Обвинетиот бара да биде пуштен од притвор

Камчев: Не сум ги видел децата 7 месеци, во „Шпион“ обвинет се разболе од карцином и умре во затвор, ќе се случи не дај боже нешто и со мене

Орце Камчев, обвинетиот во случајот „Плацеви на Водно"во врска со барањето за замената на мерката притвор или за укинување на мерката притвор од неговите адвокати денес пред Судот рече дека сакал да појасни и на судиите и на јавноста неколку моменти. Камчев е во притвор во Истражниот затвор во Шутка веќе седум месеци, а за мерката притвор рече дека е тотално незаконска.

Изјавата на Камчев ја пренесуваме интегрално:

„Обвинителот, во сите шест негови одговори на нашите барања за замената мерка притвор го манипулира Кривичниот совет и Апелациониот суд со невистинити податоци. Да не кажам фалсификувани, за тоа ќе има посебна постапка против неа, меѓутоа фалсификувани податоци и изманипулиран Кривичен совет и Апелационен суд. Обвинителката Стефанова се осврнува на 4 дела на кои бара да мојата мерка притвор во затворот Скопје опстојува затоа што е можноста за бегство, а таа е, под точка 1. Од незаконската, повторувам незаконската белешка на ерменската АНБ на Република Македонија која што е направена во Берово и за која што сум спремен на полиграф веднаш, или доколку они имаат било каква снимка или слика да ја достават до Вас како судија, да поткрепат дека со било кое странско лице сум преговарал за бегство од Република Македонија. Ова го изјавувам одговорно, како Јордан Камчев пред целата македонска јавност.

Обвинителката во сите шест нејзини одговори на жалби до Кривичниот совет и Апелациониот суд манипулира дека јас поседувам фирми во Република Србија, Република Бугарија, Руската Република, Република Хрватска и Република Косово. Почитуван судија, ние тие докази ги добивме минатиот пат , значи 5 месеци ги немавме добиено доказите дека јас поседувам такви фирми. Ги добивме пред 20тина дена и веднаш со мојот тим спремивме одговор и го информиравме и обвинителството и судот во текот на денешниот ден откако ги добивме документите од централните регистри на споменатите земји дека информациите кои што ги доставува обвинителката до Кривичниот совет и Апелациониот суд, а во врска со продолжување на мојата мерка притвор се невистинити и лажни.

Орка Холдинг ,во Белград, точно имала правен субјект кој го регистрирала и кој што го пријавила во Министерството за економија на Република Македонија и во Централниот регистар, истиот работел и на 2ри април 2013 година е затворен.

Имала и втор правен субјект во Белград кој исто така работел, но на 24 септември 2020 година е затворен. Имала 10тина години и компанија во Хрватска која во 2016 година е затворена. Имала и компанија во Република Косово која во 2015 година е затворена. Имало инвестиција во компанија во Руската Република која во 2019 година е продадена. Имало и инвестиција во Република Бугарија која во 2012 година е продадена.

Сите овие компании Почитуван судија, се наведени како основ за продолжување на мојата мерка притвор како активни компании. Зар тоа не е дрска манипулација на Кривичниот совет и на Апелациониот суд? Мојот адвокат Еленко ви ги достави празни и се надевам ќе ги цените како што треба.

Исто така, се наведува дека мојата компанија била кредитно задолжена во Република Швајцарија на 10 милиони евра во компанијата Winner Finance Group

Уште една лага и манипулација - за тоа Ви доставувам доказ.

Компанијата Орка Холдинг има рамковен спогодбен кредит и тој кредит опстојува 10тина години и никогаш, апсолутно никогаш, бидејќи е пријавена во Народна банка на Република Македонија, немала кредитно задолжение од 10 милиони евра. Има еден  долгорочен кредит од 642.000 евра, кој редовно се плаќа и за кој последната рата е 2025 година. Компанијата Орка Холдинг не е воопшто кредитно задолжена. Според книговодствената евиденција 4,2% од капиталот на Орка Холдинг е задолжен во банките на Република Македонија,  госпоѓо обвинителке.

Што друго обвинителката сака да кажам? Дека јас ќе бегам од Република Македонија?

Ќе кажам прв пат еве пред Вас, бидејќи никогаш не ми беше дозволено пред Кривичниот совет и Апелациониот суд да се изјаснам,  ќе кажам дека имав времен пасош, 6 месеци, од месец мај 2019 година, до месец ноември 2019 година. Го искористив 56 пати, за службени патувања. 

Последниот пат кога го користев пасошот Почитуван судија, тоа беше четири дена пред истекот на пасошот. На Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку заеднички пријател му пуштив порака дека заминувам службено итно во Истанбул и дека ќе се вратам после два дена. Постојат пораки до Министерот, којшто ќе ги потврди, кога се вратив дента пред да ми истече пасошот го информирав и му се заблагодарив.  Е толку е од бегството на Јордан Камчев од Република Македонија. Јас сум одговорен граѓанин во оваа држава, кој што плаќам даноци, којшто вработувам луѓе и за да не настане проблем лично го информирав министерот дека заминувам на пат и се враќам, и ја депонирав патната исправа во суд кога истече рокот. Да сум сакал да бегам Почитуван судија, ќе бегав од оваа земја.

Што уште сакам да додадам, дека сите овие аргументи што ви ги доставуваме со докази, со докази, не сме имале досега можност да ги доставиме на никого затоа што првпат обвинителката ми достави доказен материјал со кој се правдам за моето можно бегство од Република Македонија. Откако падна во вода фамозната белешка на ерменската АНБ на Република Македонија чија работа и беше воајерски да се занимава со ситуации во Берово, наместо да ги прати тројцата службеници од ОБСЕ што прават со Република Македонија, со името и тоа што не требаше да го прават, јас на Прочка добив, на најголемиот христијански празник порака, на 13 март 2020 година во 8 часот и 40 минути, донесен во Судот да ме уапсат. Не можеа да го направат тоа ни во понеделникот, ни во вторникот ни во средата, знаеја каде сум, не сум бегал, сум бил тука. Сето тоа беше смислена добра акција  да ми се прати порака на Прочка,  сите знаете што е Прочка заради предметот Рекет и заради конструкцијата што беше правена околу моето рекетирање на фамозната СЈО на чело со Катица Јанева, Лиле Стефанова и Бојан 13.

Исто така се наведува уште една околност, г-дин Судија, четврта дека против мене се води друг предмет, Империја. До денес, денес е 10 септември 2021 година, од 28 февруари 2018 година до 10 септември 2021 година, одземајќи ги месеците со ковид кога судот не работеше и кога беше законски одложено, се поминати 43 месеци, 43 месеци истрага. По законот, Вие сте судија, тоа се 6+6+6+3  со одобрение на Повисокото обвинителство за највисоки терористички дела, 21 месец.

И од кога се предадени предметите до Републичкиот обвинител од страна на СЈО, поминати се 22 месеци. По сите законски одредби, рокови, се живо е надминато во однос на тој случај. Било што и да имала обвинителката, после 43 месеци, до сега ќе подигнела обвинение.

Ама правдајќи се, сега пред јавноста, нели, ќе мора да исконструира било какво обвинение  и за тој случај, како што е и ова обвинение, кое што ќе го докажеме низ судската постапка, за да се оправда дека 50 месеци истрага, каде што пазете, нема даночно затајување, нема зделка со државата, нема коруптивен настан, нема ниту една квалификација во која што е оштетена државата или буџетот на Р. Македонија, се работи за некакви злоупотреби, лажни стечаи и слично.

Не знаејќи што да прави, 45 месеци во истрага ми го наведува како дел од притворскиов предмет во Плацеви. Па ако не е срамота, е трагедија.

Стејт департментот во последниот извештај за 2020 година цитираше дека долгите истраги во Р. Македонија се најголемото зло. Во 2021 ќе ја цитира и оваа истрага, и ова што го прави обвинителката. Од лична природа, апсолутно против сите правни закони во оваа држава.

Знам дека ја погодува тоа, знам дека ќе има уште едно изземање денеска од нас до републичкиот јавен обвинител и до советот на обвинители и тоа само со докази, не паушално, за се она што збориме го имаме со нашиот адвокатски тим и докажано и знам дека ќе победиме. Првадата е спора, но ќе дојде.

Јас, само доколку се навратиме уште на неколку моменти – што значи казнава притвор? Дали значи пресуда и дали значи казна?

Јас сум сега осуден со казна притвор, 7 месеци. Ако погледате во САД само пред година и половина се случија најголемите демонстрации и проблеми во историјата на САД. Дерек Шовин,полицаецот, кој што го уби Џорџ Флојд и по што настана ерупција на незадоволство во САД беше ослободен со кауција од 1 милион долари, почитуван судија. Кауција од 1 милион долари за убиство на полицаец, за кое се подигна цела Америка, цел свет. Јас понудив на овој суд четири, пет, шест милиони долари во гаранција, седумстотини илјади евра во готови пари, понудив акции во вредност од 1.200.000 евра и седам во притворот во Шутка.

Ако идеме уште поблиску, во екс-ЈУ Републиките ќе го земете и примерот со најбогатиот човек на Балканот, Ивица Тодориќ кој што пред само година и половина беше побегнат во Кралството на Велика Британија и кој што заради даночна, повторувам заради даночна измама беше вратен во Хрватска, и после само 48 часа од бегството беше пуштен со кауција од 7 милиони куни или приближно 950.000 евра. Ако сакате во Србија, Мишковиќ, кој што исто така беше цел на политички прогон, беше пуштен со кауција, највисоката историска кауција од 12 милиони евра. Зоран Терзиќ, исто во Србија, беше пуштен со кауција од 1.3 милиони евра.

За јас овде да седам, во затворот  Шутка, заради лични хирови на обвинителката која што повторувам, го манипулира Судот, Кривичниот совет, како што ги манипулира тројцата судии за оценка на обвинителниот акт и Апелациониот судија кај што достави фалсификувани документи, овојпат во врска со мојата сопственост на моите фирми во странство и можност за бегство.

Не барам ништо, барам само правда и барам само вистина.

Би сакал да ве замолам, Вие само пред месец, месец и половина докажавте дека сте исклучителен судија со пресудата што ја донесовте на 27-ми април за после постапката за тројца осудени луѓе  кога обвинителството на нивниот познат начин инсистираше за ефективен притвор  затоа што они ништо друго не разбираат освен ефективен притвор, за осудените тројца Миле Јанакиески , Спирo Ристовски и Трајко Вељановски и вие дозволивте истите тројца иако осудени  на 6,5 години  до правосилноста на пресудата да бидат во куќен притвор. Тоа е прав судија и такви судии треба да има во Р.Македонија, а не вакви обвинители како што имаме денеска, во салава.

Затоа, јас Јордан Камчев татко на две малолетни деца кои не сум ги чул и видел седум месеци ќе ве замолам согласно законот за кривична постапка  член 150,  сум спремен  да ми одредите разумна гаранција во износ кои сметате вие  дека е доволно да не се дадам во бегство  да го депонирам во  ефективни готови пари, банкарска гаранција или во хартија во вредност, како што  пропишува во законот за да можам да си ја спремам мојата одбрана за овој предмет, во домашни услови или од слобода доколку вие така оцените затоа што, ниту имам намера да се дадам во бегство  ниту некогаш сум се дал во бегство,  ниту сум направил нешто спротивно на законите  на Р. Македонија, ниту  во овие 51 година сум осуден. Сум платил милиони евра даноци, сум вработил многу луѓе и сум помогнал многу на ова стопанство и во овој живот на Р.Македонија.

 Ви благодарам за времето, ви благодарам за можноста да се искажам во врска со сите овие  аргументи и докази  кои што се  однесуваат на мене и мојот седуммесечен притвор незаконски и мислам дека Советот на јавни обвинители или Јавната обвинителка  која што е за организиран криминал  ќе ја уважи нашата жалба  и ќе ја изземе  обвинителката Лиле Стефанова  од нашите предмети  затоа што постои личен  анимозитет кон мене и моето семејство. Го повторив тоа во моето воведно излагање  ќе го повторам и сега , заради 5 % обвинители  не можеме да мислиме дека сите други  95 % се исти како овие што  биле вклучени во организирани криминални активности  заедно со Катица Јанева, Боки 13 и останата багра од тие 5 %.

Ви благодарам и  Ве молам да го погледнете членот 150 и да ми одредите согласно законот, секоја разумна кауција во ефективни пари,  банкарска гаранција и или пак хартии од вредност,  за да не настане господине судија ист случај како  што настана пред 5-6 години  кога во предметот  кој што го водеше истата обвинителка под наслов Шпион еден од обвинетите  со карцином до последен ден беше  изживуван во затворот во Шутка  и почина таму.  Ќе се случи не дај боже  нешто и со мене  па потоа ќе има, односно не мора да има грижа на совест.

 Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот", неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари", а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело".

Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев се во затворот „Скопје" во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор. Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост.

 

 

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе

Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. 

 

повеќе