Поранешниот премиер два и пол часа сведочеше за „Монструм“

Осум години по убиството родителите на момчињата го прашаа Заев: Кој и што крие за Монструм?

Околу два и пол часа поранешниот премиер Зоран Заев сведочеше на судењето за „Монструм“. Одговараше на прашањата од судот, од обвинителката Фатиме Фетаи, од одбраната, од оштетените, но најмногу одговори од него побараа родителите на момчињата убиени кај Смилковско Езеро. По осум години од убиството и по неколку средби побарани од нив со него, родителите денес се сретнаа со Заев, кој се појави во својство на сведок. Го прашаа кој и што крие за „Монструм“, што значи тоа дека имало разговори што биле „државна тајна“, дали поседува „бомби“ во кои има разговори во кои обвинети разговараат со членови на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, има ли вмешаност на тајните служби во петкратното убиство... 

Со месеци родителите постојано прашуваа кога Заев ќе дојде да сведочи на судењето и кога ќе можат да го прашуваат, на што добиваа одговор дека тоа ќе биде многу скоро. И денес пред доаѓањето на Заев во судот го поставија истото прашање, кога тој ќе се појави во судница.

Околу 11 часот поранешниот премиер влезе во судницата во новиот Основен кривичен суд, која беше претесна за сите оние што беа внатре.

Одговори на сите прашања за петкратното убиство Заев даваше околу 2 и пол часа.

Горан Наќевски, таткото на едно од убиените момчиња, го праша поранешниот премиер зошто, иако им ветил, никогаш не ги објавил „бомбите“ за „Монструм“.

На ова Заев одговори дека тоа го сторил од две причини, односно поради стравот дека може да предизвика штета и конфузија во јавноста за случај за кој имало огромен интерес, како и дека има одговорност доколку објави докази што се обезбедени со ПИ-мерки.

Поранешниот премиер појасни дека не можел да знае кои од можеби еден милион бомби, колку што рече дека добил од лица од МВР, а ги предал во СЈО во декември 2015, биле обезбедени на незаконит начин, а кои биле обезбедени по претходно издадени наредби за следење на лицата.

Наќески го праша Заев дали досега дал исказ пред обвинител или судија во врска со овој предмет, на што доби одговор дека денешното сведочење е прв пат тој официјално да зборува за случајот „Монструм“.

Родителот на едно од убиените момчиња побара од Заев да му одговори кој му ги преведувал транскриптите, односно текстуално напишаните докази за овој предмет, а поранешниот премиер појасни дека така ги добил од МВР и дополни дека прегледувајќи ги материјалите забележал дека тие немаат целина, односно дека во „бомбите“ недостигаат можеби и месеци во кои не се снимале разговори.

„Ни пративте порака што до денес ја чуваме, дека ќе ни ги дадете сите докази што судот ги крие. Господине Заев, кој и што крие за 'Монструм'? Има класери во предметот на кои пишува 'државна тајна'. Чии броеви и кои лица се тајна во оваа постапка“, беше едно од прашањата упатени од Наќевски до Заев.

На ова Заев одговори:

„Самите разговори што ги поседував јас и ги чував кај мене во канцеларијата во СДСМ вие ги посочивте како разговори што се кријат, а јас ги отворив за да ви покажам зошто е тоа така. Се криеја бидејќи соговорникот не е осомничено лице и не може туку така да се открие неговиот идентитет. Вие можете да направите увид во сè што сметате дека треба да ви биде дадено како одговор, а за тоа можете да се обратите до судот. На тој начин ќе можете да дознаете кое е тоа лице и каква е содржината на разговорот. За оној дел 'државна тајна' веројатно се работи за истото, односно дека обвинет зборува со соговорник, па мобилниот број и неговите лични податоци не се за откривање“, одговори Заев.

Во врска со тоа дали поранешниот премиер има докази и дали постои разговор меѓу осомничен и пратеник од СДСМ, ВМРО или на ДУИ, Заев појасни дека според она што тој го има како сознанија, постои разговор меѓу обвинетиот Фејзи Азири и поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта.

Наќевски му предочи на Заев дека Мухамед Зекири од СДСМ комуницирал со Фејзи Азири, а ова самиот обвинет го посочил во одговорот на прашањата од обвинителството.

Заев сведочеше дека за таков разговор ниту знае, ниту видел, ниту поседува и појасни дека Зекири е политичар од 2016, но дека никогаш не му кажал дека е пријател со обвинетиот Азири.

Во врска со споменувањето на „тајните служби“, Заев рече дека нема информации за такво нешто во овој предмет и дека тоа го споменувал за случајот „Диво Насеље“, каде што мислел на разговор на агент во тајните служби со актери од УБК. 

„За 'Монструм' има службено лице од МВР што разговара со Васил Пишев да му пренесе некои информации на Сашо Мијалков за да се открие вистината. Тоа лице е вработено во МВР во истрагата и тие информации требало да ги предаде во МВР“, сведочеше Заев. 

Во прашањата на Наќевски споменат беше и Бујар Османи, за кого родителот посочи дека бара од поранешниот премиер да му биде одговорено дали тој поседува транскрипт и има сознанија дека Османи бил кај обвинетиот Хаки Азири. 

Заев појасни дека не е точно дека тој дал таков транскрипт, ниту пак се сеќава дека видел таков транскрипт што покажува дека Османи бил дома кај Азири.

К.Д.

Се затвораат цркви, но се отвораат кладилници.

повеќе

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе