Имал право на слободен викенд

Осудениот Нинџа кој што во затвор го чуваа специјалци излезе три дена на слобода

Александар Василевски Нинџа, правосилно осудениот за 27 април кого од пред повеќе од два месеци во затвор го чуваа специјалци, од вчера е неколку дена на слобода. Директорот на Истражниот затвор во Шутка, Филип Андов за МКД.мк потвува дека осудениот е пуштен на викенд и треба да се врати во недела до 16 часот. Според Андов, Нинџа до сега од вкупната затворска казна од 7 години, има издржано 3 години и 3 месеци.

„Кога е префрлен од КПД Штип во нашата установа пресудата на осудениот се уште не му беше правосилна, во меѓу време во средината на месец август пресудата му ставува правосилна, поточно Апелацискиот суд Скопје му ја преиначува затворската казна и од осум години му ја намалува на седум години. Имајќи го предвид тој факт како вкупното време поминато во притвор и на издржување казна затвор согласно Законот за извршување на санкции, куќен ред на осудени лица и сите подзаконски акти осуденото лице Александар Василевски исполнува услови да користи домашно отсуство со издржена 1/3 од казната и да бил во установа од затворен и установа во полуотворен вид и е пуштен на викенд осуство на 02.09.2021. Истиот треба да се врати на 05.09.2021 до 16.00ч", вели директорот на Истражниот затвор во Шутка.

Од вкупната затворска казна од 7 години осудениот има издржано 3 години и 3 месеци и по неговото враќање ќе биде сместен и ќе го задржи третманот како предходно. Од кога Нинџа е префрлен во Истражниот затвор во Шутка на издржување на казната затвор, Андов вели дека немал никакви проблеми кој се однесуваат на неговата безбедност.

МКД.мк во јули објави дека специјалци од јуни во посебно одделение во Истражниот затвор во Шутка го чуваат Александар Василевски Нинџа, правосилно осуден на затвор од 7 години за настаните од 27 април.

Од затворот во Штип овој осуден, кој беше клучен сведок и во судскиот процес во кој на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски им се суди за нарачка на настаните од 27 април, 2017 година, сега е префрлен во Истражниот затвор во Шутка, каде што има специјално одделение за лица со висок безбедносен ризик.

Одлуката за да се направи трансфер на Нинџа од едниот во другиот затвор ја донела Управата за извршување санкции, бидејќи, како што изјавија, неговиот живот бил во опасност.

Во изјава за МКД.мк директорот на Управата, Марјан Спасовски, тогаш ни изјави дека Управата за извршување санкции донела ваква одлука откако Нинџа укажал дека има информација дека ќе биде нападнат од друг осуденик за одредена сума пари, која треба да му биде исплатена на напаѓачот.

Управата за извршување санкции добила известување дека Александар Василевски Нинџа има информации дека ќе биде нападнат и требало да биде убиен со нож или шрафцигер.

Според пријавата на Нинџа и информациите што тој ги имал, во мај годинава во затворот се одржал состанок на кој присуствувале Јане Ченто, Игор Југ, Горан Ангеловски - Ќосето, Кире Ѓорѓиевски, Мартин Димовски и Раин Џемаилов, сите лица сместени во крило број 3, на кој состанок на Челебија Рамаданов му била ветена парична награда и доживотно издржување на неговото семејство доколку тој со нож или шрафцигер го прободе Нинџа во стомакот и вратот.

Осудениот Василевски посочил и дека осудениот Ајрула Мемедов добил нарачка од Горан Анѓеловски-Ќосето за неговата ликвидација.

„По пријава до Управата за извршување на санкции дека на лицето Александар Василевски му е загорена безбедноста и поради сериозни закани за неговиот живот, извршен е вонреден надзор во затворот и утврдено е дека пријавата е точна. Утврдивме дека осуденото лице треба да биде сместено во Истражниот затвор во Шутка, во делот што е наменет за лица со процена на висок ризик", изјави тогаш Спасовски.

Околу затворот во Шутка има прстен од специјалци што го чуваат и обезбедуваат просторот со лица од висок безбедносен ризик. Освен Нинџа, таму се и дел од осудените за случајот Диво Насеље.

Името на Александар Василевски Нинџа се споменуваше и во други судски постапки во кои тој беше сведок. Нинџа сведочеше и во судскиот процес Детонатор , како и во случајот Ровер.

Случајот Ровер, во кој за нарачано убиство им се судеше на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, шефот на неговото обезбедување, Зоран Трајковски и уште неколку други обвинети, а во кој клучен сведок беше Нинџа, падна на Врховен суд, кој донесе ослободителна пресуда.

Во овој процес за кој претходно беа донесени две осудителни пресуди, Нинџа до детали раскажуваше за денот на убиството, иако од него беа поминати повеќе од 10 години.

 За првата постапка за настаните од 27 април, Нинџа беше осуден на затворска казна од 8 години, а Апелацискиот суд Скопје му ја намали казната за една година. Тој во текот на постапката со часови зборуваше за настаните пред и за време на „крвавиот четврток" и ги спомена речиси сите обвинети лица во својот исказ.

К.Д.

 

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе