Владеењето на специјалната обвинителка

Од шефица до притвореничка: се заколна на чесност, заврши во притвор

Нејзината кариера како шефица на СЈО заврши. Сега таа е притвореничка, а за нејзината иднина ќе одлучат судовите: дали ќе излезе на слобода и ќе си го обели образот, како што сама велеше во обраќањата пред јавноста, или пак деновите ќе ги минува зад решетки, онаму каде што требаше да ги смести обвинетите од своите предмети на буквата „Т“.

„Изјавувам и се колнам дека во вршењето на функцијата јавен обвинител ќе го почитувам Уставот на Република Македонија, законите и меѓународните договори“, рече Катица Јанева на 16 септември 2015 пред медиумите и јавноста во Советот на јавни обвинители. Им се заблагодари на сите политички и меѓународни фактори што застанаа зад нејзиниот избор. На функцијата шеф на СЈО стапи со насмевка и со ветување дека ќе работи во интерес на правдата и во неа надеж видоа речиси сите. Дури и политичките ривали Зоран Заев и Никола Груевски беа едногласни во ставот дека изборот на Јанева ќе води кон правда.

Премиерот Зоран Заев гласно и оптимистично говореше дека чека резултати и дека со изборот на Јанева за специјален јавен обвинител ќе има резултати. И Никола Груевски го изрази своето задоволство од изборот на Јанева за специјален јавен обвинител, но и од донесувањето на Законот за специјално обвинителство.

 

Симбол на надеж

На средината на септември 2015 година оваа жена, облечена во црна тога со црвено на ракавите и со знакот на правдата од левата страна, донесе надеж дека правниот систем ќе функционира и дека сите оние за кои постојат „бомби“ и докази дека згрешиле пред законот ќе завршат зад решетки. В раце ги држеше „тешките зборови“ на заклетвата, кои ѝ дадоа моќ, но и огромна обврска да ја оправда својата функција пред јавноста.

Во почетокот на судските постапки, кога таа и нејзиниот тим се појавуваа на судските рочишта, постојано беа пред медиумските камери со оптимистички изјави за борба со криминалот. Но како што минуваше времето, така стивнуваше интересот на специјалните обвинители за давање изјави. Никој никогаш конкретно не кажа дали тоа е по наредба на нивната шефица или е одлука на секој поединечно.

Јанева имаше неколку изјави што останаа запаметени во јавноста: онаа во која повеќе од 10 пати им вели „Отвори“ на портирите во МВР, онаа кога на новинарско прашање дали може да биде сменета пред истекот на мандатот зачудено вели: „Како мислите да ме сменат? Мене не можат да ме сменат“, како и онаа дека повеќе нема да доаѓа на седниците, освен на пленарните, па на крајот изјавува: „И да знаете, сега ќе станам и ќе си одам“, по што си заминува од седницата на комисијата.

 

Последната карта

Угледот што ѝ го даде функцијата вчера пред очите на јавноста се урна како кула од карти. Додека ја носеа од Истражниот затвор во Шутка до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција рацете врзани со лисици ѝ беа стегнати до телото, а во дланките стискаше црвена мала чанта.

Претходно, како што ѝ личи на една специјална јавна обвинителка, изгледот на Јанева беше дотеран, со шминка и фризура. Но вчера од Истражниот затвор во Шутка беше спроведена како притвореничка. И да, точно е дека има многу притворенички што од ќелија до обвинителство или до суд знаат да стават шминка, да излезат со фризура и да бидат онакви какви што биле пред приведувањето, но Јанева одбра да испрати друга порака и да излезе во поинакво светло.

Патот по скалите кон канцеларијата на Вилма Русковска во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ѝ го покажуваше жена од затворската полиција. Но овој пат Јанева не чекореше кон патот на успехот, како пред 4 години кога ја доби функцијата, туку како да чекореше кон патот на падот.

Иако беше донесена за на обвинетите за криминални дејства што беа дел од прислушуваните разговори да им го покаже патот кон затворот, на крај таа самата заврши во притвор.

Во текот на истражните и судските постапки должност е да ја почитуваме пресумцијата на невиност и ќе се оградиме од тоа дали таа има вина или не, сè додека судот не пресече со правосилна судска одлука. Но факт е дека Јанева во овој период ја живее тезата дека „Животот е тркало и знае од врвот да те бутне на дното“.

Таа вчера се најде на местото на оние за кои до пред некое време беше овластен тужител. Сега не само што нема ингеренции да ги гони, туку доживеа да почувствува како е од другата страна на решетките.

Ако за време на нејзиниот избор зад неа застанаа сите политички и меѓународни фактори, за време на нејзиниот „пад“, односно апсењето, зад неа застана ниту еден обвинител од тимот што таа сама го одбра.

Специјалните обвинители, вкупно 11 на број, се оградија од сите нејзини постапки и кога тимски се собраа да дадат изјава по апсењето на својата шефица, никој не го спомена нејзиното име. Нивниот став беше дека постапките на поединци не се генерална оценка и слика за работењето на целиот тим на СЈО.

 

По 4 години двајца обвинети зад решетки 

Во текот на својата четиригодишна кариера во СЈО, Јанева успеа зад решетки да ги испрати само Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер во МВР и бизнисменот Сеад Кочан. 

Груевски, иако осуден, побегна во Будимпешта, а осудената поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска не е во затвор оти доби одложување на издржување на затворска казна.

Од притвор со позитивно мислење на Јанева беа ослободени и Орце Камчев и Сашо Мијалков.

Сега тие се на слобода, таа во притвор, а токму Камчев е главниот „заслужен“ за тоа што Јанева доби статус на осомничена во „Рекет“.

За волја на вистината, вчерашното спроведување на Јанева со лисици на раце е слика на едно општество во кое очигледно не секогаш оние на кои им се дава моќ се оние што ќе возвратат со моќно спроведени законски решенија. Јанева не ја оправда ни поддршката што ѝ ја дадоа граѓаните носејќи маички со знакот на СЈО и со нејзината фигура, скандирајќи ѝ го името како на спасител од криминалите на тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ за кои ѝ беа предадени „бомбите“.

Јанева во неколку наврати во своите интервјуа раскажуваше дека долг и макотрпен бил процесот да ги преслуша „бомбите“, дека тоа го правела сама затворена во стан чија адреса ја знаеле само неколку лица за да ѝ го донесат она што ѝ е потребно. Рече дека ги слушала целите разговори, и оние во кои има основи на сомнение и основано сомнение за криминал, и оние во кои има лични и приватни муабети. Рече дека правела селекција и дека приватните разговори на лицата што биле предмет на прислушувањето ги знае само таа.

Јанева е во притвор за „Рекет“ и во моментов има својство на осомничена. Во ист кош со неа за обвиненијата се и шоуменот Боки 13 и бизнисменот Кичеец.

Од притвор вчера излезе само Кичеец, а во Истражниот затвор во Шутка останаа Јанева и Боки 13.

Од денес осомничените вршат увид во доказите, а по ова ќе треба двајцата притворени да дадат исказ. Откако Рускоска ќе подигне обвинение и ако тоа биле прифатено од судот, Јанева во судницата ќе седне рамо до рамо на иста обвинителна клупа со Боки 13 и Кичеец.

Нејзината кариера како шефица на СЈО заврши. Сега таа е притвореничка, а за нејзината иднина ќе одлучат судовите: дали ќе излезе на слобода и ќе си го обели образот, како што сама велеше во обраќањата пред јавноста, или пак деновите ќе ги минува зад решетки, онаму каде што требаше да ги смести обвинетите од своите предмети на буквата „Т“.

Катерина Додевска

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Среда, Септември 25, 2019 - 14:22

Бидејќи знаеме да се перчиме со секој што потекнал од нашиве простори, дури и до илјадито колено наназад (од Аминта III до Симона Халеп), јас ќе ја искористам приликава за да се погордеам со македонските гени на еден извонреден музичар: Васил Хаџиманов.

повеќе

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

повеќе

Наместо ефтини штосови на прес конференциите на СДСМ, ВМРО и ДУИ, на кои во несвест паѓаат само  партиските послушници, нивните лидери треба да одговорат на конкретни прашања.

повеќе