Една загубена битка не значи и загубена војна

Ќерката на Душко Лазаров: Второстепените судии имаат можност да ја исправат неправдата на Кацарска и да ослободат невин човек што е зад решетки

Душко Лазаров од 1992 e вработен во МВР. Дваесет и седум години горд со полициската униформа, ги поминал сите скалила во полицијата и добивал унапредувања врз основа на неговите постигнати резултати. Две години пред да замине во пензија, тој наместо пензиониран началник, го доби епитетот обвинет, а подоцна и неправосилно осуден на затвор од дури 15 години.

На 15 март минатата година судијката Добрила Кацарска, која ја водеше постапката и им судеше на вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување, донесе пресуда, им изрече вкупно 211 години затвор на обвинетите. Меѓу оние првите беше и Лазаров, човекот на когошто службениот пиштол му го заменија со лисици на рацете.

Сега најсилно оружје, вели неговото семејство, му е вистината.

Петнаесет лица пред изрекувањето на пресудата беа помилувани и ослободени со Законот за амнестија, но Душко Лазаров не беше меѓу нив, затоа што не побара амнестија. За оние што останаа постапката продолжи, а Лазаров остана на листата на обвинети и една година по почнувањето на оваа судска постапка доби казна затвор од 15 години.

Кратко пред пресудата, Лазаров во судница рече: „Ќе ја докажам својата невиност и немам намера да бегам“.

Овој став не го променил до денес. По една година од пресудата и по речиси две години поминати зад решетки во Истражниот затвор во Шутка, не го напушта надежта дека ќе ја докаже невиноста.

Ставот на неправосилно осудениот Лазаров го дели и неговото семејство, но велат, не затоа што им е татко и сопруг, туку затоа што навистина до последен ден останал професионалец во својата работа, а уште повеќе бидејќи доказите со кои Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го гонеше, а судијката Кацарска го осуди, не докажуваат дека Лазаров го загрозил уставниот поредок на државата. Тие велат емоциите се едно и во судските постапки се оставаат на страна, но доказите се нешто сосема друго, тие се темел со кој, велат, ќе докажат дека Лазаров не сторил кривично дело, па макар и во Стразбур.

Судијката Добрила Кацарска(лево), Душко Лазаров(десно)

Ќерката на Лазаров, Марија Лазарова, која е дипломиран правник, за МКД.мк вели дека тие како семејство на обвинетиот Лазаров имале морална обврска да поднесат жалба на првостепената пресуда бидејќи нивниот татко и сопруг е осуден без да има никаква вина и без никакви докази.

Високата затворска казна семејството Лазарови ја споредува со казната од 3 години за убиството на момчето од Ново Лисиче, која беше донесена деновиве и за која имаше протести.

„Душко Лазаров е осуден на казна затвор во траење од 15 години, казна што во голем број случаи не е изречена дури ни за некој што извршил кривично дело убиство, за што сме сведоци овие денови. Првостепената пресуда, која беше донесена по одржувањето маратонски судски рочишта, какви што досега не памети македонското правосудство, под притисок на јавноста и очигледно мешање на политиката со донесувањето на Законот за амнестија, ја оспоривме по сите основи. Имено, со првостепената пресуда се направени суштествени повреди на кривичната постапка, од причина што таа не е јасна и е противречна на самата себе. Така, јас и останатите членови на сeмејството, иако сите сме дипломирани правници, од образложението на пресудата, кое е повеќе од обемно, не сфативме и не разбравме зошто нашиот татко и сопруг е осуден на казна затвор од 15 години“, вели Марија Лазарова.

Марија Лазарова, ќерка на Душко Лазаров

Ќерката на Лазаров појаснува дека од првостепениот суд очекувале пресуда со факти и аргументи засновани на доказите изведени на главната расправа, но за жал образложението на писмено подготвената првостепена пресуда не е такво.

„Првостепениот суд во изреката на пресудата наведува дека обвинетиот Душко Лазаров постапил спротивно на членот 20 од Упатството за златна, сребрена и бронзена команда, но затоа пак во образложението на пресудата нема да најдете ниту една реченица со која судот објаснува на кој начин и со кое дејство Душко Лазаров постапил спротивно на овој член. Судот во пресудата не наведува ниту што бил должен да преземе, од кои докази се утврдува неговата евентуална должност за преземање мерки и дејства, кои мерки и дејства, дали и каде е предвидена каква било должност на обвинетиот Душко Лазаров за преземање мерки и дејства во конкретниот случај. Одговор на овие прашања првостепената пресуда не дава, па поради тоа е нејасна, противречна, необразложена, непотполна или кратко кажано се работи за незаконита судска одлука. Не случајно судот не го образложува членот 20 од Упатството. Тоа е така затоа што кога овој член би бил елабориран, несомнено би се утврдило дека обвинетиот Душко Лазаров не е тој што постапил спротивно на него, а дека лицата што биле должни да постапуваат по овој член во оваа судска постапка беа викнати замислете само како сведоци“, појаснува Лазарова.

Во изреката на пресудата се наведува дека обвинетиот Душко Лазаров кривичното дело го извршил како дежурен во Оперативниот штаб, ама и за ова во пресудата нема ама баш никакво образложение од кои докази судот го утврдил ова негово својство, а тоа е така затоа што таков доказ нема.

Едно од рочиштата за „27 април“ во Основниот кривичен суд

Ќерката на началникот во МВР вели дека согласно со Записникот за работа на Оперативниот штаб, кој беше изведен како доказ, во штабот постојано требало да бидат присутни најмалку 8 претставници од различни организациони единици.

„Значи не било предвидено да има дежурен, туку задолжително требало да присуствуваат најмалку 8 претставници од различни организациони единици, кои тој ден не присуствувале, а причините поради кои тие не присуствувале за жал во оваа постапка не се утврдуваа. Она што требало да утврди првостепениот суд, а не утврдил, е дека обвинетиот Душко Лазаров тој ден бил само советник во Оперативната канцеларија, кој немал овластување да издава каква било наредба, што на јавната седница пред Апелациониот суд го потврди и вишиот јавен обвинител, па затоа оваа пресуда мора да биде укината. Со читање на оваа пресуда се соочивме со уште еден поголем апсурд, бидејќи утврдивме дека образложението е контрадикторно на изреката, затоа што од доказите изведени на главната расправа така како што се образлагаат во пресудата не се утврдува дека обвинетиот Душко Лазаров бил овластен да издава никаква наредба, ниту пак да одобри каква било наредба. Судот во образложението на првостепената пресуда не ги разработува сите релевантни одредби од Упатството за златна, сребрена и бронзена команда согласно кои требало да се постапува критичниот ден. Доколку судот ги анализирал сите релевантни одредби од ова Упатство, ќе можел да донесе правилен заклучок дека наредби можеле да издаваат само златниот, сребрениот и бронзениот командир, а од останатите докази да ги утврди нивните имиња и презимиња, помеѓу кои ги нема името и презимето на Душко Лазаров“, вели Лазарова.

Во една ваква неоспорна ситуација, кога носителите на командите се определени по име и презиме, зачудува фактот дека судот може да го осуди овој обвинет на 15 години затвор поради неиздавање наредба, кога тој воопшто не спаѓа во синџирот на командување.

„За апсурдот да биде уште поголем, во образложението на првостепената пресуда судот цитира и изјави на сведоци за кои во ниту еден момент не наведува дека не им поклонил верба, а кои сведоци недвосмислено изјавија дека обвинетиот Душко Лазаров немал овластување да издава наредби. Од сето ова што досега го наведов, произлегува и дека судот погрешно ја утврдил фактичката состојба. Кога станува збор за погрешно утврдената фактичка состојба како една од направените повреди, пред сè сакам да се осврнам на изјавите на сведоците Агим Нухиу и Сашо Трпевски, кои наводно од обвинетиот Душко Лазаров барале тој како советник да издаде наредба за евакуација на пратениците, изјави што се во спротивност со изведените материјални докази и со изјавите на сите други сведоци. Така, сведокот Агим Нухиу, кога станува збор за него, многу добро знае дека командата е една и единствена бидејќи како што кажа бил советуван од неговите советници да внимава дека командата е една и единствена и дека нема пренесување на овластувањето за командување, што очигледно намерно го заборава кога говори за обвинетиот Душко Лазаров. Замислете, тој како министер, кој е највисоко поставен во хиерархијата на МВР, кажува дека и тој требало да го почитува воспоставениот систем на командување со Упатството за златна, сребрена и бронзена команда, ама обвинетиот Душко Лазаров, кој е советник и најмалку 10 скалила под него, немало потреба да го почитува ова Упатство. Ете на ваков сведок не треба да му се подари верба, а уште помалку еден суд да го прогласи обвинетиот Душко Лазаров за виновен и да го осуди на казна затвор од 15 години, иако сите други материјални и вербални докази го зборуваат спротивното“, појаснува Лазарова.

Таа меѓу останатите аргументи ја споменува и изјавата на сведокот Сашо Трпевски од која, како што вели, се заклучува дека тој јавно призна дека воопшто не знае кој е златна, сребрена и бронзена команда, дека тој се однесува како овие термини прв пат да ги слуша, неколку пати јасно нагласува дека не ги знаел ниту своите овластувања.

Ќерката на Лазаров ги замолува судиите да се запрашаат дали од сведок што не знае дека постои Упатство за златна, сребрена и бронзена команда, сведок што не ги знае своите овластувања, може да очекувате да знае за што бил овластен обвинетиот Душко Лазаров и дали врз основа на изјава на еден таков сведок може да се донесе осудителна пресуда за едно вака сериозно и тешко казниво кривично дело? Таа вели и се надева дека одговорот ќе биде оној вистинскиот, односно дека не може.

„Со пресудата е направена и повреда на материјалното право од причина што за извршување на ова кривично дело кај сторителот е потребно да постои директна умисла, односно свест на сторителот за сите обележја на кривичното дело и сакање на неговото извршување. Иако на главната расправа не беше изведен ниту еден вербален, ниту пак материјален доказ што би упатил на постоење на директна умисла кај обвинетиот Душко Лазаров, сепак сакам да го кажам и следното. Сведокот Кирил Бошковски, на кој судот му подарува верба, изјави дека на критичниот ден од обвинетиот Душко Лазаров добил насока полициските службеници да се постават пред вратите на Собранието и да не дозволат влез на масата во внатрешноста на Собранието, а по објавата по радиоврска дека во толпата има лица со качулки на главата од обвинетиот Душко Лазаров добил насока да изврши легитимирање на овие лица. Од друга страна, пак, сведокот Ѓорѓи Симоновски изјави дека обвинетиот Душко Лазаров на претставникот од ОЗОЛО, во случајот на сведокот Сашо Трпевски му дал насока за зајакнато обезбедување на вратите од Собранието од внатрешна страна. При ваква состојба на работите, која произлегува од доказите изведени на главната расправа, ве молам да се запрашате дали некој што веднаш по објавата на радиоврска за присуството на лица со качулки на главите му јавува на својот колега од СВР да се изврши легитимирање на лицата со качулки на главите, може да има меѓусебно поврзани и усогласени дејства со овие лица. Дали некој што на своите колеги им давал вакви насоки и совети за обезбедување на вратите на Собранието од внатрешна и надворешна страна имал директна умисла да дозволи влез на масата протестанти во Собранието и да го наруши уставниот поредок. Се надевам дека ќе утврдите дека не може. Но исто така ќе ве замолам да не заборавите и дека некој што со директна умисла тој ден ги отвори тие врати од внатрешната страна, денес е слободен, иако сите знаеме дека без да се отворат тие врати од внатрешна страна немаше да се случи тоа што се случи на 27.4.2017 година во Собранието“, додава Лазарова.

Семејството на обвинетиот Душко Лазаров бара второстепениот суд да ја исправи, како што велат, неправдата што им е нанесена и да ја укине првостепената пресуда.

Во февруари минатата година Лазаров доби можност да го даде својот завршен збор пред Основниот кривичен суд. Тогаш тој се повика на анекс-планот и посочи дека како дежурен во Оперативниот штаб ноќта на 27 април 2017 година немал никакви овластувања да им дава наредби ниту на посебната, ниту на специјалната полиција, ниту пак, да ангажира дополнителни полициски сили.

Изрекувањето на пресудата за „27 април“

„Како советник во Оперативниот штаб не сум имал овластувања за распоредување дополнителни полициски сили, ниту да издавам наредба за евакуација. Како советник постапував согласно со овластувањата утврдени со анекс-планот. Немав овластување за издавање наредби, такво нешто имаа оние со златна, сребрена и бронзена команда“, посочи тогаш обвинетиот Лазаров во својот завршен збор.

Обвинетиот рече дека постапил по барањето на министерот Агим Нухиу, кој од сите во Оперативниот штаб побарал да се ангажираат полициски сили. Тој се јавил на Чавков и на уште двајца што имале надлежност да ангажираат засилување и им ја пренел пораката на министерот Нухиу.

Чавков му одговорил дека е запознаен и дека се преземаат потребните мерки.

„Единствено нешто што можев да го направам е да го пренесам барањето на министерот до надлежните и тоа и го сторив. Ако нешто згрешив на 27 април, тоа е што само јас се појавив во Оперативниот штаб, а ги немаше оние што имаа овластување да издаваат наредби“, дополни тогаш Лазаров.

На крајот на мај годинава во Апелацискиот суд во Скопје беше одржана јавна седница за првостепената пресуда за настаните од 27 април. Семејството на Лазаров сите аргументи со кои ја оспорува првостепената одлука сега ги предаде во рацете на второстепените судии.

Тие велат дека една загубена битка не значи и загубена војна и дека ќе се борат до крај бидејќи правдата мора да победи. Нивната надеж , а и на Лазаров, е Апелацискиот суд во Скопје.

Доколку судиите донесат одлука да ја укинат пресудата и предметот да го вратат на повторено судење, Лазаров ќе добие можност да се брани од слобода бидејќи ќе изминат 2 години од правосилност на обвинителен акт, колку што е законски дозволениот максимум за притвор.

Но доколку пресудата биде потврдена, таа веднаш станува правосилна и Лазаров ќе треба да замине во Идризово да ја издржува долгогодишната затворска казна.

Семејството вели дека ќе ги искористат сите правни лекови и до Врховниот суд, па и до Европскиот суд за човекови права.

Лазаров е уште во Истражниот затвор во Шутка, иако има можност со своја согласност, бидејќи е осуден, да побара да биде префрлен во Идризово.

Неговото семејство вели дека условите во затворот во Идризово се можеби за нијанса подобри од оние во Шутка, но Лазаров останува во притворска ќелија до крај, бидејќи, како што им велел кога имале можност да го посетат, верува во своја невиност и живее за денот кога ќе докаже дека без вина и докази завршил зад решетки.

Деновите во Истражниот затвор во Шутка ги минува со секојдневно читање книги и добра мисла, а во последниот период и во исчекување на одлуката на Апелацискиот суд.

По одржаната јавна седница второстепениот суд треба во најкраток можен рок да донесе одлука по поднесените жалби за овој предмет.

К. Додевска

Објавено

Вторник, Јуни 23, 2020 - 10:51

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе

Оваа парафраза на големиот Иво Андриќ, нобеловец и водечко книжевно име на Балканот, за малку ќе го погодеше лично него.

повеќе