Експретседателот на Кривичен суд не ја издржува затворска казна

Панчевски три недели чека упатен акт за во затвор, Судот вели деновиве ќе биде

Поранешниот претседател на Основниот Кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски деновиве треба да добие упатен акт со датум кога треба да се јави на издржување на затворската казна од две и пол години. Од Основниот суд во Скопје за МКД.мк велат дека Основниот суд Велес им го испратил предметот за Панчевски и дека судијата за извршување на санкции деновиве треба да му достави упатен акт со точен датум за да се јави во затвор.

Со упатниот акт осуденото лице се предупредува дека доколку не се јави во определениот ден во установата ќе биде присилно спроведено и ќе ги сноси трошоците на спроведувањето. Денот на јавувањето во установата се одредува така што на осуденото лице да му останат најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт. Судијата за извршување на санкциите со доставувањето на упатниот акт на осуденото лице истовремено ја известува и установата за денот во кој осуденото лице треба да се јави и доставува препис од правосилната и извршна пресуда со која е изречена казната, извод од казнената евиденција, како и други податоци за личноста на осуденото лице со кои располага.

Законот за извршување на санкции предвидува можност за одлагање на почетокот на издржувањето на казната. 

Во членот 89 од Законот за извршување на санкциите се предвидени причини за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор. На осудено лице кое се наоѓа на слобода може по негова желба да му се одложи почетокот на извршувањето на казната затвор, ако:

1) се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности

2) се случила смрт или тешка болест во потесното семејство наосуденото лице

3) одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни
полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна
непогода, или со друга несреќа, а во семејството на осуденото лице нема
доволно друга работна сила

4) осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета

5) одлагањето на осуденото лице му е потребно заради завршување на училишната година или за полагање на испит за кој се подготвувало

6) заедно со осуденото лице се осудени неговиот брачен другар или други членови на заедничкото домаќинство, или ако некои од нив се наоѓаат на издржување на казната, а со упатувањето на сите овие лица на издржување на казна би била загрозена издршката на старите, болните или малолетните членови на семејството, или би се довело во прашање нормалното стопанисување на домаќинството

7) е осудена жена чие дете е помало од една година или која е бремена, а до породувањето не преостануваат повеќе од три месеца и

8) е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и
чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште или престојувалиште.

Извршувањето на казната во претходно наведените случаи може да се одложи додека трае болеста, односно лекувањето, во случаите од точките 2 до 4 и точката 8 најдолго за три месеци, во случаите од точката 5 до завршување на училишната година и шест месеци за испит, во случаите од точката 6 најдолго за шест месеца, а во случаите од точката 7 до наполнувањето на една година од животот на детето.

Осуденото лице на кое му е одложено издржувањето на казната по основ од точката 1 е должно на секои 30 дена да достави веродостоен доказ за неговата здравствена 5 состојба. Во тој случај молба за одлагање на почетокот на извршувањето на казната може да поднесе и неговиот брачен другар, роднина по крв во права линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител.

Молбата за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор се поднесува во рок од три дена од денот на приемот на упатниот акт. Ако причината за одлагање настанала по тој рок, молбата може да се поднесе до денот кога осуденото лице треба да се јави заради извршување на казната. Кон молбата се прилагаат веродостојни докази за причините кои го оправдуваат одлагањето.

По молбата за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор решава судијата за извршување на санкциите, кој е должен да донесе решение во рок од три дена по приемот на молбата. Пред донесувањето на решението тој може да ги извиди околностите наведени во молбата. До донесувањето на решението по молбата се одлага почетокот на извршувањето на казната.

Ако осуденото лице не се јави во определениот ден на извршување на казната затвор, установата за тоа без одлагање ќе го извести судијата за извршување на санкциите.

Судијата за извршување на санкциите во тој случај веднаш ќе издаде наредба до Министерството за внатрешни работи за приведување на осуденото лице со која, исто така ќе побара, доколку осуденото лице се крие или се наоѓа во бегство, органот да издаде и потерница за пронаоѓање и спроведување на
осуденото лице во установата за извршување на казната затвор.

Против решението донесено по молбата за одлагање на почетокот на
извршувањето на казната затвор, осуденото лице и надлежниот јавен обвинител имаат право на жалба до кривичниот совет на судот надлежен за извршување на санкцијата во рок од три дена од денот на приемот на првостепеното решение.

Жалбата го одлага извршувањето на казната. Кривичниот совет е должен да донесе решение по жалбата во рок од три дена по приемот на жалбата. 

Скопскиот Апелациски суд на 28 септември, годинава ја потврди пресудата на велешкиот суд во делот на вината на поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски за рачното делење на предмети, наместо преку АКМИС Системот. Апелацискиот суд на Панчевски му ја намали висината на казната. Наместо првично пресудените три и пол години, повисокиот суд на Панчевски му пресуди една година помалку, односно две и пол години затвор.

„Обвинетиот Владимир Панчевски од Скопје, кој со првостепена пресуда е огласен за виновен за кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување" од чл.353 ст.2, в.в со ст.1 и чл.45 од Кривичниот законик, согласно наведената одредба, како и одредбите од чл.4, 32, 33, 35 и 39 од Кривичниот законик, се осудува на казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци, во која казна согласно чл.47 од Кривичниот законик му се засметува и времето поминато во притвор, сметано од 15.07.2020 година до 04.08.2020 година", се наведува во соопштението на Основниот суд Велес.

Панчевски беше разрешен од судиската функција поради нестручно и несовесно работење во декември 2019 година, а Врховниот суд неговото разрешување го потврди во јуни 2020 година.

Обвинетиот Панчевски, според обвинението поднесено од ОЈО Скопје, се товари дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, со негов параф и усно давал наредби на службеници што имале пристап во АКМИС-от рачно да се распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, и кажувал на кој судија да се распредели предметот, со што целосно се изигрувал системот кој требало автоматски да ги распределува предметите.

К. Додевска 

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе