Јавно обвинителство Скопје за дивите платформи на Матка​

Отфрлена кривичната пријава против градоначалникот на Сарај

Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава против градоначалникот на Општина Сарај за кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 и Несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик, поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Иницијативата за кривично гонење ДКСК ја поднесе против градоначалникот поради сомненија дека свесно и намерно не презел дејствија и не донел конкретни управни акти во постапките за утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти, со што на физички и правни лица им овозможил бесправно да изградат деловни објекти од локално значење и времени објекти – платформи на езерото Матка, да стопанисуваат со нив и да остваруваат противправна имотна корист за себе и за друг.

Постапувајќи по поднесената пријава, надлежниот јавен обвинител поднесе барање за собирање потребни известувања до Државниот управен инспекторат и до градоначалникот на Општина Сарај, до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и до Општина Сопиште. Од податоците доставени од Државниот управен инспекторат произлезе дека инспекторите од овој инспекторат извршиле вонреден инспекциски надзор во Општина Сарај во врска со постапувањето во наведените предмети, при што на 10.06.2019 година бил составен записник со наод за утврдена состојба и констатирани недостатоци во управното и канцелариското работење. Притоа било донесено решение со кое градоначалникот на Општина Сарај бил задолжен да преземе мерки и дејствија во негова надлежност и во определен рок да ги отстрани недостатоците. На 21.08.2019 година инспекторите извршиле контролен инспекциски надзор при што е утврдено дека градоначалникот целосно постапил по решението на Државниот управен инспекторат и ги отстранил претходно утврдените недостатоци и против него не се преземени наредни дејствија, соопшти ЈО.

Од доставените известувања од градоначалникот на Општина Сарај, се вели во соопштението, произлегува дека во првите четири предмети, по спроведена постапка, донесени се решенија со кои се одбиваат барањата за легализација, по кои решенија подносителите на барањата доставиле жалби до Министерството за транспорт и врски.

И покрај вложената жалба, Општина Сарај на 16.09.2019 година распишала јавна набавка за уривање на овие објекти, но на јавниот повик не се пријавил ниту еден економски оператор. Од овие причини Општина Сарај се обратила писмено до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам заради помош за отстранување на платформите. Инспекторатот ја известил општината дека се работи за објекти од локално значење за кои е надлежна општината и воедно ги предупредил дека кон уривање на објектите може да се пристапи само по конечноста на донесените решенија, стои во соопштението.

Во однос на петтиот предмет, се додава, решението за легализација било донесено од претходниот градоначалник на Општина Сарај во 2017 година, но по поднесена иницијатива на МПЦ – Охридска Ахиепископија решението е огласено за ништовно со пресуда на Управниот суд.

Во врска со шестиот предмет опфатен во кривичната пријава, произлегува дека од Општина Сарај е составен записник за констатација, но за овие платформи одлучувала Општина Сопиште. Донесеното решение за легализација во овој предмет од страна на Одделението за урбанизам на Општина Сопиште подоцна било поништено од градоначалникот на Општина Сопиште, а по жалба во предметот одлучувало Министерството за транспорт и врски, се нагласува во соопштението.

Како што се посочува, Општина Сарај во врска со изградените платформи се обратила и до Град Скопје и до Министерството за животна средина за да провери дали од нивна страна биле издадени одобренија на лицата подносители на барањата за легализација да вршат превоз со чамци од манастирот Св. Андреја до пештерата Врело. Имено, контролата на превозот со чамци е во надлежност на Министерството за животна средина, кое презема мерки согласно Законот за води, доколку се констатираат прекршоци од конкретни сторители.

Државниот инспекторат за животна средина исто така вршел инспекциски надзор, по што до Општина Сарај доставил известување со насоки за натамошно постапување во однос на барањата за легализација, во кое се наведува дека против општината нема да биде покрената инспекциска постапка, бидејќи не се утврдени недостатоци во нивното работење согласно Законот за води.

Проучувајќи ги сите овие наводи, надлежниот јавен обвинител утврди дека во дејствијата на пријавениот не се содржани суптествените елементи на кривичните дела – Злоупотреба на службената положба и овластување и Несовесно работење во службата, ниту пак на друго кривично дело кое се гони по службена должност, потенцираат од ЈО.

Во случајот, прецизираат, градоначалникот во рамките на своите надлежности, спровел процедури согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти и донел негативни решенија по барањата за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на подрачјето на кањонот Матка. Постапката, согласно закон, продолжува во Министерството за транспорт и врски, а потоа и пред Управен суд. Со своето постапување пријавениот не прибавил противправна имотна корист за себе или за друг, ниту причинил штета за кој било субјект.

Во однос на самите баратели или градители на бесправно изградени објекти на подрачјето на кањонот Матка, нивното постапување е предмет на проверки во друг предмет пред Основното јавно обвинителство Скопје за кој во тек е предистражна постапка. По преземање на потребните дејствија и комплетирање на документацијата, обвиинителството во овој предмет ќе донесе соодветна одлука согласно Законот за кривична постапка, информираат од ЈО.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе