По 5 часовното сведочење на бизнисменот

Камчева со заклетва дека ќе ја зборува вистината, утре ќе треба да сведочи сè што знае за „Рекет“

Ана Камчева, сопругата на бизнисменот Орце Камчев кој е осомничен во „Имерија", а клучен сведок во „Рекет" утре ќе треба да се појави на суд како сведок. По добиената покана, обврска на Камчева согласно законот ќе биде да застане на пултот за сведоци, да се соочи со обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, да даде заклетва и да се заколне во својата чест дека ќе ја зборува вистината и да каже се што знае, а е поврзано со овој предмет.

Утре на судењето за случајот „Рекет", освен сопругата на бизнисменот Орце Камчев, Ана Камчева како сведок на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е повикано да сведочи уште едно лице, а се работи за сметководителката во фирмите на Камчеви.

На минатото рочиште во судница се појави само Камчев. Пред неговото сведочење кое траеше со часови во Основниот кривичен суд во Скопје, тој на судот му соопшти дека Камчева е болна и поради покачена висока температура не е во можност да дојде на судењето.

Утре Камчева треба да донесе и лекарска документација за тоа дека навистина, иако примила уредна покана на минатото рочиште не можела да се појави во судот поради покачена температура.

Таа прво ќе треба да одговори на прашањата на обвинителката на гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, а потоа и на прашања на одбраната, па на Јовановски и Јанева, и на крајот на прашањата од судот.

Камчев појаснувајќи ја постапката за „Империја", која според него е измислена, ја спомена и својата сопруга Ана Камчева. За неа тој рече дека добил телефонски повик дека ѝ била договарана средба со Димишков, иако е, како што рече, сама мајка со две деца, со кола била однесена на тајна локација, во стан за кој, како што рече Камчев, од Димишков добила образложение дека е наменет за специјални клиенти. Образложението што го добила овде било дека за да му помогне на својот сопруг, треба да даде 2, 4 или 6 милиони евра.

„Расплакана Ана си заминала од средбата и по ова следувала уште една средба со Боки 1. Тој ѝ кажал дека има влијание и може да помогне. Неговата моќ беше страшна, ѝ дал образложение дека може да се отворат уште најмалку 3-4 предмети со мене. Обвинителката во овој случај парите од мојата сопруга ги барала преку Бојан. 350.000 евра беа спакувани во кутија за кондури и ѝ беа предадени на госпожата", рече Камчев пред судот.

Според него, во оваа ситуација тој бил подреден бидејќи во очите на јавноста Јанева била Чарлиевиот ангел, а тој бил криминалец, а Јовановски бил многу моќен. Во овој дел од сведочењето од него беше побарано да појасни зошто кога понудил толку голема гаранција за да му биде укинат притворот, имало потреба некој да го уценува и да му бара дополнителна сума пари за определување поблага мерка. На ова Камчев беше дециден дека таа чиста гаранција од 14 милиони евра што тој ја дал била одбиена, за да може Јанева и Стефанова, како што рече, „да глодаат како хиени".

Брачниот пар Камчеви се сведоци во „Рекет“ на предлог на Русковска, а освеннив во судница за оваа постапка ќе има и други сведоци. 

К.Д.

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе