Со одлука на судот

Кичеец останува во куќен притвор, адвокатите ќе се жалат на висината на казната

Судијката Васка Николовска - Масевска рече дека при донесувањето на одлуката за три години затвор ги зела предвид и олеснителните и отежнителните околности.

Олеснителни околности се однесува на тоа дека обвинетиот Зоран Милевски Кичеец е татко на пет малолетни деца, единствениот што се грижи за своите болни родители, фактот дека првпат е во судир со законот, како и дека признал вина пред судот.

Отежнителни околности, според судијката, се тоа дека постои општествена опасност од сторувањето на ваквиот тип кривични дела, како и тоа дека кривичното дело примање награда за противзаконито влијание претставува потешко кривично дело.

Во трите години затвор што основниот суд му ги изрече на Кичеец е пресметано и времето што тој го помина во притвор.

При изрекувањето на пресудата судијката ги спомена и обвинетите Катица Јанева и Бојан Јовановски и прочита дел од наводите на обвинителниот акт за обвинението што го застапува обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Таа нагласи дека Кичеец влијаел да се извршат службени дејства што не смеело да се извршат, а тоа било сторено со договарање меѓусебни средби.

Во пресудата судијката прочита и дека Јанева барала 8 милиони евра за да се запрат постапките што се воделе против Орце Камчев и 5 милиони евра ако СЈО се прогласи за неовластен тужител во постапката за случајот Империја.

По денешното изрекување на пресудата обвинителката Русковска побара на обвинетиот да му биде продолжена мерката куќен притвор. Наспроти ова, неговите адвокати Александар Новаковски и Сања Алексиќ побараа да му се укине мерката куќен притвор со образложение дека тешко му паѓало од ваквата мерка со оглед на фактот дека требало да се грижи за своите болни родители.

Адвокатите пред судот тврдеа дека Кичеец нема да побегне ако биде пуштен од куќен притвор, бидејќи од почетокот на отворањето на овој предмет тој постојано бил достапен за надлежните, а во моментов бил невработен и куќниот притвор за него претставувал казна.

Судот по изречената пресуда одлучи да му ја продолжи мерката куќен притвор.

Неговите адвокати во изјава за медиумите најавија дека ќе се жалат на пресудата бидејќи според нив таа е превисока.

К.Д.

Фото: Роберт Атанасовски

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе