На рочиштето за „27 април“ се изведуваат докази

Одбраната тврди дека мобилните телефони биле вештачени од нелиценцирани вештаци

Судот го прифати барањето на одбраната за сослушување на началникот на дигитална форензика во МВР, во врска со изработените вештачења презентирани на претходните рочишта, но не прифати нивно одвојување од листата на докази.

Денешното рочиште на судењето за организаторите на настаните од 27 април во Собранието, продолжува со изведување на материјални докази од одбраната, а Маријан Стоилковски – началник во МВР за време на изготвување на вештачењата на мобилните телефони ќе биде дополнително повикан и сослушан, објави МИА.

Судијата Илија Трпков рече дека се прифаќа предлогот Маријан Стоилковски, вработен како началник на дигитална форензика во МВР да биде сослушан како сведок.

„Предлогот од листата на докази да бидат издвоени исказите на тројцата сведоци за вештачењата кои ги изработиле како вработени во МВР се одбива како неоснован. Одбраната може да ги побие и повика свои сведоци кои може да ги побијат ваквите докази“, изјави судијата Трпков.

Адвокатот Еленко Миланов, на почетокот на денешното рочиште, побара судот да ги издвои од листата на докази вештачењата претставени на претходните две рочишта, бидејќи како што рече, сите тројца пред судот кажале дека немаат лиценца на вештак.

„Ниту институцијата која овие тројца ја претставуваат нема лиценца за вршење телекомуникациски и дигитални вештачења“, рече Миланов.

Пред да се продолжи со изведување на докази од одбраната, рече дека бара во судот да бидат повикани и сослушани одговорните лица кои ги потпишале и одобриле овие вештачења.

Јавната обвинителка Ивана Трајчевска побара да не биде прифатен предлогот на одбраната, нагласувајќи дека станува збор за докази од кои ќе се утврдат релевантни работи важни за случајот, а кои не се прибрани на незаконит начин.

„За да ги извршат вештачењата лицата требале да имаат познавања и сертификати за работа со одредени софтвери кои се меѓународно признати и кои, овие лица ги поседуваат. Затоа предлагам судот да не го прифати барањето на одбраната“, изјави Трајчевска.

Барањето на одбраната за сослушување на одговорните лица од каде се изработени вештачењата, рече Трајчевска, е само со цел за одолговлекување на постапката.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе