На 8-ми март во Кривичниот суд

Мијалков утре ќе ја чуе првата пресуда за предметите на СЈО

Сашо Мијалков, поранешниот директор на Управата за безбедност за контраразузнавање кој е во куќен притвор и е обвинет во неколку постапки на СЈО, на 8-ми март ќе ја чуе првата пресуда. Во Основниот суд Скопје 1 за утре е закажана пресудата за „Титаник 2". Во оваа постапка освен на Мијалков им се суди и на лидерот на ДПА Мендух Тачи, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Адвокатите во оваа постапка ја оспоруваа автентичноста на „бомбите" и според нив тие немаат доказна вредност и бидејќи биле незаконски прибавени.

Овие докази, односно прислушуваните разговори СЈО може да ги користи како доказ.

Според обвинителниот акт, Мијалков го искористил своето реално влијание и по телефон побарал од Мендух Тачи да влијае врз членот од неговата политичка партија во ДИК да гласа за носење на одлука во корист на партијата ВМРО-ДПМНЕ по приговор за гласањето на избирачкото место 1727 во Струмица, со што кандидатот Васил Пишев се стекнал со противзаконито право за понатамошно учество на изборите.

Одбраната на Мендух Тачи и Бедредин Ибраими, обвинети во случајот на СЈО, Титаник 2, од судот побара прво одбивателна, а потоа ослободителна пресуда. Адвокатот Елвир Исеини кој ги застапува двајцата обвинети за изборните нерегуларности пред судот СЈО го нарече неовластен тужител, повикувајќи се на одлуката на Врховниот суд дека ова обвинителство не може да поднесува обвинение по изминати 18 месеци од примените материјали.

Адвокатот Миле Петровски, бранител на Мијалков, во завршен збор на судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 2", побара ослободителна пресуда за неговиот клиент, бидејќи, како што рече, не постои ниту еден доказ дека тој презел какво било дејство или го сторил кривичното дело што му се става на товар.

Обвинетата Стефановска, во завршните зборови рече дека таа како член на ДИК од 2012 до 2016 учествувала на повеќе избори и досега немала никаква грешка и сите функции ги извршувала чесно и професионално. Таа се праша зошто е во судот и рече дека не се чуствува виновна.

Стефановска се расплака и рече дека обвинението влијаело на нејзиното здравје.

Поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков е обвинет и во постапките за „Тортура“, „Трезор“, „Тврдина-Таргет“, а е осомничен и во „Империја“ предмет за кој СЈО нема поднесено обвинителен акт. 

К.Д.

 

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе

Пранкот врз премиерот го откри „гангот" кој управува со државата.

повеќе