По договорот меѓу Заев и Гаши за ревизија на завршени предмети

Не нѐ потресувајте и не ја користете смртта на нашите деца за политички поени, порачаа родителите на убиените во „Монструм“

Ревизијата е чист политички договор и нема да донесе ништо ново за случајот „Монструм". Ваков е ставот на оштетените во предметот за петкратното убиство кај Смилковските езера. Раде Славковски, таткото на убиениот Филип, и Горан Наќевски татко на убиениот Александар го делат истиот став, дека политиката не треба да се меша во судството. Тие во изјава за МКД.мк велат дека со ова, после речиси 10 години им се отвора повторно болката за загубата на нивните деца.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во преговорите за приклучувањето на партијата на мнозинството, од премиерот Зоран Заев побара Владата да испрати барање до Европската Комисија за испраќање на експерти кои ќе направат мониторинг на случаите за кои Алтернатива има сомневања за политички влијанија. Овој предлог беше прифатен и одобрена е ревизија на случаите „Диво Насеље", „Монструм", случајот со малиот Алмир Алиу...

Славковски порачува дека политичарите не може да бидат и судии и дека политичкиот договор меѓу Заев и Гаши е нефер потег кон нив.

„Ревизијата нема да донесе ништо ново, само подгрева сомнеж дека политика се меша во судството, а тоа не треба да е така. Веројатно овој договор е за да се направи Влада и нашиот случај се користи за тоа. Премиерот Зоран Заев веројатно дава се што ќе му се побара и тоа не е фер кон нас како оштетени. Со овој потег докажаа дека политика се меша во судството. Заев не може да биде и судија и да си игра со нашите деца. Потресени сме од ова што се случува , повторно ни се враќаат емоциите. Страшно е и тешко 10 години да не се реши овој случај. Се помиривме со тоа што им беа намалени казните на дел од обвинетите. Преку глава веќе ни е од судови 10 години, срамота е. Договорот кој го направија нас ни е дополнителна траума",, вели за МКД.мк Славковски

Тој додава дека за нив како оштетени со последната пресуда која беше донесена, вистината е затворена, но треба да се открие и кој стои зад целиот случај.

„За нас со пресудата во повторена постапка вистината беше затворена, но сепак има уште. Обвинителката во завршен збор со цврсти докази кажа дека тоа се вистинските сторители и ние треба да верувам на тоа . Кој стои зад овој настан, не знаеме. Политичкиот договор нема да донесе ништо ново, и очигледно е дека политиката се меша во судството и обвинителството. Пораката е да не го користат овој предмет и нашата болка за политички поени", вели таткото на убиениот Филип.

Горан Неќевски, таткот на убиениот Александар вели дека ако Заев имал да каже нешто за овој предмет, тоа можел да го стори кога беше сведок на судењето, а не на маса со политички договор.

„Моето дете е се враќа, но сепак жално е каков пример е ова за сите останати граѓани. Јас веќе нема сили да одам по судови. Заев прави договор со крв на децата и тоа е недозволиво. Ние сме мртви луѓе бидејќи живееме со болка за загубено дете. Не ми е јасно како некој може да прави политички договор со таа болка. Мојот став е дека Заев е за во психијатриска установа, а не за во политика. Заев и самиот беше сведок и Али Ахмети беше сведок. Ревизијата на овој случај е чист политички пазар и нема да донесе ништо ново. Заев имаше можност да каже она што имаше да го каже кога беше сведок на суд. Не ни е потребно повторно да поминуваме низ истото. Поминавме преку 180 судења и премногу е. Заев претходно кажуваше дека има бомби, а потоа дојде во судница и не знаеше ништо. Како да беше од друга планета. Нема веќе сила за повторно да поминувам низ истото", вели Наќевски.

Судскиот совет пред неколку дена соопшти дека нема информации за формирање некаква меѓународна комисија за мониторинг на судски случаи, но има право и обврска да укаже на доследно почитување на законите и судските одлучи. 

Од Јавното обвинителството велат дека се подготвени, како и досега, врз основа на закон да соработува со меѓународни организации и да ги спроведува одлуките на Европскиот суд за човекови права. Од Обвинителството велат дека постапуваат стручно и неселективно по сите предмети и дека се вршат сеопфатни истраги.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ за овој потег во политката, изјави дека мониторингот на судски случаи не е новитет, постојат организации кои тоа го мониторираат, а дел од ове предмети биле барани за мониторинг. 

Со договорот меѓу Заев и Гаши да се побара Европската комисија со правни експерти да помогне меѓународна истрага на некои судски предмети и тоа селективно - политички избрани, власта самата си заби нож во грбот зашто во момент кога се вели дека сме ги исполниле сите услови за почеток на преговори со ЕУ, македонското правосудство се прикажува дека е дојдено на најниските можно гранки, изјави пред неколку дена во разговор за МКД.мк универзитетскиот професор д-р Гордан Калајџиев. Според него, станува збор за распродажба на правото, за распродажба и на евроинтеграцијата, а пак во името на ЕУ!

Дванаесетти април 2012 година беше кобниот ден за четири момчиња на возраст од 18 до 21 година и за 45-годишен рибар. Со три различни типа оружје, три лица има пресудија на 5 жртви. Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ според Обвинителството им пукале од близу на момчињата, а потоа на одредено растојание го забележале и рибарот, во кој исто така пукале. И тој паднал и починал до својот автомобил, на само неколку метри од телата на четирите момчиња.

Иако до сега за овој предмет Демири и браќата Исмаиловиќ два пати добиваат доживотни затворски казни за тероризам и се посочени како директни извршители на овој настан, само еден од нив во судница ја слуша пресудата и заврши зад решетки.

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ речиси 10 година по ред успешно бегаат и се кријат од лицето на правдата. И кога на сите ни се чини дека можеби органите на прогонот се толку близу до екстрадиција на двајцата бегалци, фактите и постапките на институциите се тука да ни го докажат спротивното: дека тие не се достапни и покрај тоа што се знае нивната локација на престој. 

Косово е местото што умешно ги крие Демири и Исмаиловиќ. Факт е дека за нив има меѓународни потерници и во потрага е вклучен и Интерпол, но од двајцата бегалци во државава нема ни трага ниту глас, ниту пак екстрадиција. 

На 23 февруари, годинава Основниот суд за случајот „Монструм" изрече три доживотни казни затвор, една во траење од 15 години и една од 9 години затвор. Тогаш во случајот постапуваа обвинители од сега згаснатото Специјално јавно обвинителство.

К. Додевска

 

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе