Се додека Апелацискиот суд Скопје, не донесе пресуда по жалбата поднесена од обвинетиот Алмир Дрпљанин, Кривичниот суд Скопје не може да постапува по барањето за повторување на постапката за случајот „Алфа", поднесено од одбраната на Агим Ислами, осуден на доживотна казна затвор за нападот и убиството на припадник на единицата Алфа во ноември 2008-та година на паркингот пред Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Претседателот на Основен Кривичен суд Џолев, на новинарско прашање дали е разгледано новото вештачење, новите докази поднесени од одбраната на осудениот Ислами, изјави дека во моментот предметот во врска со случајот „Алфа“ се наоѓа во Апелациониот суд каде во втор степен треба да се одлучува по жалба на еден од сообвинетите, односно за Алмир Дрпљанин.
„Истиот момент кога ќе биде изготвена пресудата во Апелацискиот суд, ние ќе постапиме по барањето за повторување на постапката. Ќе го процесуираме, каква ќе биде одлуката не знам. Меѓутоа ќе се постапи по барањето за повторување, ќе се разгледа и доколку има основ ќе донесеме одлука соодветна“, истакна Џолев одговарајќи на новинарско прашање по свеченоста организирана за приемот на осмата генерација слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители.
По Дрпљанин кој беше уапсен летото 2012 година во Косово, беа распишани неколку меѓународни и поголем број национални потерници за бројни тешки кривични дела извршени во Македонија.
Министерството за внатрешни работи во соработка со косовската полиција на 26 јануари, 2015 година успешно ја заврши екстрадицијата на 35 годишниот Алмир Дрпљанин кој беше спроведен во штипскиот затвор за одлежување на бројни затворски казни меѓу кои и доживотни. Во Македонија беше екстрадиран од косовскиот затвор Дубрава.