Основен суд Гостивар

Не почна судењето против градежниот инспектор во Маврово-Ростуше, до обвинителот доцна стасало вештачењето

Вештачењето на обраната го одложи судењето за судскиот процес против градежниот инспектор во општина Маврово, Ќирко Џуковски (57) кој требаше да почне во Основниот суд Гостивар. Како дел од листата на доказите вештачењето одбраната го доставила до судот, а судијата Магдалена Мишковска го испратила вештачењето до Основното јавно обвинителство во Гостивар. Но, вештачењето стасало на адреса на Обвинителството на истиот датум на кој е закажано судењето, па обвинителот Хазби Исеини не успеал да се запознае со содржината на вештачењето.

„Одбраната во листата на докази доставила и вештачење од областа на архитектурата до судот. По ова судот го испратил вештачењето до ОЈО Гостивар, но вештиот наод стасал на 21 ноември, односно на истиот ден кога било закажано и судењето. Обвинителот не можел да се запознае со содржината на вештачењето, па поради овие причини следно рочиште е закажано за 23 јануари, 2023 година", одговорија за МКД.мк од Основниот суд во Гостивар.

На закажаното прво судско рочиште обвинетиот се појавил на судењето во присуство на неговиот адвокат, а присутни биле и останатите, но судењето е одложено поради неможноста на обвинителот да го разгледа вештиот наод. 

МВР во јули соопшти дека е поднесена кривична пријава против градежен инспектор кој подготвил лажен извод од план на населбата Маврови Анови, на тој начин ги измамил гостиварските надлежни органи и потоа без надомест на свое име приватизирал земјиште во населбата.

Ќ.Џ. пред 2017 година бил раководител на урбанизација во оваа општина и е обвинет за фалсификување документи и проневера на државен имот. Судскиот процес ќе го води судијката Магдалена Мишовска, а обвинител на случајот е Хазби Исеини.

Според МВР постои сомневање за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба", „фалсификување исправа" и „фалсификување или уништување деловни книги".

„Во текот на октомври 2014, пријавениот, овластен градежен инспектор во општина Маврово и Ростуше, свесно изработил и потпишал невистинит и фалсификуван извод од план на населба Маврови Анови, по што до Одделение за управна постапка Гостивар поднел барање за приватизација на градежно земјиште, а во прилог го доставил изработениот невистинит извод. Одделението за управна постапка во Гостивар во корист на пријавениот донело решение за приватизација на градежно земјиште стекнато без надомест, кое што потоа пријавениот го прикажал во Агенција за катастар и се стекнал со градежно земјиште со вкупна квадратура од 203 м², имот кој пријавениот го впишал на свое име, заведен во имотен лист. Со ваквите дејства пријавениот се стекнал со бесправна имотна корист - градежно земјиште со вкупна квадратура од 203 м² или 1.248.450 денари констатирано во извештај за проценка на градежно земјиште", соопшти МВР.

К.Д.

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе