Видео обраќање по повод Европскиот ден на правдата

Маричиќ: Судството покажа дека може да функционира онлајн

Пандемијата ги засега и човековите права и како никогаш досега треба да покажеме единство, одговорност и грижа за здравствениот персонал, кој дава огромни жртви грижејќи се за нашето и здравјето на најблиските. Единствено и само со почитување на мерките и преку верба во научните факти, можеме да спречиме нови рестриктивни мерки и побрзо да се избориме со оваа пандемија, вели во видео обраќањето министерот за правда Бојан Маричиќ по повод Европскиот ден на правдата.

Тој потсети дека ова ново време на светска пандемија донесе  нови предизвици и за правосудство и бара нови решенија како да функционира системот, да продолжат судските рочишта и постапките пред судовите и обвинителствата.

„За време на вонредната состојба, во судството имаше примери кои потврдија дека може да се функционира и онлајн, што е добар показател дека доколку има таква потреба, во иднина ова може повторно да се воведе во пракса“, рече Маричиќ.
Министерот за правда вели дека во едно демократско општество, многу е важно граѓаните да бидат добро информирани како да си ги остварат своите законски загарантирани права, како да добијат заштита на тие права и како сите да имаат еднаков и фер пристап до правдата.

„Токму од оваа причина, Европскиот ден на правдата, 25 октомври, досега го одбележувавме со отворени судници и канцеларии за да ги доближиме граѓаните до правдата, да ги запознаеме со тоа како функционира правосудниот систем и да ги информираме за нивните права и правото кое државата им го дава во вид на бесплатната правна помош.

Преку бесплатната правна помош, се гарантира дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба ќе добијат адвокат и фер судење, но и право да добијат информација или совет за одредено прашање од правна природа.

За да ја направиме правдата подостапна за граѓаните, наскоро очекуваме и огромно намалување на максималната судска такса, која досега беше 48.000 денари.  Сега таа ќе се намали за осум пати и ќе изнесува најмногу 6.000 денари. Со ова, судските трошоци за граѓаните ќе бидат значително намалени, со што правдата ќе стане подостапна за нив“, рече Маричиќ.

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе