Исти барањата и пред Апелацискиот суд

Обвинетите од „Диво Насеље“ не отстапуваат, тврдат дека пресудата е сценарио на Груевски и Ахмети

Неправосилно осудените од „Диво Насеље“ кои поднесоа жалби на првостепената пресуда за случајот денес одлучија да ја бојкотираат јавната седница закажана од Апелацискиот суд. И покрај тоа што добија шанса да образложат зошто не се согласуваат со одлуката на судијката Верка Петковска која им изрече високи затворски казни, од кои дел доживотни, денес одлучија да ја напуштат судницата.

Нивното барање кое беше напишано на албански јазик на три страници и за кое претходно настанаа кавги и расправии со судиите беше предадено на апелациската петорка и заврши во папката на предметот за Диво Насеље. Обвинетите заминаа во истражниот затвор во Шутка и во затворот во Идризово од каде утрово во придружба на затворска полиција и специјалци беа донесени во судот.

 Во големата сала во Врховниот суд, онаму каде што пред една година им беа изречени затворските казни од првостепениот суд, обвинетите влегоа први. Како и во првата постапка, така и денес, судницата ја обезбедуваа припадници на единицата за специјални задачи „Тигар“. Влегувањето на апелациските судии ги крена присутните на нозе, прво по наредба на судската полиција како што е ред да се стане кога влегуваат судии, но вториот пат поради тензиите кои со пцовки и навреди кон судот ги предизвикаа обвинетите. Гласното викање на дел од обвинетите, проследено со навреди, беше упатено прво кон судиите, а потоа и кон преведувачката на која ѝ велеа да замолчи. Судот не го признавале, а на преведувачката ѝ забрануваа да преведува од албански на македонски, тврдејќи дека се наоѓаат во Албанија. На укажувањата на судот дека ќе ги добијат сите права кои ги предвидува законот, само треба да почекаат се да биде внесено во записник, обвинетите одговорија дека немаат намера повеќе да чекаат оти четири години чекале да прозборат и да ја кажат, како што рекоа денес, вистината за Диво Насеље. Не се откажаа од барањето во судот за овој предмет како сведоци да бидат повикани Сашо Мијалков, Никола Груевски, Стојанче Ангелов, Али Ахмети, Садула Дураки, Ѓорге Иванов, Гордана Јанкулоска... Вакво барање обвинетите имаа и во првостепената постапка, но им беше одбиено од судијката Петковска. И во барањето кое денес го предадоа на апелациските судии обвинетите велат дека Диво Насеље е сценарио на режимот на Груевски и Ахмети.

„Пресудата ‘Диво Насеље‘ е режија на Никола Груевски и Али Ахмети. Во текот на годините на истрагата ѝ е дадена друга насока и таа отиде во слепа улица. Срамно е тоа што беше ветено дека ќе има меѓународна истрага, но сѐ уште нема реализација. На кого му пречи вистината за Диво Насеље?“, стои во барањето од обвинетите до второстепениот суд.

Во ова барање тие остануваат на тврдењето дека во Македонија во 2015 година биле дојдени за да одржат прес-конференција со цел да се реализира она што им било ветено на Албанците со Охридскиот рамковен договор, но не било реализирано. Обвинетите и сега остануваат на истото тврдење, односно дека ОБСЕ кое тогаш преговараше со нив била причината тие да се предадат.

Тензиите во судницата на самиот почеток на јавната седница ги „пресече“ судијката Цветанка Периќ која на полицајците им рече дека може да изнесат обвинетите од судница и да ги спроведат до затворите од каде утрово беа донесени. На излегување од судската сала дел од обвинетите извикуваа: „Еден за сите, сите за еден“.

По советување апелациските судии одлучија јавната седница на која останаа само тројца обвинети и адвокатите да се одржи. Судијката Периќ, читајќи дел од наводите на обвинението и првостепената пресуда, рече дека обвинетите создале група која требало да врши терористички напади во Македонија, а на која членови, освен обвинетите на кои им се суди биле и оние кои загинаа во нападите во Куманово. Секој член на групата имал своја задача, на располагање имале финансиски средства за набавка на оружје и муниција, а го користеле и оружјето од полициската станица во Гошинце. Групата имала задача да собира информации за движењето на полицајците. Дел од обвинетите во април 2015, според обвинението, направиле план и маскирани, нелегално влегле во Македонија, а на 9 и 10 мај ги извршија терористичките напади во кумановската Диво Насеље по што беа уапсени. Јавната седница е во тек, а ќе продолжи и утре.

По одржаните јавни седници Апелацискиот суд ќе треба да одлучи дали ќе ги прифати жалбите на обвинетите, односно дали ќе ги преиначи пресудите, ќе ги потврди или ќе ги укине и ќе го врати предметот на почеток.

К.Д.

 

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе