Барал условна казна и признал вина

Кичеец усмрти човек со претекнување на полна лента, Обвинителството вели било од небрежност, осуден е на 6 месеци затвор

Зоран Милевски Кичеец доби шест месеци затвор за сообраќајката со жртва која се случи на 4 септември годинава, потврдија од Обвинителството за МКД.мк. Освен еден загинат во несреќата повредени беа и 7 лица. Според Обвинителството единствениот прекршок што Кичеец го направил било претекнувањето на полна лента и за тоа, велат од таму, тој се каел и го признал кривичното дело. Иако Кичеец и претходно е осудуван, што се смета за отежнувачка околност, тој сепак за сообраќајка во која загина едно лица доби најниска затворска казна, односно 6 месеци. Обвинителството смета дека сообраќајката Кичеец ја сторил од небрежност. Кичеец со спогодбата барал да биде осуден на условна казна, но е осуден на затвор од 6 месеци.

„Во предметот за кој покажувате интерес Основното јавно обвинителство Гостивар првично донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело - Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител спроведе темелна истражна постапка во рамките на која беа наредени и извршени повеќе вештачења за точно утврдување на причините за несреќата. Од резултатите на извршените вештачења произлезе дека осомничениот во критичниот момент немал траги од алкохол или опијати во крв и урина и не ја пречекорил дозволената брзина на патот.“

„Единствен констатиран пропуст со сообраќајното вештачење е претекнување на полна лента, за што осомничениот призна вина и изјави жалење и каење за стореното кривично дело. Имајќи ги предвид сите утврдени околности, надлежниот јавен обвинител констатираше дека осомничениот го сторил делото од небрежност и дека во конкретниот случај се исполнети елементите на кривично дело - Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 и став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик", стои во одговорот од Обвинителството.

Осомничениот преку неговиот бранител поднесе предлог-спогодба за признание на вина со која предлагаа условна казна затвор за стореното кривично дело.
Надлежниот јавен обвинител го одби ваквиот предлог, па имајќи ги предвид сите околности во предметот и судската пракса на Основниот суд Гостивар, одлучи да постигне предлог-спогодба со која на обвинетиот ќе му биде утврдена ефективна затворска казна од шест месеци. Ваквата спогодба беше потврдена од надлежниот суд.

Според ОЈО Гостивар, на 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај.

„Движејќи се со патничко моторно возило „мерцедес" со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ" со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил „санг јонг" со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „мерцедесот" во предниот десен дел од автомобилот „санг јонг". Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ" кој бил претекнуван. Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „санг јонг", четири лица добиле тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, добиле со телесни повреди", соопштија тогаш од Обвинителството. 

Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, оштетените и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Кичеец по определениот притвор помина во Истражниот затвор во Шутка само 3 дена. Откако до затворот стаса решение од Основниот суд во Гостивар со кое беше одлучено Милевски веднаш да биде спроведен на издржување на казната затвор во Струга, тоа беше и направено. Тој е осуден на казна затвор од 3 години за случајот „Рекет“ каде што исто така призна вина. 

Милевски влезе во Истражниот затвор во Шутка на 7 септември околу 21.30 часот, а излезе по само три дена, односно денес, 10 септември околу 17.30 часот. 

К.Д.

 

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе