Судење за „Плацови на Водно“

Од бизнисменот Алек Теранова, Груевски од Унгарија барал да купи стан за сопругата и децата

Бизнисменот Александар Ивановски познат како Алек Теранова, во своето денешно сведочење за случајот „Плацови на Водно“,  рече дека во 2018 година му се јавил Груевски од унгарски телефонски број за да купи стан за својата сопруга, која со децата сакала да живее во него.

Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта, во 2018 година од унгарски број контактирал со бизнисменот Александар Ивановски – Алек Теранова, за да се распраша дали тој имал станови за продажба во центарот на Скопје, откри бизнисменот во денешното сведочење во Основниот кривичен суд во Скопје на рочиште за предметот „Плацови на Водно", пренесува 360 Степени. 

„Беше заинтересиран да земе за неговата сопруга, зашто сакала да се пресели со децата. Му кажав дека немам станови во Центар, но дека имам една зграда во Аеродром која ќе биде готова кон крајот на 2020 година", рече Ивановски..

Потоа бизнисменот рече дека уште еднаш добил повик од унгарски број во десетти или единаесетти месец во 2020 година, но тогаш не го слушнал телефонот и не одговорил.

На прашање на обвинителката Лиле Стефанова дали тој телефонскиот повик бил откако бизнисменот давал исказ во обвинителството за случајот „Плацови на Водно", Ивановски одговори: „Мислам дека да".

Бизнисменот претходно сведочеше како е формирана фирмата „Сирах инженеринг", која е ќерка фирма на офшор-компанијата „Сирах ин" од Кипар, која потоа ги купила парцелите од околу 11 000 квадратни метри.

„Имам преземено некои активности во врска со таа фирма и тоа по замолница на мојот добар пријател Сашо Мијалков, кој ме замоли за негов пријател да потпишам полномошно за основање на таа фирма во Македонија", сведочеше Ивановски кој кажа дека отпосле дознал оти за управител е назначен обвинетиот Ристо Новачевски.

За плацовите на Водно рече дека дознал случајно од адвокат кој му понудил да ги купи за 1,5 милион евра, а сопственици биле повеќе лица од Црна Гора, кои го добиле земјиштето по пат на денационализација. Меѓутоа, откако проверил во Катастар дека тоа земјиште не е во градежен реон, тој изгубил интерес. Потоа, пред група луѓе, меѓу кои и Мијалков, според неговото сведочење, споменал за тоа земјиште.

„По еден и пол месец, ме повика Сашо и ме праша дали е продаден и дали уште се продава. Јас му одговорив дека треба да се провери и го прашав зошто, а тој ми рече дека има пријател кој е заинтересиран да го купи и дали може да стапиме во контакт со луѓето што го продаваат. Како што се сеќавам, го повикав адвокатот, се видовме и му реков дека ако плацот не е продаден има луѓе што се заинтересирани да го купат",

рече Ивановски по што стапиле во контакт со сопствениците.
Откако договориле да се купи земјиштето, бизнисменот Новачевски и извесен Горан од Црна Гора, кој бил полномошник на сопствениците, биле кај нотар да потпишат за земјиштето кое го купила фирмата „Сирах инженеринг". За парите да легнат, како што рече, чекале два дена.

„Во 2015 година, кога излегоа 'бомбите', тие плацови се спомнуваа во неколку наврати и во тој момент се видов со Сашо и му реков: 'Мислев дека плацовите се за тебе, ама стварно не биле за тебе', а тој само рече: 'Да, гледаш дека не се за мене, гледаш не сум те лажел'", сведочеше бизнисменот.

Потоа, во сведочењето кажа оти од медиумите дознал оти во 2015 година земјиштето било купено од фирми на Камчев.

„Во една пригода, чисто другарски, го прашав кај него во канцеларија: 'Што ти требаше да го купиш кога е озрачен', а тој ми одговори: 'Мора, зошто да не'", сведочеше бизнисменот.

Покрај за оваа парцела, тој сведочеше и за купувањето на уште еден плац на Водно преку фирмата „ИКТ инженеринг", која било специјално формирана за таа намена, а како основач била неговата лична секретарка Татјана Стојановска.

„Во еден разговор со Сашо Мијалков ми беше посочено дека ќе има продажба на државни плацови на Водно и дека не е лошо да се формира нова фирма со која би се учествувало и дека тој плац треба да се купи. Ми рече дека е за негов пријател. Целата поента беше јас да се јавам како купувач, да инвестирам сопствени средства, а во одреден момент таа фирма да се продаде и јас да си повратам средствата", рече Ивановски.

На прашање на обвинителката Лиле Стефанова дали потоа дознал кој е пријателот, бизнисменот одговори дека заклучил по логика.

„Откако беше завршено јавното наддавање, таа фирма го зеде плацот и по извесно време бев замолен преку таа фирма да се купи стан што граничи со становите каде што живее Никола Груевски за никој друг да не може да го купи и во иднина тој да го користи. Потоа сфатив логички дека штом истата фирма купува стан што се граници со тогашниот стан на Груевски, по логика на нештата, си реков дека и овој плац бил за него",рече Ивановски кој кажа дека тој го платил станот од негови пари, на родителите и од кредити.

Тој зборуваше дека му е познато оти претходно, во 2008 година од Мијалков бил замолен да најде лице од доверба што би купило друг стан, соседен на тој каде што живееше Груевски. Тоа лице што го нашол била секретарката, на чие име потоа била регистрирана и фирмата која го купила плацот и другиот стан за кој претходно сведочеше.

„Во 2008 година бев замолен од Сашо да најдам лице од доверба за да може да купи стан за Груевски, а де факто тој стан да не биде на негово име туку на некој друг. Парите беа дадени најверојатно од господинот Груевски или не знам од кој. Станува збор за сума од 40 000 евра", рече Ивановски.

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе