Му нуделе да биде заштитен сведок

Како ѓавол од темјан бегав од УБК, а во судот се изнаслушав за разузнавачи, рече Ченто

Ми понудија да бидам заштитен сведок во замена за кривичната пријава што против мене ја поднесоа. Ова денес на судењето за 27 април го откри обвинетиот Јане Ченто, посочувајќи дека ја одбил ваквата понуда, добиена, како што рече, од полициски структури.

Во завршниот збор пред судот, Ченто, кој за разлика од останатите обвинети претходно, зборуваше малку подолго, 27 април го нарече голем настан и шоу на обвинителството, „кое преку магла од докази сакаше да прикаже дека виновниците се најдени“, но ништо од тоа според обвинетиот не се исполнило. Правото на завршен збор овој обвинет го искористи и да цитира дел од изјавите на обвинителката Вилма Рускоска, која кога зборувала за донесување на Законот за амнестија посочила дека ваквиот закон предизвикал чувство на неказнивост. Ченто постави прашање што беше наменето за обвинителката: зошто кога имале можност и кога давале свое мислење за поднесените барања за амнестија на дел од обвинетите, не го искористиле тоа и не дале негативно мислење за тоа. По ова прашање обвинетиот Ченто праша и дали има поголемо насилство од тоа што биле отворени вратите за да влезе разгневената толпа.

„Зошто обвинителството не даде негативно мислење за лицата кога се носеше одлуката за амнестираните. Сите сведоци што поминаа овде беа прашани дали ако не беа отворени вратите на Собранието немаше ова да се случи. Вие одбивте да одлучувате за поднесените барања за амнестија и за поздрав е тоа што судот не подлегна на тоа да носи одлуки за амнестијата. На вас ви ја поклонив мојата верба“, рече пред судот обвинетиот Ченто.

Тој побара и одговор што е тој на толку разузнавачи од УБК, токму него да го барале, кога бил од Прилеп, а не од Скопје. Овој обвинет пред судот рече дека најодговорно тврди дека никогаш во животот Нинџа не му се јавил за да го мобилизира членството на патриотското здружение.

„Како оган сум бегал од тоа УБК. Во времето на дедо ми тоа се викаше УДБА, а во мое време се вика УБК и од него бегав како ѓавол од темјан. Дојде ред овде во судница да се изнаслушам за разузнавачи, за УБК, за платформи. Нинџа овде рече дека Владимир Атанасовски му кажал дека контактирал со мене, а јас ќе ве прашам што сум јас, на толку разузнавачи баш мене да ме бараат“, рече во завршен збор Ченто.

Обраќајќи им се на судиите, тој побара ослободителна пресуда и им порача дека е сега време во кое тие пишуваат историја.

И обвинетиот Младен Додевски пред судот тврдеше дека не сторил терористичко загрозување на уставниот поредок. Во својот завршен збор овој обвинет го замоли судот да донесе праведна и чесна одлука, посочувајќи дека е татко на 14-месечно бебе кое се уште не го видел и дека има сопруга која е невработена, мајка која е болна под карцином и нагласи дека тој е единствениот кој работел во семејството пред да му биде определен притвор.

Судењето е во тек со завршни зборови на останатите обвинети.

К.Д.

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе

Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

повеќе

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе