Правда во далечина

Мијалков и Груевски, братучедите-бегалци, силни на ветувања, но не и на соочувања со казни

Побегна Никола Бошкоски, па побегна уште еден Никола, овојпат Груевски, па побегна Игор Спасов, осуден за убиство на прославата на партијата на претходниот бегалец, прослава за победата на ВМРО-ДПМНЕ, па побегна Горан, кој има слично презиме, но малку различно, Грујевски, а на крај побегна и Сашо Мијалков, „Братучедот".

Во текстов ќе се сконцентрираме на бегалците-братучеди. Она што ги спојува освен семејната лоза се и ветувањата. И двајцата имаат познат идентитет, се наоѓаат на листата на обвинети лица во постапките на СЈО, и едниот и другиот добија по една пресуда, едниот за „Тенк", другиот за „Титаник 2", и на крајот и двајцата мошне убедливо пред судот ветуваа и даваа чесен збор дека нема да побегнат.

Груевски, едвај чекајќи да ја докаже својата невиност, побегна во Будимпешта. Мијалков, пак, живеејќи во свој стил, редовно се појавуваше на судските рочишта, но побегна пред соочувањето со пресудата за „Тврдина-Таргет".

„Со задоволство ќе се појавам на секоја покана од судот и едвај чекам да ја докажам својата невиност пред јавноста. Јас сум семеен човек, имам сопруга што е вработена, две малолетни деца што одат на училиште и двајца возрасни родители, на кои допрва ќе им бидам потребен. Никогаш не сум помислил да побегнам. Убеден сум дека не постои кривично дело што сум го сторил и немам причина да се плашам и да бегам. СЈО врши политички прогон против мене и моите соработници. Знам дека нема и не може да има какви било докази оти такви не постојат", изјави на јавната седница на скопскиот Апелациски суд обвинетиот Никола Груевски во случајот „Титаник" во јули 2017.

Второстепениот суд му поверува на Груевски, па судиите, ценејќи ги фактите и околностите, донесоа одлука дека присуството на обвинетиот во оваа фаза од постапката, наместо со притвор, ќе се обезбеди и со поблаги мерки.

Но на 13 ноември 2018 година Груевски побегна. Исчезнат, избеган, киднапиран, осуден, ослободен... Груевски се јави од Будимпешта, каде што доби политички азил. Азилантот бегалец на јавноста ѝ прати порака дека побегнал за да си го спаси животот. На 13 ноември 2018 година тој се јави на социјалните мрежи од Будимпешта за да потсети дека за случајот „Траекторија" нема да мине ниту еден ден во затвор. Не бидејќи нема вина, туку бидејќи делото застаре.

Времето течеше и во корист на Мијалков за кривичното дело за уништување на опремата во случајот „Тврдина-Таргет", но ова дело застарува во март. И да биде в петок првостепено осуден за ова кривично дело, на обвинетиот Мијалков тоа секако му застарува во март, зашто казната за примање награда за незаконито влијание е само до 3 години затвор.

За ова дело обвинет е и Горан Грујевски, ама и тој е во бегство. Товарот за кривичното дело за уништувањето на опремата за прислушување за да се уништат доказите за една од најголемите афери во државава в петок се чини дека ќе падне само на обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Таа не побегна, а во моментов е во затворот во Идризово, каде што ја издржува затворската казна за случајот „Тенк".

Затворска казна за „Тенк" не издржува Груевски бидејќи, нели, е во бегство, а дали за „Тврдина-Таргет" казна ќе издржува Сашо Мијалков ќе покаже времето.

Се чини дека кај нас времето е мерило за сѐ, оти сите се повикуваат на него. Треба време да се утврди одговорност, треба да помине време за да се спроведе истрагата, треба време да се соберат докази, треба време за да се поднесе кривична пријава, треба време за да се најде бегалец, па треба време да се бара екстрадиција, па време да помине за да се одговори дали ќе се прифати екстрадицијата, па за да се испорача одговорот... Време изгледа имаат сите, ама што ли им недостасува за да ги спроведат законите на дело?

По бегството на Груевски, челниците на надлежните институции беа полни со самодоверба и уверување дека бегството на експремиерот ќе се реши, но се чини дека решението остана само во нивните изјави. Оти во практиката има само индиции, а нема докази. А со основи на сомневање, индиции и без докази, ниту се отвора кривична постапка, ниту има простор за гонење. И џабе ни е времето. Еве, помина доволно време за надлежните да утврдат одговорност за бегството на Груевски, но случајот е во Обвинителството, а последните изјави се дека и Судот и МВР и Обвинителството постапиле според законот.

И еве, наместо одговорност за едно бегство, нам ни се случуваат нови бегства. Што би рекол претседателот Стево Пендаровски, неприфатливи се бегства во земја што напорно работи на реформирање на правосудниот систем.

Но факт е дека бегствата си ги имаме, и си ги прифаќаме, и за нив до сега никој не одговара.

Ас во ракавот на Мијалков беше дадениот чесен збор дека нема да бега, како и изјавата дека проблемите не се решаваат со бегање и дека неговиот животен стил не е да бега. И да, тој пред судот тогаш звучеше доста уверливо, ама судот е суд не за да верува на изјави, туку на докази и факти.

А во случајот со бегството на Мијалков докази уште нема, бидејќи нели, треба време, а факт е дека од него нема ниту трага, ниту глас, а крајот на февруари некако комплетно му го промени стилот на живеење на поранешниот директор на УБК.

Мијалков не е веќе обвинет со животен стил и обврска да биде редовен на рочиштата, туку и официјално е бегалец по кого е распишана меѓународна потерница. Од денес па натаму во потрагата по Мијалков ќе биде вклучен и Иинтерпол.

Ако имаме среќа можеби овде, во случајот со бегството на Мијалков, нема да биде како со Груевски и некој надлежен ќе собере храброст и ќе излезе јавно да каже дека има докази кој и зошто постапил спротивно на законите и му помогнал на ексшефот на УБК да побегне.

Оти кај нас среќата треба да ни е наклонета за да можеме да ги дознаваме работите и да ни течат постапките на релација Суд-МВР-Обвинителство... и на крај бегство...

Ако не ни иде со институциите, можеби некој требаше да се сети да ја контактира гатачката на Груевски, оти и неа ја имаме во судските постапки, па можеби таа ќе сподели со јавноста повеќе детали отколку надлежните, кои секогаш работат според законот.

Ете, Катерина Најденова во „бомбите" за случајот „Монструм" предвидува дека од тоа што ќе излезе на виделина јавноста ќе биде во шок и ќе има вмешано униформа.

Но и без предвидувања, јавноста е доволно шокирана од случувањата на тема правосудство и од тоа како со леснотија во време на ковид-19 полесно можеш да излезеш од државава како бегалец, отколку како државјанин што сака да патува.

Го киднапирале ли, му помогнале ли, заминал во земја каде што може да искористи правни механизми ли... за сега се само мал дел од отворените прашања за бегството на Мијалков.

И Груевски и Мијалков ветија, но ги прекршија ветувањата. Зошто - знаат само тие двајца.

Јавноста е тука за да вријат социјалните мрежи и за да се прашува, а дали ќе добие одговори ќе покаже времето. Она единственото нешто што го имаме како надеж во нашата земја...

В петок ќе биде објавена пресудата за најголемиот предмет во државава, „Тврдина-Таргет". Има уште 4 дена за надеж дека Сашо Мијалков тогаш ќе биде во судница, оти надежта последна умира...

 К.Додевска

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе