Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека мора да се покаже каде е пропустот, во кој дел од системот има проблеми при вакви случаи и системот да се консолидира за да не ни се повторуваат вакви настани.
„Истрагата мора да покаже дали некој помогнал и кој е тој и да се види каде е проблемот во целокупниот систем на функционирање, за да бидеме осигурани дека правдата ќе биде задоволена. Треба сериозно размислување како ќе се продолжи и понатаму и во овој случај и во другите случаи во кои е осомничен Мијалков“, рече Спасовски.
На изјавата на обвинителката Вилма Русковска дека не верува оти Мијалков може вторпат да избега, Спасовски смета дека, како што рече, ако еднаш посегне да украде, може да украде вторпат, ако еднаш се обидел да избега, може да избега и вторпат…
МВР ќе го обезбедува Мијалков и секој друг што е обвинет врз основа на решение на судот, од моментот на изрекување на решение за притвор, па сѐ до моментот на завршувањето на притворот.
На прашањето дали странски служби и дел од наши пријателски и влијателни амбасади беа вклучени и помогнаа во пронаоѓањето на Мијалков, министерот Спасовски потенцира дека институциите на системот во РС Македонија функционираа координирано и заеднички со цел да биде обезбеден и изведен пред правдата.