Обвинителот поднесе жалба на пресудата за ослободување од вина на инвеститорите на куќите под хотелот „Радика“ во Леуново

На 28 јули Основното јавно обвинителство Гостивар вложи жалба на првостепената пресуда со која обвинетите татко и ќерка, Шериф Рамука и Блерта Рамука од Косово и правното лице „Радика резорт" ДООЕЛ село Леуново Општина Маврово и Ростуше беа прогласени за невини. Шериф и Блерта Рамука, според првостепената пресуда на гостиварскиот суд, не се виновни за изградбата на диво на бунгалови на брегот од Мавровското Езеро. Судијата на Основниот суд во Гостивар Даут Рустеми проценил дека не се докажало дека обвинетите го сториле кривичното дело бесправно градење.

Јавен обвинител кој го застапувал обвинението е Хазби Исеини од Основното јавно обвинителство Гостивар. Пресудата е донесена на 4 јули, а јавно објавена на 7 јули. Во неа се вели дека застапникот на обвинението не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото за кое се обвинуваат.

За овој случај МКД.мк пишуваше во неколку наврати. Еве само дел од податоците за неправилностите при изградбата на куќите под хотелот „Радика“ во Леуново.

Лани на 15 септември издадено беше решение за уривање на девет куќи под хотелот „Радика" кај селото Леуново, Маврово. По ова решение никој не постапи – ни инвеститорот, ниту пак општината. Подоцна второстепената комисија на Владата за инспекциски надзор го поништи ова решение со образложение дека имало повреда на постапката на овластениот градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше.

Под хотелот Радика се изградени 17 вили, девет се во градба, а планот е тука да се изградат вкупно 87 типски објекти на земјиште кое Општината Маврово Ростуше му го продала на сопственикот на хотелот „Радика". Инвеститорот, според решението на градежниот инспектор од Општина Маврово Ростуше нема одобрение за градба и имаше 15 дена рок сам да си ги урне дивоградбите.

И Електрани на Северна Македонија, државната компанија која стопанисува со Мавровското Езеро има негативно мислење за градба во тој дел од крајбрежјето затоа што е во појасот забранет за градба според котата на нивото на езерото.

Освен тоа, од здружението на граѓани Спас за Маврово веќе подолго време алармираат на тоа дека ниту еден инвеститор на новите градби околу Мавровското Езеро не ја исполнил законската обврска да побара мислење од Министерството за заштита за животна средина и од Националниот парк Маврово. Се работи за законска обврска која општината на чело со градоначалникот Медат Куртовски не ја спроведува.

На 14 февруари годинава Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, по пријава на здружението Спас за Маврово, донесе решение со кое се задолжува градоначалникот на Општина Маврово Ростуше да го укине АУП-от за градежната парцела која е во сопственост на Радика резорт каде што се планира изградба на 87 викендици.

АУП-от бил потпишан од градоначалникот Медат Куртовски на 17 мај 2018 година. Четири години потоа, на 23 март годинава, истиот Куртовски, по решението на Државниот инспекторат, морал да се потпише на решение за укинување на тој АУП. Ова значи дека 17 веќе изградени викендици под хотелот „Радика“ во Леуново се легални, 9 треба да се уриваат, а плановите за изградба на останатите 61 се укинуваат.

Лани во декември и Државниот инспекторат за животна средина потврди дека Архитектонско-урбанистичкиот проект (АУП) со кој се предвидува изградбата на 87 луксузни куќи во рамките на „Радика вилиџ“ во село Леуново е донесен без водостопанска согласност.

Тимот на Националниот конзерваторски центар на недвижното културно наследство на Македонија во мај откри голем број повреди на законските одредби во археолошкиот локалитет „Долномаалски гробишта“ во мавровското село Леуново. Увидот бил направен по барање на Месната заедница Леуново и на здружението на граѓани Спас за Маврово, кои цело време тврдат дека тука се гради на регистрирано археолошко наоѓалиште, каде што некогаш бил средновековниот манастир Клетовник. Секторот за урбанизам на општина Маврово Ростуше без никаков проблем издавал одобренија за изградба на регистрирано археолошко наоѓалиште. Во извештајот на Националниот конзерваторски центар Скопје се вели дека локалитетот „Долномаалски гробишта“ бил евидентиран во евиденцијата на НУ Национален конзерваторски центар на недвижно културно наследство на територијата на Република Македонија – археолошки локалитети под бр 4-807-047/160 ЕНД како средновековна црква.

А.Д.

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе