Истрагата продолжува

Колку долго „летуваат“ во странство бизнисмените замешани во „Рекет“?

Повеќе бизнисмени осомничени во случаите на СЈО „Империја“ и „Поштенска банка“, кои биле главна цел на уценувањето на тандемот Бојан Јовановски и Јаневи (Катица и Лазар), не се достапни за давање дополнителен исказ во обвинителството. Дознаваме дека голем дел од нив во првиот исказ негирале каква било поврзаност со Боки 13 и невладината Меѓународен сојуз, што подоцна, од сведочењата на други лица, било демантирано.

Откако се отвори случајот „Рекет“, голем дел од осомничените бизнисмени во случаите на Специјалното јавно обвинителство негирале какво било учество во рекет-шемата на Бојан Јовановски, Лазар Јанев, Катица Јанева и невладината организација Меѓународен сојуз. Дел од нив најверојатно и дале пари за „чистење“ на нивното име од случаите во СЈО, но тоа во првичниот исказ пред Обвинителството за гонење на организиран криминал не го признале. Сега, по сведочењата на неколку лица директно или индиректно замешани во овој случај, има искази дека сепак нешто било платено на фактура како реклама за 1ТВ, но поголем дел во кеш, на рака.

Од обвинителството сега сакаат да имаат уште по една средба со нив, но во овој момент тоа не е можно. Тоа се бизнисмените Цветан и Дејан Панделевски од „Пелистерка“ и „Бетон - Штип“, Томе Главчев, сопственик на НОЕЛ од Гевгелија, Силјан Мицевски, сопственик на ГП „Пелистер“, Владимир Тодоровиќ, сопственик на „Тинекс“, Орце Камчев... Сите овие бизнисмени, нивните компании, се рекламирале на 1ТВ, но само Мицевски и Камчев признале дека имале и поинаков договор со Боки 13 освен рекламата на телевизијата. Камчев ова го пријавил. А Силјан Мицевски признал дека дал 720.000 евра за идејата за европски комплекс за возрасни лица на невладината организација на Боки 13, но не покренал ништо во однос на неспроведувањето на договорот од страна на Меѓународен сојуз. Дал 720 илјади евра и по истекот на рокот од 120 дена, Мицевски не си ги побарал парите назад.

Како што дознаваме многу работи се менуваат и по вчерашното сведочење на Жарко Луковски, поранешниот главен извршен директор на „Т-мобиле“. Тој сам побарал да го дополни исказот кој претходно го дал во случајот „Рекет“. Името на Луковски се слушна и во разговорите меѓу Јовановски и Камчев, кога Боки 13 вели дека со него „завршил работа“.

Обвинителката Вилма Русковска вчера изјави дека истрагата продолжува и дека наскоро и други лица ќе бидат повикани да сведочат. Досега не е повикан да даде исказ ни првоосомничениот Бојан Јовановски, кој е во притвор, а без покана сѐ уште е и Лазар Јанев, синот на Катица Јанева, кој во рекетирањето беше главно користен како син на шефицата на СЈО, а не како директор на маркетинг на 1ТВ.

Русковска додаде и дека за дел од парите веќе се знае каде завршиле. Од она што го дознаваме, неофицијално, Јовановски по земањето на парите од домот на Камчев, во странство за само неколку дена успеал да потроши 180.000 евра.

Обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот на СЈО „Империја“, неодамна изјави дека нејзината шефица Катица Јанева наложила најдоцна до 16 мај 2019 година да ѝ бидат доставени писмени извештаи за штетата во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“, која осомничените треба да ѝ ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“.

 

А.Д.

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе