Суд - обвинителство - полиција

МВР распиша меѓународна потерница, партијата на Села вели дека нема правда и правна држава

Никола Војминовски, осуден за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села од пред два дена не е веќе во Македонија. Министерството за внатрешни работи сѐ уште нема информации каде се наоѓа, а по наредба на Основниот суд распишана е и меѓународна потерница по Војминовски кој треба да отслужи казна затвор од 13 години.

До мај минатата година Војминовски беше во притвор, но поради проблеми со срцето и по предлог на неговиот адвокат, Основниот суд – Скопје 1, му одреди мерка – домашен притвор.

Во реакцијата на Јавното обвинителство за бегството на Војминовски, пишува дека по завршувањето на главната седница и изрекувањето на затворската казна, јавниот обвинител предложил истата мерка да продолжи сѐ до стапување на сила на пресудата, бидејќи здравствената состојба на осуденикот не се подобрила.

„Во целиот тек на постапката, од замената на мерката притвор во куќен притвор до донесување и објава на пресудата, до надлежниот јавен обвинител не беа доставени никакви податоци или информации за евентуално бегство на обвинетиот по кого сега е распишана потерница, ниту такви податоци постојат за другиот обвинет кој се наоѓа во куќен притвор“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Според Законот за кривична постапка, од обвинителството велат дека сега кога Војминовски е во бегство, Судот е надлежен да го обезбеди присуството на обвинетиот на судењето.

„По добиеното известување, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 донесе решение со кое на обвинетиот му се определува мерка притвор од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, а воедно издадена е и наредба за распишување интерна и меѓународна потерница“, велат од Основен Суд – Скопје 1.

Од МВР велат дека немале обврска да го следат Војминовски 24 часа на ден, туку само да вршат ненајавени проверки.

„При спроведување на мерка куќен притвор полициски службеници прават ненајавена проверка во текот на денот во објектот каде мерката се спроведува за да се утврди дали лицето ја почитува изречената мерка од страна на судот и за тоа соодветно го информира надлежниот суд“, велат од МВР.

За сето ова Абедин Абдули, адвокатот на оштетениот Зијадин Села, вели дека ваквите случаи го нарушуваат спроведувањето на правдата.

„Никола Војминовски не го нарушува судскиот процес за Зијадин Села, туку правдата во РМ. Одговорноста за ова паѓа врз Министерството за внатрешни работи, бидејќи тие ги надгледуваат оние кои служат казна – домашен притвор, а не судиите или обвинителствата“, изјави Абдули.

Од Алијанса за Албанците велат дека кога станува збор за правосудството, Македонија станува земја на чудата.

„Значи тука наоѓаме сѐ, само не правда и правна држава. Прво го имавме бегството на екс -премиерот, потоа законот за криминална амнестија, а сега и бегството на напаѓач осуден на 13 години за обид за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Ова говори дека има помош и координација од СДСМ и ДУИ, помош од судиите и обвинителките, како и помош од самото МВР“, вели Бујар Абаз од Алијанса за Албанците и побара одговорност од МВР, судот и од обвинителството.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе