Ветуваше и советуваше дека со бегање не се решаваат проблемите

Мијалков, кој тврдеше дека животниот стил не му е да бега, вчера исчезна

Речиси три недели пред ветувањето и дадениот чесен збор на 26 март 2019 пред второстепениот суд дека нема да бега, Мијалков имаше и друга изјава. Таа беше дадена на 8 март 2019 година пред Основниот кривичен суд во Скопје, веднаш по изречената пресуда за случајот „Титаник 2“, со која тој пред две години беше осуден на затвор во траење од 3 години. Тогаш Мијалков изјави дека проблемите не се решаваат со бегање и дека неговиот стил на живеење не е да бега.

Наводите на обвинителката Фатиме Фетаи дека тој со своето однесување и одредени околности навестувал дека ќе се даде во бегство, Мијалков тогаш целосно ги отфрли и ги нарече шпекулации, односно тврдења без никакви аргументи.

„Обвинителката тврди дека во текот на постапките со моето однесување се појавиле околности што навестувале дека ќе бегам, ваквите тврдења се без аргументи и на ниво на шпекулации, бидејќи со ниту еден гест не сум покажал дека ќе се дадам во бегство. Неколку пати сум кажал и пак ќе повторам дека со бегање не се решаваат проблемите. Мојот стил на живеење не е да бегам. По изречената пресуда ќе ви кажам дека ако Апелацискиот суд ја потврди казната, јас ќе си ја издржам казната и тоа ќе го решиме со одење в затвор“, рече на 8 март 2019 година обвинетиот Мијалков.

Обвинителката Фатиме Фетаи тогаш по изречената пресуда побара притвор за Мијалков и рече дека постоењето на околности за определување на ваква мерка биле констатирани и од првостепениот и од Апелацискиот суд. Таа дури и го пофали Мијалков за коректното однесување во текот на постапката, но додаде дека против него се водат и други постапки, за него сега има и пресуда и овие околности, според Фетаи, ја наметнуваат потребата од определување на мерка притвор, бидејќи, како што рече, постоела опасноста од бегство.

Мерката притвор од ОЈО ГОК беше побарана и вчера од истата причина, опасност од бегство, но овој пат за предметот „Тврдина-Таргет“. Но судот наместо притвор, одлучи да му определи мерка куќен притвор со надзор на Мијалков.

Решението за определената мерка обвинетиот не го доби бидејќи го нема. ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција побара притвор, Судот одлучи да му биде определена мерка куќен притвор со надзор, МВР го бара, но не го најде за да му врачи решение, а сега се чека барањето за распишување на меѓународна потерница.

По ова Мијалков и официјално ќе се води како бегалец, кој, според она што го кажал претходно, не остана доследен на својот збор, и по сѐ изгледа, ако се најде на листата на бегалци на МВР, ќе го промени стилот на живеење.

К.Д.

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе