Завршни зборови за случајот „Монструм“

Очевидците во обвинетите не препознаа убијци кои носеле црни униформи и автоматски пушки, тврди Рауфи

На денешното рочиште за случајот „Монструм" во завршен збор адвокатот Насер Рауфи кој ги застапува дел од обвинетите, посочи дека има неколку настани кои укажуваат на тоа дека овој случај бил исконструиран, а обвинението кое го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, немало ниту основи на сомнение, а не па основано сомнение.

„Веднаш по дознавањето на овој злостор истата вечер, уште пред да биде известен и ЦИК, месното население од населбата во која живееле убиените, одржа протести за овој злостор и ги обвинија Албанците. Прашањето е какви сознанија имале овие протестанти, па веднаш да излезат да протестираат и да посочат кој се наводни виновници. Постоело смислено сценарио да бидат таргетирани токму Албанците", рече адвокатот Рауфи.

Тој во кошот на оние кои, како што рече Рауфи, биле учесници во хајката за „Монструм" ги стави и дел од медиумите, како и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Според Рауфи, медиумите биле непрофесионални и учествувале во оваа хајка.
„800 специјалци на 1 мај, 2012 година ги апсеа овие лица, а заедно со нив и други лица. Во оваа акција беше и една баба која јас ја бранев. Сите завршија во притвор. Се одржа прес-конференција и се зборуваше дека се фатени убијците и фатени се монструмите. Министерката Јанкулоска изјави дека се уапсени извршителите на масакрот кај Смилковско езеро. Со оваа изјава таа веднаш ги осуди и ја прекрши презумцијата на невиност", истакна Рауфи во завршен збор.

Ваквиот тек на настаните и кршењето на презумцијата на невиност, според него резултирала истражната постапка да биде конструирана и водена од МВР.

„Овие 6 лица, на кои подоцна ќе им се приклучи и Сами Љута, беа обвинети и прогласени за терористи од почеток. Во текот на постапка беше докажано дека тие не се членови на никаква терористичка група. Проверката ја направило ФБИ и тие не биле припадници на терористичка група. Ова во завршен збор го кажа и обвинителката Фатиме Фета, односно таа посочи дека извршителите по занимање не се терористи. Не сум чул дека некоја може по занимање да биде терорист", додаде Рауфи.

Според одбраната Обвинителството не дало доволен простор за тоа дека единствените свидетели тврдат дека ги виделе сторителите, но не ги препознале нив во ликовите на обвинетите.

„Овде во судница дојдоа четворица сведоци кои биле очевидци. Сите беа Роми и чесни луѓе. Сведочеа дека обвинетите не се оние кои ги виделе на местото. Во судница раскажаа дека убијците носеле исти тегет или црни униформи, со панцири и автоматски пушти и не биле маскирани. Детално ги опишаа, а ги виделе на 10 метри. За време на распитот на овие сведоци тие беа соочени со еден по еден поединечно со секој обвинет. Сите одговорија дека лицата кои се во судница не се тие кои ги виделе на местото на настанот", кажа Рауфи во завршниот збор.

Адвокатот истакна дека поголемиот дел од јавноста се сомнева дека настанот е исконструиран , а за тоа одговор беа и протестите кои се одржаа за случајот „Монструм".

Судењето е во тек. 

 

К.Д.

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе