Ќерката на претседателката на Судски совет е на списокот на новопримени на Академијата за судии

Ирина Црвенковска-Кчев, ќерка на претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, е примена на Aкадемијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Имињата на семејството Црвенковски се поврзани со пропаѓањето на Еуростандард банката и невраќањето на кредитите на повеќе компании. Една од тие компании е и „Екопласт рисајклинг“, на Зоран Црвенковски, а новата фирма „Еко колектор ИЦК“ е во сопственост на Ирина Црвенковска-Кчев, основана еден месец откако нејзиниот татко не го вратил кредитот во Еуростандард банка вреден 1,6 милиони евра. Директор на „Еко колектор ИЦК“ е Зоран Црвенковски. Сите овие информации беа објавени од здружението на пропаднатите штедачи на Еуростандард банка Правда за штедачи. „Тука само сакаме да ја запрашаме Павлина Црвенковска дали сметајќи дека ќе се избегне одговорност, поголемиот дел од имотот е префрлен на име на ќерката Ирина Црвенковска Кчев? Дали семејството Црвенковски смета дека со овој потег повторно го изиграа системот? За ова прашање ние ќе дадеме одговор, преку потсетување за делот од законот дека во случај на сторено кривично дело и преку него стекната противправна имотна корист, вака стекната корист не може да се задржи без оглед на чие име е пренесена сопственоста. Во ваков случај, обвинителството може да предложи проширена конфискација што ги опфаќа и блиските лица на сторителот.

Нивната ќерка, Ирина Црвенковска Кчев, сега се јавува и како сопственик на фирма за собирање на отпад „Еко колектор ИЦК“ дооел Скопје. Фирмата е основана во јули 2018 година, само еден месец откако нејзиниот татко Зоран Црвенковски решил да не го враќа кредитот во Еуростандард банка. И замислете, тој нејзин татко кој „позајмил“ 1,6 милиони евра и не ни ги вратил, е управител на оваа новоформирана фирма. Една фирма носи во стечај со земени и невратени наши лични пари и се појавува во друга фирма додека ја остава првата да пропадне“, објави лани Правда за штедачи.

Здружението на оштетените штедачи од Еуростандард банка Правда за штедачи уште лани во мај, по именувањето на Павлина Црвенковска за претседателка на Судскиот совет, побара веднаш да се испита како работела фирмата „Екопласт рисајклинг“ која земала и не вратила кредит од 1,6 милиони евра од Еуростандард банка.

Овие пари и фирмата не се дел од анкетниот лист на Павлина Црвенковска, новоизбраната претседателка на Судскиот совет, инаку сопруга на Зоран Црвенковски, сопственик на „Екопласт рисајклинг“. Таа лани изјави дека фирмата на нејзиниот маж во 2014 година влегла да инвестира во фабрика за рециклажа на пластика и за таа цел подигнала неколку кредити од банката и сите средства кои се земени се наменски, подигнати според сите законски прописи и ниту еден денар не завршил во приватни џебови на луѓе во или надвор од државата. Во периодот од 2014 до 2018 година фирмата работеше активно, во неа беа вработени 50-тина работници кои остваруваа извоз на пазарот во Италија и во Турција и остваруваше приходи во милионски износи, изјави тогаш Црвенковска.

„Според официјалните објавени финансиски биланси од Централен регистар, од 2015 до 2019 година фирмата „Екопласт рисајклинг“ имала континуирани годишни загуби од 165 до 450 илјади евра, долгови од 900 илјади до 1,8 милиони евра и негативен капитал од 150 илјади до 1,5 милиони евра. Приходите на фирмата биле далеку помали од милионски износи. На пример, во 2015 година, фирмата имала вкупни приходи од околу 32.000 евра. Тековните средства на фирмата во истиот временски период се движеле од 50.000 до 350.000 евра додека нетековните средства биле од 280.000 до 420.000 евра. Овие износи се значително пониски од 1.600.000 евра, колку што изнесува и преостанатиот долг на фирмата. Следствено, се поставуваат повеќе прашања за финансиската полиција. Каде отишле нашите пари од 1.600.000 евра, бидејќи според официјалните податоци постои сомневање дека земените пари како кредит од банката не завршиле во билансите на фирмата за наменско инвестирање во фабриката за рециклажа како што јавно тврди Павлина Црвенковска? Дали фирмата ги прикажувала вистинските приходи доколку остварувала милионски износи од извоз во Италија и Турција како што исто така јавно тврди Павлина Црвенковска, а со тоа можеби и прикрила односно не платила данок кон државата или направила други можни малверзации“, сооопштија лани од Правда за штедачи и додадоа дека за да биде случајот уште пошокантен и поневеројатен, во целата оваа работа е вмешана и нивната ќерка Ирина Црвенковска, која била вработена во Еуростандард банка и тоа во службата за кредитирање правни лица.

На ова Павлина Црвенковска одговори дека нејзината ќерка во 2011 била вработена како правник во секретаријатот на банката, а во Секторот за работа со правни лица била префрлена дури во декември 2019 кога Народната банка веќе ѝ издала на Еуростандард забрана за кредитирање.

Павлина Црвенковска е нова претседателка на Судскиот совет од април 2021 година и таа по изборот вети дека нема да ја изневери дадената доверба и се заложи дека професионално со целиот свој интегритет ќе ја извршува функцијата претседателка на советот.

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе