Отфрлени пријавите против Адеми и уште едно лице за пукањето во Мала Речица

Куршумот наместо како доказ кај обвинителот, 1 година е во телото на повреден од свадба

Нема кривична одговорност за пратеникот Џеват Адеми за пукањето во Мала Речица во Тетово, кое се случи пред околу една година, а во кое повредени беа две лица, меѓу кои и неговиот син. Од Основното јавно обвинителство Тетово за МКД.мк одговорија дека е донесено Решение за отфрлање на кривичната пријава против две лица за овој настан. Кривична пријава за овој настан нема ниту за Ј.Џ.

Од настанот нема докази, односно ниту чаури, ниту проектили. Единствениот доказ за тоа од какво оружје било пукано останал во телото на едно од ранетите момчиња.

„Основното јавно обвинителство Тетово донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена против две лица за настанот за кој покажувате интерес, бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените го сториле наведеното кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 3 во врска со член 288 став 4 во врска со став 3 и со став 1 од Кривичниот законик“, велат од Обвинителството за МКД.мк.

Обвинителот што ја водел оваа постапка направил анализа на вербалните и материјалните докази на предметот, од каде што произлегло дека резултатите од вештачењето на фолиите за барутен тест се негативни, а на лице место не се пронајдени чаури, проектили или други докази што би укажале на видот и калибарот на оружјето од кое било пукано.

Метален ден од куршум од овој настан има, но тој не е во рацете на обвинителите, туку е во телото на еден од повредените.

Судско-медицинското вештачење за овој настан утврдило дека вадењето на проектилот од телото на еден од повредените по инцидентот е опасно по неговиот живот поради можност од оштетување на рбетниот мозок.

Ова значи дека една година по настанот еден од повредените момчиња живее со метален дел од куршум во себе.

Ваков редок феномен, според објаснувањето на вештаците што ги консултиравме, постои и можно е човек да живее буквално со куршум во телото, доколку биде утврдено дека тој е заглавен во коска и не пречи за нормална функција на целиот организам.

Надлежните го одзеле и оружјето од тројца од присутните на забавата, но велат тоа оружје било поседувано со дозвола, а резултатите од извршените вештачења покажале дека на овие оружја нема присуство на нитратни честички.

Со оглед на наведеното, надлежниот јавен обвинител донел Решение за отфрлање на кривичната пријава.

Против ваквото решение оштетените вложиле жалба во законскиот рок и предметот ќе го разгледува Вишото јавно обвинителство Гостивар.

За овој настан, односно за пукањето, кое во билтенот на МВР беше регистрирано на 30 јули, 2019 година Адеми изјави дека никогаш во животот не користел оружје на семејна забава, па дури и остро ја осуди употребата на оружје на вакви забави каде што честопати жртви се невини лица.

Наспроти неговата изјава, Јусуф Биљаљи, таткото на едно од повредените момчиња, тогаш изјави дека Адеми бил тој што пукал на семејната веселба и тврдеше дека тој лично го видел целиот настан.

„Бев таму и ја видов целата ситуација. Џеват Адеми на таа забава пукаше со пиштол. До него седна негов роднина и тој пукаше со пиштол неколку пати. По неколку минути и двајцата пукаа со пиштоли. Несреќата се случи откако ги вкрстија пиштолите, синот на Џевад беше седнат пред него, а син ми дојде и седна пред мене. Во еден момент, тие разговараа меѓу себе со пиштолите во раце и пратеникот удри со пиштолот на маса. Видов дека го погоди својот син и како лекар станав од масата за да му помогнам. Бев на три чекори од нив, тргнав да помогнам и го слушнав мојот син како ми вели - тато ме отепаа! Случајот е пријавен во полиција, дадов изјава, но ништо не беше преземено. Не беше повикан домаќинот на свадбата, не е притворен за да ја каже вистината што се случи на свадбата и што направија потоа”, изјави тогаш Јусуф Биљали.

Мухамед Зекири, пратеник на СДСМ, вели дека освен од морална одговорност, никој не смее да биде амнестиран ни од кривичната.

„Тоа што му се случи на колегата Џевад Адеми не дај Боже никого да го снајде. Но независно од функцијата, ниту тој ниту кој било друг не смее да биде над законите. Шокиран сум од денешната изјава на родителот на еден од двајцата ранети во инцидентот од пред еден месец во Тетово, доктор Јусуф Биљали. Тој вели дека токму пратеникот Адеми бил еден од двајцата што пукале на свадбата, при што беа ранети две момчиња, меѓу кои и неговиот син. Освен моралната одговорност, никој не смее да биде амнестиран ни од кривичната“, напиша Зекири.

„Околу 22 часот, на свадбена свеченост организирана во дворот од куќата на 47-годишниот Б.Д, на улица „172“ во тетовска Мала Речица, од испукани куршуми од огнено оружје повреди добиле 27-годишниот А.Б. од Мала Речица и 26-годишниот Ф.А. од Голема Речица. Двајцата се пренесени во тетовската клиничка болница за да им се даде лекарска помош. Јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово извршиле увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, беше објавено тогаш во билтенот на МВР.

Пукањето на свадбени веселби е честа појава, а исто така и често се случува прославите да отидат во друг правец, односно некој од гостите да заврши со повреди во болница.

К.Д.

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе