Повеќе од една година трае предистрагата

Новиот обвинител на аферата „Диамед“ не знае каде е Ден Дончев оти немал потреба да го повика, ниту да знае дали е достапен

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција повеќе од една година води предистражна постапка за Ден Дончев, поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување. Она што официјално се знае е дека до сега во отворениот предмет за Дончев во кој се истражува аферата со фирмата „Диамед" и наводна злоупотреба на службената положба постапувале двајца обвинители, како и дека тој три пати дал исказ пред обвинител, но пред оној што претходно го водел предметот. Оној што го наследил предметот и ја продолжил предистражната постапка не утврдил нови околности и немал потреба да го повика Дончев, а со тоа и да знае дали тој е достапен или не. Дончев во јавноста го нема со месеци, едноставно не се слуша за него, се повлече и никој, па ни обвинителот не знае дали е во државава или не. 

Редакцијата на МКД.мк побара одговор од Обвинителството за тоа до каде е постапката против Дончев, знае ли Обвинителството каде е тој, побарани ли се некакви мерки и има ли некаков напредок за оваа предистрага.

Од таму официјално ни беше одговорено дека за предистрагата назначен е нов обвинител, кој немал потреба да го повика Дончев да даде исказ, ниту пак обвинителот имал потреба да знае дали тој е достапен или не.

Во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција сѐ уште се постапува во предмет што е во предистражна постапка. Во текот на постапката од страна на претходниот обвинител што постапувал во предметот се издадени низа наредби по кои постапувале надлежните институции. За дел од наредбите се добиени повратни одговори, а за дел се чекаат. Лицето што е во фокус на вашиот интерес три пати даде исказ пред предметниот обвинител. Со оглед дека предметот го наследи нов јавен обвинител кој го очекува постапувањето по наредбите, во овој период не утврдил нови околности од кои би произлегла потребата да го повика лицето и да има сознанија дали истото е достапно или не“, стои во одговорот на Обвинителството.

Од таму појаснуваат дека предистражната постапка, за разлика од истражната, не е временски ограничена и рокот не е поврзан со кривичното дело.

„Лицето за кое покажувате интерес е предмет на предистражна постапка. Согласно закон предистражната постапка е постапка за собирање докази, во фаза кога кривичното дело или неговиот сторител сѐ уште не се откриени во целост. Целта на предистражната постапка е јавниот обвинител да обезбеди материјал врз основа на кој ќе може да оцени дали согласно со прибавените докази има основи на сомневање дека определено лице сторило кривично дело и во таа насока да донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката односно дали ќе донесе наредба за спроведување на истражна постапка или ќе ја запре постапката.

Откако надлежниот јавен обвинител што постапуваше во овој предмет беше избран во друго обвинителство, неговите предмети му се дадени на обвинител избран во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Новиот јавен обвинител ги разгледува сите аспекти поврзани со овој случај и во рамките на своите надлежности презема дејствија неопходни за расчистување на случајот. Во овој период, откако постапува по предметот, обвинителот не утврдил нови околности од кои би произлегла потребата да го повика лицето и да има сознанија дали истото е достапно или не. 

Во интерес на постапката и почитување на начелото на презумција на невиност, сите активности и дејствија што се преземаат од страна на надлежните органи во текот на предистражната постапка се тајни, па согласно тоа јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе можат да се споделат повеќе детали што нема да и попречат на постапката. Во однос на временскиот рок треба да се има предвид дека предистражната постапка, за разлика од истражната не е временски ограничена и рокот не е поврзан со кривичното дело“, дообјаснуваат од ОЈО ГОК за МКД.мк.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во април годинава побара меѓународна правна помош во предметот, кој е во предистражна постапка за Дончев. Од тогаш требаше да се докомплетира документацијата и обвинителот ќе ја обзнани одлуката за овој случај.

По барање на Обвинителството за организиран криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над 3 милиони денари по основ на плати, од компанијата со основна дејност за интернет-портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“. Дончев тогаш изјави дека парите што ги добил од компанијата „Ремаркет“ за консултантски услуги што ги дал за австралиската „Мегантик“ се најуредно пријавени во Управата за јавни приходи и за нив е платен данок и дека нема ништо сомнително затоа што секогаш работел според законот.

За овој случај Антикорупциската комисија отвори предмет и утврди дека Дончев нема пријавено дополнителни приходи во анкетниот лист. Дончев за овој случај ќе одговара по член 85 од Законот за спречување на корупцијата затоа што не пријавил промена на имотната состојба. Кога овој случај беше обелоденет во јавноста, Антикорупциската комисија не успеа да стапи во контакт со Дончев, па беше принудена јавно да го повика за да приложи документи што му биле побарани за приливот на неговата сметка додека бил функционер. Два до три дена подоцна Дончев се јавил на повикот и наводно објаснил зошто не ги пријавил промените во неговата имотна состојба, за што сепак ќе треба да плати казна.

Министерството за внатрешни работи уште во јануари, мината година побарало од Јавното обвинителство, Ден Дончев, тогаш сѐ уште директор на Фондот за здравствено осигурување, да биде ставен на стоп -листа, односно да бидат преземени мерки на претпазливост.

Тогаш Јавното обвинителство дало негативен одговор, а на наредните барања полицијата не добила никаков одговор.

Според тогашните информациите на МКД.мк, полицијата имала сознанија за можно бегство на Дончев откако била откриена аферата за наводниот негов рекет во аферата „Диамед“ при купопродажбата на шведската компанија „Диаверум“.

Освен тоа, познато е дека Дончев поседува два пасоши - македонски и австралиски.

К.Д

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе