И покрај ветувањата, обвинетиот доби статус на бегалец

Мијалков пред 2 години вети дека нема да бега, а од него денес ни трага, ни глас

Сашо Мијалков го нема. Од вчера полицијата по наредба на Основниот кривичен суд Скопје го бара за да му врачи решение за куќен притвор, но од поранешниот директор на УБК ни трага, ниту глас. За Мијалков во петок е закажа пресуда за случајот „Таргет-Тврдина", но вистинското прашање на кое за сега нема одговор е дали тој пресудата ќе ја чуе во судница и ќе биде спроведен од куќен притвор, како што гласи наредбата од судот или ќе го следи примерот на неговиот братучед, Никола Груевски и ќе се води како бегалец од правдата.

Мијалков, иако го нема, за сега официјално тој не е во бегство бидејќи МВР се уште нема добиено наредба од Основниот кривичен суд за да распише потерница. Поранешниот шеф на УБК официјално нема ниту добиено решение за да знае дека му е определена мерка куќен притвор. Медиумите пишуваат, но официјалниот документ за издржување на куќниот притвор како мерка за обезбедување на присуство во текот на судската постапка не е стасан во рацете на обвинетиот. Него полицијата не може да го најде за да ја изврши наредбата од Судот.

Во ноември, 2018 на Мијалков му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена. Причината беше опасност од бегство во предметот „Тврдина-Таргет". Решението за притвор тогаш беше донесено по барање на обвинителите на СЈО.

Поранешниот директор на УБК тогаш беше спроведен од хотелот „Мериот" во центарот на Скопје во затворот во Шутка, а неговите адвокати најавија дека ќе го искористат правото на жалба. Посочија дека неговото приведување е незаконско и најавија жалби до Апелацискиот суд.

Притвор за Мијалков беше побаран и по пресудата за „Титаник", по што следуваше жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Пред второстепениот суд тогаш Мијалков гласно во судница изјави дека не помислува на бегство и оти ќе ги почитува мерките изречени од Судот.

„Она на што Обвинителството ги темели барањата за притвор, што е и изнесено на седница пред овој Суд и изречените мерки јас најревносно ги почитувам. Мојот имот и останатите предмети, наводните мои контакти беа присутни и тогаш и сега. Тогаш пред овој Суд дадов збор дека нема да помислам на бегство и јас го одржав и затоа денеска сум тука. Јас и понатаму стојам на тој збор со сиот мој интегритет. Јас и тогаш кажав дека верувам во овој суд и затоа сум тука", рече Мијалков на 26 март, 2019 пред Апацискиот суд во Скопје.

Денес реалноста е поинаква. ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција побара притвор, Судот одлучи да му биде определена мерка куќен со надзор, МВР го бара, но не го најде за да му врачи решение, а сега се чека барањето за распишување на меѓународна потерница. По ова Мијалков и официјално ќе се води како бегалец кој, според она што го кажал претходно не остана доследен на својот збор. 

К.Д.

 

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе