Детали од инцидентите во Истражниот затвор во Шутка

Јанакиески сам побарал да биде во ќелија со притвореникот што го нападнал

Некогаш министри, сега осомничени за кривични дела и притвореници што учествуваа во инциденти во Истражниот затвор во Шутка. Поранешниот министер за образование, Спиро Ристовски и за транспорт и врски, Миле Јанакиески беа под ист покрив, но во различни ќелии во Истражниот затвор во Шутка. Ги „разделија" инциденти, кои се случија еден по друг во ист ден. По овие настани Јанакиески замина во куќен притвор во својот дом, а Ристовски во притвор во „Хашкото одделение" со уште еден цимер.

Инцидентите во кои учествуваа Јанакиески и Ристовски и неправосилно осудените за тероризам од случајот „Диво Насеље" за едни беа нарачана режија и договор меѓу учесниците за да се прикаже дека затворот не е безбеден, а на тој начин да се оправда и бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски. За други пак - загрозување на безбедноста на поранешните министри.

Ристовски бил нападнат од Лирим Красниќи (29) од Урошевац, кој е осуден на затвор од 10 години за терористичка организација и на затвор од 40 години за тероризам. Единствената казна за него е 40 години затвор и протерување од Македонија. Завршил средно образование, работи како багерист, женет е и има едно малолетно дете.

Јанакиески, пак, бил нападнат од Есад Кафеџоли (33) од Малишева, Косово, кој е осуден на затворска казна од 10 години за терористичка организација и на казна од 40 години затвор за тероризам. Судот му изрече единствена казна затвор во траење од 40 години и го казни со протерување засекогаш од територијата на Македонија. Има завршено високо образование, невработен е, неженет и нема деца.

И народниот правобранител покрена постапка по сопствена иницијатива во врска со инцидентот со Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, кој се случи неодамна. Во Извештајот на омбудсманот, до кој дојде МКД.мк, овој настан се води како физичка пресметка и во него има детали за настанот.

Претставници на народниот правобранител извршиле увид и го фотографирале местото на настанот, односно притворското одделение на Истражниот затвор во Шутка, просториите каде што биле сместени двајцата притворени, се разговарало со Јанакиески и Ристовски, но и со лицата што ги нападнале, сведоци, службени лица, односно лекар и заповедник, прибавени се снимките од видео надзорот во затворот. Покрај ова на разговор бил повикан и директорот Ѓоко Котевски, како и заповедникот и неговиот заменик.

Со овие дејства, напишани во Извештајот од извршено испитување на инцидентите од 21 февруари, годинава во врска со физичката пресметка на двете лица стои дека утврдена е фактичката состојба за настанот.

Во извештајот констатирани се неколку состојби. На 20 февруари околу 22 часот Ристески и Јанакиески се спроведени во притвор. Од разговорот со службените лица во затворот утврдено е дека тие не биле поучени за нивните права и обврски за време на издржување на мерката притвор, односно не биле запознаени со куќниот ред и режимот на активности во притворското одделение (исхрана, посети, контакт со надворешниот свет, право на прошетки), ниту пак бил извршен разговор со нив заради процена на безбедносниот ризик.

Според информациите што ги добиле претставниците на народниот правобранител, Јанакиески побарал да биде сместен во истата ќелија во која претходно престојувал додека ја издржуваше мерката притвор, бидејќи, како што и самиот кажал, лицата со кои престојувал имале коректен однос кон него. Во оваа просторија било и притвореното лице од „Диво Насеље".

За спроводот на притворените лица констатирано е дека додека затворските чувари го спроведувале Ристовски до ќелијата, тоа било направено без никакви забелешки. Додека, при спроводот на Јанакиески до собата при движење во ходникот- притворените лица од истиот ходник преку „шпионки" односно мали отвори на вратите, постојано довикувале и разговарале со службените лица што го спроведувале во неговата просторија. Дел од овие лица се притворени во предметите за „Диво Насеље" и настаните од Собранието за 27 април.

Но според Извештајот на народниот правобранител, ништо од ова не е нотирано од страна на службените лица кои го вршеле спроводот и, ниту пак за истото бил информиран одговорниот командир на смена. При составување на распоредот за шетање по соби, се вели во Извештајот не била направена процена за ризик, односно не се водело грижа за ризикот од можен инцидент при шетање на притворени лица.

Кога се случил инцидентот помеѓу Спиро Ристовски и Лирим Красниќи, на шеталиштето немало присутни службени лица од затворската полиција, туку само 5 притворени лица. Сменскиот командир по радиоврска им наредил на службените лица веднаш да реагираат, по што тие влегле во шеталиштето, а во меѓувреме Ристовски и Красниќи ги раздвоиле притворениците.

По инцидентот Ристовски бил однесен на преглед во затворската амбуланта, по што биле дадени писмени изјави, а за инцидентот телефонски бил известен и судијата на претходна постапка.

Командирот на смена морал да замине на обуки, а на останатите одговорни им оставил порака „да отворат очи". Докторката што го прегледала Ристовски немала претходно искуство со затвореници, ниту пак била упатена на некаква обука. Според Извештајот, таа не го прегледала притвореникот туку само ги констатирала видливите повреди на главата и го препратила на снимање на главата. Пред да напише писмена изјава, Ристовски на докторката ѝ објаснил дека бил повреден од непознат човек и дека ќе пишува изјава откако ќе се консултира со адвокат.

По прегледот Ристовски бил вратен во ќелија, а на преглед бил однесен Красниќи, кој се пожалил само на расекотина на прстот на левата рака.

Активностите во притворското одделение и покрај инцидентот, продолжиле согласно утврдениот распоред, а согласно изјавите на службените лица од затворската полиција, ваквите инциденти се третирале како изолирани.

Претставниците на народниот правобранител констатирале дека не биле преземени никакви дополнителни активности, односно не била направена процена на безбедносни ризици од евентуално можни следни инциденти, а фактот што веќе имало еден инцидент, за службените лица не било индикатор дека може да се случи нов инцидент.

Околу 14 часот на прошетка се спроведува друга група на притворени лица во која бил и Јанакиески, а веќе во 14,11 часот виш надзорник во затворската полиција распореден на караулата на шеталиштето по радиоврска пријавил дека дошло до инцидент помеѓу Миле Јанакиески и Есад Кафеџоли.

Народниот правобранител констатира дека практиката што е предвидена, односно да има континуирано шетање на исти соби во исти групи подолг период, доведува до рутинско постапување на затворската полиција, со тоа и до намалување на нивното внимание, а претставува и сериозен ризик за можноста за конфликти.

И по овој инцидент биле испратени службени лица на шеталиштето за да ја смират состојбата. Затворските чувари влегле и го одвоиле Јанакиески, а по ова се повторува истата постапка како и со Ристовски, и Јанакиески се носи во амбуланта на преглед кај истата лекарка. Таму тој се жали на болка во задниот дел од главата, на болки во стомакот, градниот кош, како и во пределот на левата дланка.

Јанакиески на докторката ѝ раскажал дека бил нападнат за време на прошетка, дека паднал на раката, а додека лежел бил удиран со клоци.

И во овој случај, се вели во Извештајот, докторката не извршила детален преглед на целото тело, но истакнала дека на облеката во пределот на грбот имало видливи траги, односно остатоци од трева. Препораката е и Јанакиески да се однесе во болница на дополнителен преглед.

По дополнителните прегледи Јанакиески е прегледан, снимен и вратен во Истражниот затвор, но во друга просторија во Хашкото одделение.

Од овие два инциденти прегледани се и снимките од видео надзорот во затворот. Од нив Народниот правобранител утврдил дека при спровод на прошетка на притворените лица не се вршат задолжителни претреси, а во неколку случаи истите се вршат само рутински.

Директорот на Истражниот затвор во Шутка, Ѓоко Котевски, формирал комисија составена од 3 член за да се испита фактичката состојба. Во Извештајот препораката е покренување постапки за дисциплинска неуредност против вработени во затворот, а командир на затворската полиција бил суспендиран.
На 26 февруари и Управата за извршување на санкции подготвила записник кој е доставен и до директорот на затворот, а и до народниот правобранител.

Директорот се задолжува да обезбеди осветлување и видео надзор на сите шеталишта, да ги задолжи службените лица да го изменат начинот на движење на чист воздух на притворените лица, така што секоја просторија за престој ќе биде сама на шеталиштето во присуство на затворски полицаец, навремено и детално да се евидентираат настаните од одделението за притвор во Книгата за дневни настани и други службени книги за евиденција, детално да се истражат инцидентите, а посебен акцент да се стави на преземените мерки на вработените во затворот...

Народниот правобранител алармира на коруптивно однесување на затворската полиција , а исто така препорачува и при приемот на нови притворени лица да им се укажува на правата и обврските кои им следуваат, како и да се врши соодветна процена на безбедносен ризик.

Во препораките се вели и дека треба задолжително да се евидентираат сите повреди на правилата на Куќниот ред на установата, како и за истите да се информираат непосредно повисоките раководни лица, задолжително да се врши процена на евентуален ризик при составување на групите за движење на чист воздух, почесто менување на групите определени за движење на чист воздух, како и почесто менување на затворските полицајци кои вршат надзор при спроведувањето на оваа активност, задолжително да се вршат детални прегледи на притворени лица во случај на повреда од било каква природа, редовно и уредно да се водат сите евидентни книги и да се врши нотирање на случувањата.

За инцидентите со Јанакиески и Ристовски документацијата е предадена во МВР. Од Основното јавно обвинителство ни одговорија дека издадени се наредби до МВР за собирање на докази, по што ќе треба да се утврди дали кај некого постои одговорност и основа за поднесување кривична пријава.
Во меѓувреме Ристовски во притвор ја чека истрагата за 27 април, каде што тој е на листата на нарачатели на упадот, а Јанакиески е обвинет во постапките на СЈО.

Во Извештајот има и забелешки во врска со притворското одделение во Истражниот затвор во Шутка, кои редакцијата на МКД.мк ќе ги објави во продолжение.

К. Додевска

(Текстот е одговор на колумната „Сите нации се модерни конструкти" од д-р Љубица Спасковска објавена на МКД.мк, 1 август)

повеќе

На мојот пријател, овчарот Митко му реков: „Дојде време ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава".

повеќе

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе