Извештај на Хелсиншкиот комитет

Опериран притвореник одејќи на патерици паднал во тоалет во затворот во Шутка

Притвореник во Истражниот затвор во Шутка револтиран од лошите услови и несоодветниот третман кој го добил по операција на колено, побарал помош од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Во Извештајот за месец август, 2019 година не се наведува идентитетот на притвореното лице, но се наведени детали околу тоа што е утврдено и што стои во претставката.

Според Извештајот, повеќе од три месеци притвореникот бил во лоша здравствена состојба во Истражниот затвор во Шутка, без соодветна медицинска грижа и терапија која е потребна за неговата состојба.

Во претставката е наведено дека лицето извршило операција на коленото а за ова бил изготвен вешт наод и мислење. Вештачењето утврдило дека во установата каде што ја издржува мерката притвор не постојат услови за негова рехабилитација и соодветна нега по извршената операција.

При одлучување на мерката притвор ништо не било земено предвид, со што пост-оперативното заздравување на лицето било доведено во прашање.

„Како последица од операцијата, лицето се движи со патерици, а поради несоодветните услови во затворот, при обавување на хигиенски потреби паднал и се здобил со повреди, по што бил пренесен на преглед во здравствена установа и повторно вратен во КПУ Затвор Скопје“, е наведено во Извештајот. 

Одбраната до судот има поднесено предлог за укинување на мерката притвор и замена на истата со куќен притвор и понудена гаранција од 103.000 евра во денарска противвредност, по кој што предлог повеќе од 4 месеци нема конечна одлука. Во прилог на претставката беа доставени жалбите и решенијата по предлог за продолжување на мерката притвор.

Од увидот во документацијата од Хелсиншкиот комитет е утврдено дека сите четири решенија се формални и непоткрепени со докази за наводите во нив, дотолку повеќе секое решение е всушност препис на претходното. 

Хелсиншкиот комитет ги следи состојбите во затворите

Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамките на својата мисија и визија ги следи состојбите во затворените институции во поглед на заштитата на човековите права на лицата кои што се лишени од слобода.

Ваквата пракса е евидентирана и при посетите на казнено поправните установи, каде што претставниците регистрираа повеќе случаи на употреба на мерката притвор во услови кога постојат услови за определување на други мерки согласно Законот за кривична постапка. Особено проблематичен феномен кој што беше забележан, е неотстапувањето од мерката притвор од страна на судот, односно негова замена со други мерки на обезбедување, во услови кога лицето се наоѓа во тешка здравствена состојба. Во посетата на КПУ Затвор Прилеп, Хелсиншкиот комитет регистрираше два случаи каде што лица во тешка здравствена состојба и покрај укажувањата на затворската управа дека не постојат услови за нивно соодветно лекување во установата, надлежниот суд не отстапуваше во примената на мерката притвор.

Со притворот се обезбедува присуство на обвинетиот и успешно водење на кривичната постапка, но воедно притворот е најтешката мерка бидејќи со неа се ограничува правото на слобода на човекот. Мерката притвор претставува мерка на процесна присилба со која поради непречено водење на кривичната постапка се навлегува во правото на слобода и сигурност на индивидуата.

Траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време, да се користи како мерка на претпазливост во исклучителни ситуации, а не како репресивен механизам и казна.

Во таа насока, Хелсиншкиот комитет ја повторува препораката и ги повикува Судовите при изрекување на мерката притвор сериозно и со должно внимание да ги земат во предвид насоките и препораките дадени од страна на Европскиот Суд за човекови права.

 

К.Д.

 

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе