Детали од пресудите за Авдиљраман Ајвази

Како командант Тануша од опасен бегалец баран за убиство пред очи на малолетни деца, стана слободен граѓанин?

На 8 јуни под силно полициско обезбедување Авдиљраман Ајвази, алијас командант Тануша, беше спроведен во најголемиот затвор во државава. Зад решетки заврши поради распишана потерница, која всушност, според одлуката на Врховниот суд, не требало да биде активна. Големата порта на затворот во Идризово минатиот четврток (8 јули) ноќта за командант Тануша се отвори во 22.30 часот.

Со лисици на раце полициските службеници од МВР ѝ го предадоа на затворската полиција во Идризово, по што тој замина во приемното одделение за затворот. Таму Тануша беше заедно со уште 10 лица.

Викендот го мина таму, а веќе во понеделникот (12 јули), во 15.43 часот, истата таа огромна затворска капија му остана зад грб и тој слободно, без лисици, ги поздрави затворските чувари и си замина на слобода.

Тој еднаш веќе беше во затворот во Идризово, и тоа од 12 јули 2013, па до 6 август 2014 година.

Иако уапсен како опасен криминалец, за само 4 дена Тануша беше ослободен. Главната причина што Врховниот суд бара да се утврди е кој пукал и од каде е пукано, а тоа според овој суд можело да се утврди само со реконструкција и во присуство на вештак од судска медицина.

Според исказите што ги има во првостепената пресуда, а ги потврдува и второстепениот суд, и опишаната хронологија на настанот, настанот за кој му се суди на Тануша се случил во продавницата „Сал идизком“ во село Липково, Кумановско.

„Околу 16 часот обвинетиот дошол во продавницата и купил две пакетчиња ресана, при што претходно во продавницата се паркирал со возило БМВ со скопски таблички. Додека оштетениот бил во продавницата, возачот на возилото го повикал да го праша нешто, по што оштетениот излегол од продавницата и застанал до возилото и видел дека покрај возачот во возилото има уште две лица. Во меѓувреме од продавницата излегол командант Тануша и се качил во возилото. Седнал на предното седиште наменето за совозач, по што возилото заминало во правец на Липковско Езеро. По кратко време од неколку минути истото возило повторно се вратило и назад и запрело на истото место, пред продавницата како и претходно, па возачот го отворил прозорецот, па оштетениот го прашал возачот зошто се мајтапел. По ова обвинетиот почнал да пука со пиштол кон оштетениот, при што бил станат од седиштето и преку отворен прозорец со пиштол што го држел со двете раце испукал 4 истрели, од кои два го погодиле во пределот на нозете, а со два го промашил оштетениот. Тој паднал, а во критичниот момент вели дека не го видел другиот оштетен, кој починал, како и неговите деца. Повредениот бил префрлен на Карил, каде што му биле извршени три операции“, стои во пресудата на Апелацискиот суд.

Во неа има и исказ од оштетената продавачка во продавницата, која раскажала дека лицето што седело на совозачкото седиште во автомобилот пукало од покривот на возилото, а оштетениот што потоа починал го молел да не пука за да не ги погоди децата, но бил погоден со куршум и паднал на земја. Во тие моменти, според кажувањата на оштетената, ѝ рекол да ги тргне децата, кои откако тој паднал на земја, притрчале кон него.

Таа раскажала дека оној што пукал во покојниот и повредениот е истиот што претходно купувал ресана во продавницата.

Првостепениот суд во Куманово и Апелацискиот суд во Скопје велат дека Авдиљраман е виновен за убиство и законски осуден на затвор од 20 години. Но не и Врховниот суд, кој смета дека таквата осудителна пресуда треба да се поништи и од почеток да се утврди вистината за настан случен пред десетина години.

Апелацискиот суд во Скопје ја одби жалбата на адвокатот Антонио Апостолски првостепената пресуда да биде укината, но Врховниот суд ја прифати.

Судиите Фаик Арслани, Јелица Крстевска, Џемаил Саити, Мирјана Лазарова-Трајковска и Наке Георгиев на 20 јануари 2021 донесоа пресуда со која барањето на адвокатот Антонио Апостолски за вонредно преиспитување правосилна пресуда се уважува и пресудата на Основниот суд Куманово донесена на 1 октомври 2018 година и на Апелацискиот суд во Скопје од 7 март 2019 година се укинуваат и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно разгледување и одлучување.

Барањето за вонредно преиспитување правосилна пресуда обвинетиот Авдиљраман преку својот адвокат го поднел поради повреда на Кривичниот законик на штета на осудениот, како и повреда на Законот за кривична постапка со цитирани членови. Но главната причина зошто предметот се враќа на повторено судење е реконструкција на настанот.

„Основани се жалбените наводи дека второстепениот суд не постапил по упатствата на овој суд, а тоа е дека треба да се изврши реконструкција на настанот. Наведената пресуда содржи детално образложение, причини за постоење значително сомневање во вистинитоста на решителните факти, кое првостепениот суд не го отстранил при повторно одлучување на предметот. Видно од образложението на првостепената пресуда, прифатено и од второстепениот суд, во случајот не постоеле спорни факти што со реконструкцијата би требало да бидат утврдени, особено што биле познати сите учесници на настанот, утврдена била хронологијата на динамиката на кривично-правниот настан, времето, местото и начинот на извршување на кривичните дела, фактот дека е пукано од местото на десните врати на совозачот на предметното возило, правецот и растојанието од кое е пукано, како и позицијата на обвинетиот во однос на возилото. Ваквите причини за овој суд се неприфатливи, бидејќи овие околности пониските судови ги утврдуваат пред сѐ од исказите на оштетените Б.С. и Џ.С. дадени во истрага, кога двајцата наведуваат дека сега осудениот Авдиљраман Ајвази е лицето што од десната врата на возилото од местото на совозачот, пукало кон оштетениот Б.С. и сега покојниот М.С. Но, овие искази се во значителна мера спротивни од исказите кои ги дале на записник за главен претрес пред првостепениот суд од 26 октомври 2011 година, односно од 21 февруари 2012 година кога овие оштетени не го посочуваат осудениот како сторител на кривични дела. Имајќи го предвид наведеното, овој суд наиде дека спорните прашања на кои укажал овој суд во пресудата од 25 мај 2014 година не се расчистени во доволна мера“, стои во пресудата на Врховниот суд со која Авдиљраман доби ново повторено судење.

Во оваа насока, Врховниот суд повторно укажува на потребата да се изврши реконструкција на местото на настанот, со присуство на вешто лице од судска медицина, со цел да се утврди точната позиција, од каде било пукано и кој пукал, како и судот уште еднаш да стори напори да ги обезбеди предложените сведоци М..А. и С.А., кои се очевидци на настанот.

Врховниот суд со донесената одлука го задолжува првостепениот суд да постапи по упатствата, да изврши реконструкција на настанот што ќе овозможи правилно да се утврди фактичката состојба и да се донесе правосилна и законска одлука.

Наспроти прифаќањето на жалбата од страна на Врховниот суд, Апелацискиот суд во Скопје сметаше дека таа е неоснована.

Судиите Цветанка Периќ, Лирие Елези Ајрулау, Зоран Димитриевски, Сафет Кадрии и Влатко Самарџиски, на јавна седница одржана на 7 март 2019 година ја разгледале жалбата на адвокатот Апостолски и одлучиле дека таа треба да биде одбиена, а командант Тануша да биде испратен во затвор на 20 години.

Јавната обвинителка од Вишото јавно обвинителство Јелица Медарска на јавната седница посочува дека првостепениот суд направил целосна анализа на сите докази и фактичката состојба била правилно утврдена. Истакнува дека првостепениот суд веќе постапил по упатствата на Врховниот суд и дека со оглед дека е поминат подолг временски период реконструкцијата би била значително отежната, а исто така отежнато би било и обезбедувањето на сведоците.

По следење од неколку месеци, МВР спроведе акција и го уапси командант Тануша во болница во Скопје. По ова, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја пофали екипата што ја спроведе акцијата за апсењето на бегалецот.

Но Основниот суд во Куманово со месеци задоцни со известувањето дека за командант Тануша наместо потерница, има укината пресуда од Врховниот суд. 

Од МВР велат дека постапувале по наредба на судовите, во овој случај на Судот во Скопје, кој е единствениот што може да ја отповика меѓународната потерница. Но ниту Судот немал известување дека била укината пресудата, па така меѓународната потерница остана активна и командант Тануша беше фатен. 

По добивањето известувања од судијата за извршување санкции, затворот во Идризово го пушти да се брани од слобода бидејќи за него постапката се враќа на повторено судење. Командант Тануша се бараше со меѓународна потерница за извршено кривично дело по член 123.

Сега останува да се чека дали тој ќе се појави на закажаното рочиште во Основниот суд во Куманово, кое е закажано за во септември.

 

Цели 5 месеци патувал важниот документ од Куманово до Скопје дека командант Тануша не треба да се апси

К. Додевска 

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе