обвинителството испита 19 лица во својство на сведоци и тоа вработени во Основниот кривичен суд – Скопје, Апелацискиот суд Скопје, Врховниот суд на Република Северна Македонија и Министерството за правда.

Поради потребите во предметот, двајца јавни обвинители во текот на три недели континуирано вршеле увид во предмети во Основниот кривичен суд – Скопје при што е прегледана обемна судска документација, а биле обезбедени податоци од Судскиот совет, Врховниот суд, Апелацискиот суд и Основниот суд-Скопје.

Доктор на технички науки изготвил вешт наод и мислење за функционирањето на системот за електронско распределување на предметите, кое вештачење, побарано со наредба од Основното јавно обвинителство Скопје  на 21 декември 2018 година, било доставено до обвинителството на 24 јуни 2019 година.

Од обвинителство додаваат дека Судскиот совет на Република Северна Македонија доколку во рамките на своите надлежности најде пропусти за други претседатели на судовите или суди, може да поведе постапка за нив, согласно законските одредби.

 

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе