По откривањето на неколку афери

МВР бара Ден Дончев да биде ставен на стоп-листа, обвинителството молчи

Министерството за внатрешни работи уште во јануари побарало од Јавното обвинителство, Ден Дончев, тогаш сѐ уште директор на Фондот за здравствено осигурување, да биде ставен на стоп -листа, односно да бидат преземени мерки на претпазливост. Тогаш Јавното обвинителство дало негативен одговор, а на наредните барања полицијата не добила никаков одговор, дознава МКД.мк.

Според информациите на МКД.мк, полицијата имала сознанија за можно бегство на Дончев откако била откриена аферата за наводниот негов рекет во аферата „Диамед“ при купопродажбата на шведската компанија „Диаверум“. Освен тоа, познато е дека Дончев поседува два пасоши - македонски и австралиски.

Од МВР дознаваме дека на нивното барање од јануари, ЈО дало негативен одговор. Но, и подоцна полицијата од обвинителството уште неколку пати побарала да се преземат мерки на претпазливост поради можно бегање на Дончев од Македонија, но на овие барања МВР сѐ уште чека на официјален одговор.

Последното барање било поднесено по оставката на Дончев на позицијата директор на ФЗО на 5 мај.

Од Основното јавно обвинителство за МКД.мк велат дека се води предистражна постапка за некои случаи поврзани со Дончев и дека надлежен обвинител ги презема сите неопходни дејства за расветлување на наводите од кривичната пријава. Во интерес на предистражната постапка обвинителството не може да сподели детaли за предметот, велат од ОЈО.

Неофицијално, од ОЈО до судот нема поднесено барање за мерки на претпазливост за Ден Дончев за обезбедување на присуство во текот на постапката што ОЈО ја води против него.

И МВР води истрага за два одвоени случаи во кои постојат сомневања за злоупотреба на службена должност, за примање поткуп и за перење пари. Се испитуваат фирми со кои Дончев имал некакви релации.

Порталот Плусинфо на 19 мај продолжи со серијата написи за вмешаноста на Дончев во аферата со фирмата „Диамед“.

Поранешната сопственичка на „Диамед“, Вера Иванова, во проширена кривична пријава против Ден Дончев, тврди дека под уцена на Дончев и на Зоран Милески-Кичеец, им исплатила вкупно 824.000 евра по разни основи. Дали ова е една од главните причини поради кои Ден Дончев, сега веќе поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, е под истрага од страна на обвинителетсвото, прашува порталот.

Плусинфо пишува дека има сериозни докази кои експлицитно укажуваат на постоење мрежа за рекетирање на субјекти кои даваат разни услуги во здравствениот сектор, за кои плаќа Фондот за здравство. Редовната наплата на тие услуги, всушност, била уценета со исплата на кеш на рака на лица, кои потоа парите ги носеле на соодветни адреси. Сумата, пишува Плусинфо, достигнува 2 милиони евра на годишно ниво.

Сопственичката на „Диамед“ поднела кривична пријава против директорот на ФЗОМ Ден Дончев и против министерот Венко Филипче. Во таа пријава двајцата се обвинуваат дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во обид да стопираат влез на странска инвестиција во Македонија. Дончев во 2018 година вршел притисоци врз угледната шведска компанија „Диаверум“ да се откаже од намерата да ја купи македонската компанија „Диамед“ и да стане вториот македонски оператор на услуги за дијализно болни лица. Тие притисоци на 1 ноември 2018 година кулминирале со формално писмо на Министерството за здравство до шведската компанија, кое содржи суптилни, но јасни закани до странскиот инвеститор. Кривичната пријава на Иванова против Дончев и Филипче сега е проширена и против Зоран Милески-Кичеец, веќе осуден за случајот „Рекет“.

Во Државната комисија за спречување на корупцијата е заведен и случајот за недозволената и непријавена исплата на хонорари (50.000 долари) за Дончев додека бил директор на ФЗО. Тој од австралиска компанија преку фирма регистрирана во Муртино добивал хонорари за консултантски услуги. Како директор на ФЗО тој тоа не смеел да го прави, а добиените пари не биле пријавени во УЈП.

А.Д. 

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе