Три месеци случајот со голите фотографии тапка во место

Од 5.600 члена во Јавна соба 2 нема ниеден осомничен, Телеграм не му ги дава на ОЈО податоците за профилите

Цели три месеци социјалната мрежа Телеграм не одговорила на барањето и не ги доставила реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата Јавна соба 2. И покрај тоа што барањето на Обвинителството преку МВР е испратено на 27 јануари годинава, Основното јавно обвинителство Скопје не добило одговор на барањето за податоците што на обвинителите им се неопходни да го утврдат идентитетот на оние што злоупотребија податоци, објавуваа фотографии од голи девојки, лични податоци, адреси, телефонски броеви, профили на социјалните мрежи...

За овој голем случај, за кој сите надлежни се кренаа на нозе, а беа одржани и мирни протести со цел да се подигне свеста за ваквиот вид злоупотреби и психичко насилство врз жените, од вкупно 5.600 члена што во јануари се најдоа во групата Јавна соба, три месеци по обелоденувањето на овој случај нема ниту идентитет на осомничен.

Од Обвинителството за МКД.мк велат дека за да може да се утврди идентитетот на оние што се креатори на групата и на оние што членувале во неа и тоа да може да постапува, неопходни се податоците од Телеграм.

„Случајот Јавна соба 2 е во фаза на предистражна постапка. Основното јавно обвинителство Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27 јануари се обрати до Меѓународниот сервис провајдер за услуги – Телеграм, за да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. До овој момент од социјалната мрежа Телеграм не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група. Од тие причини, Јавното обвинителство ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош, па согласно со позитивните домашни и меѓународни прописи, податоците ги побара од Обединетото Кралство. До овој момент не е пристигнат одговор на ова барање“, велат во одговорот од Обвинителството за МКД.мк.

Засега нема ниту правна квалификација на кривичното или кривичните дела за кои може да се гонат сторителите, кои исто така не се најдени.

„Во зависност од обезбедените вербални и материјални докази во текот на претходната постапка во овие предмети поврзани со групата Јавна соба 2, ќе биде одредена и правната квалификација што ќе произлезе за наведените кривично-правни настани“, ни појаснија од Обвинителството.

Предметот за Јавна соба 2 сѐ уште е во предистражна постапка, во која обвинителот може да ја отфрли кривичната пријава или да отвори истрага, која може да трае најмалку 6 месеци, а која јавниот обвинител треба да ја заврши кога ќе оцени дека состојбата на работите е доволно разјаснета за да може да подигне обвинение или да ја запре истражната постапка.

За да утврдат кривична одговорност, на овој случај работат повеќе обвинители од обвинителствата во Велес, Битола, Кавадарци и Прилеп, кои до сега издале наредби за вештачење и барање за обезбедување податоци.

Но отворањето истрага, а потоа покренувањето обвинителен акт, се чини дека засега се далеку.

И постапката за првата ваква афера, која се води под името „Јавна соба 1“, траеше цела година, кога во притвор завршија креаторот и администраторот на групата.

Двајцата биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини што се споделуваат од членовите на групата. Но тие, според Обвинителството, со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.

Во оваа истражна постапка осомничените добија кривични пријави за кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија по член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. 

Кога случајот со „Јавна соба“ се појави во јавноста, реагираа и премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски, министерот за правда Бојан Маричиќ.

Премиерот Заев ги повика владините надлежни институции да ги забрзаат измените во законската регулатива, сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик со мерки за итно постапување на овие случаи, со цел да се оневозможат идни „јавни соби“. Тој повика на поголема застапеност на жените на сите нивоа во државата и истакна дека во неговиот кабинет жените се позастапени од мажите.

„Избирам да предизвикам да ја менуваме културата на третманот кој жените го имаат во нашето општество. Се придружувам во повикот Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство. Немаме повеќе ни минута за губење. Жртвите мора да бидат заштитени“, порача премиерот за 8 март.

Маричиќ најави дека ќе се менуваат закони за да има поголема безбедност за жртвите како оние од „Јавна соба“, но и построги казни.

„Сега е на потег обвинителството, да го расчисти овој случај по судски пат, има доволно материјали кои се предадени во обвинителството. Ние како институции кои ги предлагаме регулативите, oна што може сега да го направиме и го правиме е веќе внесување на предлог измени во Кривичниот законик. Сите овие прашања се покриени и во Истанбулската конвенција и врз основа на нејзина имплементација внесуваме нови кривични дела како што се 'демнење' и 'полово вознемирување'“, кажа Маричиќ во февруари.

Згрозен од овој настан беше и претседателот, Стево Пендаровски, кој порача дека со овој случај во кој фрапантно се крши приватноста на илјадници жени и девојчиња, понижување, сексизам и насилство, се оставаат трајни последици на нивните животи.

„Барам од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно со законските прописи. Одговорност мора да има во најкус можен рок. Доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви. Како општество, секој од нас треба да покаже солидарност и поддршка на жртвите, да не дозволиме двојна виктимизација. Да дејствуваме веднаш!“, рече тогаш Пендаровски, коментирајќи го случајот со Јавна соба.

Изјава имаше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој порача дека за Јавна соба ќе се работи и ќе се идентификуваат и апсат уште лица.

„Работиме заедно со обвинителството во обезбедувањето дополнителни докази што ќе бидат докази во постапката. Трагаме по уште лица, имаме идентификувано уште лица што во наредниот период ќе бидат приведени и да дојдеме до оние што ја креираат оваа група и оние што злоупотребуваат лични податоци во групата“, изјави во јануари Спасовски.

Тој и тогаш потврди дека до Телеграм неколку пати биле доставувани барања од обвинителството, но оттаму немало никаков контакт. Вакво искуство имале и другите држави што испратиле барања, но не добиле одговор, што оди во прилог на злоупотребите на платформата.

Спасовски рече дека е можно целосно „банирање“ на групата од страна на државата, бидејќи постојано се креираат групи од лица што имаат сериозни намери да ги нарушат личните податоци на одредени лица.

Жените-активистки за човекови права од балканскиот регион побараа од надлежните институции да постапуваат согласно нивните овластувања за темелно и неодложно да го истражат случајот со групите на платформата Телеграм (како Balkan room, Јавна Соба, Гевгелија Хаб, Српска соба, Смоква и други), да ги санкционираат сторителите и да ги заштитат жртвите од понатамошна виктимизација.

Институционалниот молк, според нив, праќа порака дека насилството врз жените се толерира, дека не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми.

На жените чии фотографии и податоци се најдоа во Јавна соба Разговор.мк, онлајн-платформата за анонимно советување со лиценцирани психолози, којашто е мрежа од над 30 лиценцирани психолози се понуди да овозможи бесплатно советување и психолошка поддршка на сите девојки чија доверба била злоупотребена од членовите на групата „Јавна соба“.

И се чини дека за сега овој случај остана само на психолошко советување на жените и девојките, но и на срамот и линчот што го трпат од средината во која живеат и која често знае да ги осуди.

Постапката за „Јавна соба 2“ засега е далеку од судска завршница.

К. Додевска 

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе