Наводите на обвинителката Фатиме Фетаи дека тој со своето однесување и одредени околности наговестувал дека ќе се даде во бегство, Мијалков целосно ги отфрли и ги нарече шпекулации односно тврдења без никакви аргументи.
„Обвинителката тврди дека во текот на постапките со моето однесување се појавиле околности кои наговестувале дека ќе бегам, ваквите тврдења се без аргументи и на ниво на шпекулации, бидејќи со ниту еден гест не сум покажал дека ќе се дадам во бегство.
Неколку пати сум кажал и пак ќе повторам дека со бегање не се решаваат проблемите. Мојот стил на живеење не е да бегам. По изречената пресуда ќе ви кажам дека ако Апелацискиот суд ја потврди казната јас ќе си ја издржам казната и тоа ќе го решиме со одење в затвор“, рече пред судот обвинетиот Мијалков.
Обвинитерката Фатиме Фетаи побара притвор за Мијалков по изречената затворска казна од судот и рече дека постоењето на околности за определување на ваква мерка биле констатирани и од првостепениот и од Апелацискиот суд. Таа го пофали Мијалков за коректното однесување во текот на постапката, но додаде дека против него се водат и други постапки, за него сега има и пресуда и овие околности, според Фетаи, ја наметнуваат потребата од определување на мерка притвор, бидејќи, како што рече, постоела опасноста од бегство.
Во моментов трае пауза на судењето и судечкиот совет се повлече за да донесе одлука за предложените мерки од страна на СЈО.
К.Д.