Деветта година агонија за петкратното убиство

Каде се крие клучот за „Монструм“: Заев ja вети вистината, Фетаи вели „бомбите“ не откриле нова вистина

3 февруари, 2020 година. Нетрпение, неизвесност, исчекување... Во малата судница на третиот кат во новата зграда на Основниот кривичен суд се сите странки во постапката за случајот „Монструм". Родителите на четирите момчиња Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски (убиен беше и рибарот Борче Стефковски) што свирепо беа убиени 12 април 2012 година, облечени во црнина, седнати се неколку реда зад обвинетите. Со нетрпение чекаат на пултот за сведоци да се појави премиерот Зоран Заев, па на судијата Огнен Ставрев, кој ја води постапката, му се обраќаат со зборовите: „Судија, кога ќе дојде Заев во судница, за ние да може да се расправиме со него?"

На ова добија одговор дека Заев секој момент треба да пристигне во судот каде што ќе се појави како сведок во случајот „Монструм“.

Сведочењето на премиерот Заев тој ден беше закажано за во 11 часот. Судијата Ставрев образложи дека премиерот веќе е на пат кон судот и треба да пристигне во секој момент.

Вратата на судницата беше отворена. Некои од присутните ги гушеше преполниот тесен простор, а некои случувањата и очекувањата за овој грозоморен настан.

Набрзо по нетрпеливите прашања на оштетените, а по смирувачките одговори на судијата, на врата се појави човекот што сите го сметаа за клучот на овој судски процес, Зоран Заев.

Околу 11 часот тој влезе во судница и се упати кон пултот за сведочење. Им ја подаде личната карта на судиите, како што впрочем е ред за сите сведоци во судот, и мирно ги чекаше прашањата од обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, од обвинетите, нивните адвокати, од судиите, а најважно од сѐ, од родителите на убиените момчиња, кои долг период секое рочиште го минуваа со прашања кога премиерот Заев ќе биде сведок за петкратното убиство.

На 2 февруари 2020 наместо ова прашање, тие добија можност да се соочат со него очи во очи и да го прашаат за сето она што со години им тежи. Осум години од убиството и по неколку средби побарани од нив со него, родителите конечно се сретнаа со Заев.

И не само тие, се чини дека целата јавност го чекаше неговото сведочење. Причина за ова беа новите 25 „бомби“ што Заев ги најави како докази што ќе ја откријат вистината за овој случај.

Родителите се смируваат меѓу себе, за да бидат стабилни и да можат да размислуваат убаво како да ги формулираат прашањата на кои одговорите ги чекаат со години. Но каква смиреност може од нив да се бара кога веќе со години се соочуваат со стресовите што им ги донесе убиството на нивните деца, но и талкањето по судниците повеќе од 8 години.

Прашања поставуваа прво татковците, а потоа и мајките. Сведочењето на Заев траеше повеќе од два и пол часа.

Го прашаа кој и што крие за „Монструм“, што значи тоа дека имало разговори што биле „државна тајна“, дали поседува „бомби“ во кои има разговори во кои обвинети разговараат со членови на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, има ли вмешаност на тајните служби во петкратното убиство... 

Горан Наќевски, таткото на едно од убиените момчиња, го праша поранешниот премиер зошто, иако им ветил, никогаш не ги објавил „бомбите“ за „Монструм“.

На ова Заев одговори дека тоа го сторил од две причини, односно поради стравот дека може да предизвика штета и конфузија во јавноста за случај за кој имало огромен интерес, како и дека има одговорност доколку објави докази што се обезбедени со ПИ-мерки.

Поранешниот премиер појасни дека не можел да знае кои од можеби еден милион бомби, колку што рече дека добил од лица од МВР, а ги предал во СЈО во декември 2015, биле обезбедени на незаконит начин, а кои биле обезбедени по претходно издадени наредби за следење на лицата.

Наќески го праша Заев дали досега дал исказ пред обвинител или судија во врска со овој предмет, на што доби одговор дека денешното сведочење е прв пат тој официјално да зборува за случајот „Монструм“.

Родителот на едно од убиените момчиња побара од Заев да му одговори кој му ги преведувал транскриптите, односно текстуално напишаните докази за овој предмет, а поранешниот премиер појасни дека така ги добил од МВР и дополни дека прегледувајќи ги материјалите забележал дека тие немаат целина, односно дека во „бомбите“ недостигаат можеби и месеци во кои не се снимале разговори.

„Ни пративте порака што до денес ја чуваме, дека ќе ни ги дадете сите докази што судот ги крие. Господине Заев, кој и што крие за 'Монструм'? Има класери во предметот на кои пишува 'државна тајна'. Чии броеви и кои лица се тајна во оваа постапка?“, беше едно од прашањата упатени од Наќевски до Заев.

На ова Заев одговори:

„Самите разговори што ги поседував јас и ги чував кај мене во канцеларијата во СДСМ вие ги посочивте како разговори што се кријат, а јас ги отворив за да ви покажам зошто е тоа така. Се криеја бидејќи соговорникот не е осомничено лице и не може туку-така да се открие неговиот идентитет. Вие можете да направите увид во сè што сметате дека треба да ви биде дадено како одговор, а за тоа можете да се обратите до судот. На тој начин ќе можете да дознаете кое е тоа лице и каква е содржината на разговорот. За оној дел 'државна тајна' веројатно се работи за истото, односно дека обвинет зборува со соговорник, па мобилниот број и неговите лични податоци не се за откривање“, одговори Заев.

Во врска со тоа дали поранешниот премиер има докази и дали постои разговор меѓу осомничен и пратеник од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или на ДУИ, Заев појасни дека според она што тој го има како сознанија, постои разговор меѓу обвинетиот Фејзи Азири и поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта.

Наќевски му предочи на Заев дека Мухамед Зекири од СДСМ комуницирал со Фејзи Азири, а ова самиот обвинет го посочил во одговорот на прашањата од обвинителството.

Заев сведочеше дека за таков разговор ниту знае, ниту видел, ниту поседува и појасни дека Зекири е политичар од 2016, но дека никогаш не му кажал дека е пријател со обвинетиот Азири.

Во врска со споменувањето на „тајните служби“, Заев рече дека нема информации за такво нешто во овој предмет и дека тоа го споменувал за случајот „Диво Насеље“, каде што мислел на разговор на агент во тајните служби со актери од УБК. 

„За 'Монструм' има службено лице од МВР што разговара со Васил Пишев да му пренесе некои информации на Сашо Мијалков за да се открие вистината. Тоа лице е вработено во МВР во истрагата и тие информации требало да ги предаде во МВР“, сведочеше Заев. 

Во прашањата на Наќевски споменат беше и Бујар Османи, за кого родителот посочи дека бара од поранешниот премиер да му биде одговорено дали тој поседува транскрипт и има ли сознанија дека Османи бил кај обвинетиот Хаки Азири. 

Заев појасни дека не е точно дека тој дал таков транскрипт, ниту пак се сеќава дека видел таков транскрипт што покажува дека Османи бил дома кај Азири.

Емотивни беа прашањата и од мајките на убиените момчиња, кои го потсетија премиерот дека им зборувал за вистината за смртта на нивните деца на средбата со него. Но Заев појасни дека зборувал како човек, како родител и со емоции, а сепак оставил на судот да одлучи според она што тој го предал како доказ во тогашното СЈО.

„Го донесовме син ми дома мртов, но очите му беа отворени и од нив два дена додека да го погребеме течеа солзи. Плашете се од тие солзи“, им порача од судница Зорица Наќевска, мајката на убиениот Александар Наќевски во април, 2018 година на сите што се вмешани во случајот со смртта на нејзиниот син.

Таа од судот и од обвинителите во судница побара да се утврди каква е улогата на обвинетите на кои во моментот им се суди за петкратното убиство, дали тие се навистина поврзани со настанот како директни извршители и како помагачи. Повикувајќи се на изјавите на премиерот Зоран Заев дека ќе им бидат дадени прислушуваните разговори, како и на содржината на тие разговори, мајката на убиениот Александар побара да се утврди и улогата на петте функционери на ДУИ и на доказите за кои им било кажано дека се со назнака државна тајна.

„Да се откријат двете НН лица посочени од заштитениот сведок што не се опфатени со истрагата. Фејзи и НН лице разговараат ‘вечерва сонував лош сон, сонував како му ги врзуваат рацете на момчето и плачев па си велев да не не се израдувам, да не не го завршам тој никаквец'. Гласот на НН лицето му е познат и бараме да се утврди кој е тој“, рече мајката на убиениот Александар, цитирајќи транскрипт од прислушуван разговор.

Таа го побара и телефонскиот апарат на нејзиниот убиен син, кој е одземен како доказ, а кој, како што кажа, за нив како родители е многу вреден.

„Нашите деца беа починати со отворени очи. Ги убија во четврток, а нивните тела ги донесовме дома наредниот ден. Беа починати со отворени очи и од очите им течеа солзи. Нека се плашат од тие солзи сите што си поигруваат со нашите чувства и со чувствата на мојот син“, рече мајката на убиениот Александар.

СЈО во март 2018 воспостави надлежност за случајот „Монструм“, откако Заев ги предаде новите докази за овој предмет.

Случајот со петкратното убиство доби друга димензија токму по предавањето на овие „бомби“, за кои Заев вети дека ќе ја откријат вистината за петкратното убиство.

Поради новите докази што се појавија за овој настан, Врховниот суд донесе одлука предметот да го врати на повторено судење и да им го укине притворот на обвинетите.

Овие докази беа отворени во судница на 18 септември 2019 година. Во дел од разговорите го има и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој во неколку наврати разговара со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Во една од „бомбите“, снимена на 13 април 2012 година во 20.35 часот, Јанакиески разговара со извесен соговорник Кире Бошков. Соговорникот го прашува Јанакиески „да не има информација нешто во врска со убиството на децата“, а Јанакиески му одговара дека се видел со Јанкулоска, била кај него, дека децата биле мирни, не биле криминалци, а наводно, како што вели, постариот, односно рибарот од Црешево, е убиен зашто бил сведок.

„Рафално се убиени и во глава се пукани, многу грозно. Децава не биле криминалци, туку мирни деца, а овој стариот бил убиен најверојатно ради сведок“, му вели Јанакиески на соговорникот во една од „бомбите“.

Во прислушуваните разговори има и комуникација меѓу Катерина Најденова, гатачката на Никола Груевски, и Ленче Самарџиска, разговор меѓу Оливера Трајковска и Орце Камчев, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Коце Трајановски....

Во новите докази имаше и лични ставови, мислења, но и предвидувања на соговорниците. Во една од „бомбите“ јавноста денес имаше можност да го чуе гласот на Катерина Најденова, гатачката на поранешниот премиер Никола Груевски. 

Овој разговор, според податоците на Обвинителството, кое е предлагач на доказите, е направен на 13 април 2012 година во 14 часот. Соговорник на гатачката Најденова во овој разговор е Ленче Самарџиска, секретарка на поранешниот премиер.

Во комуникацијата се слуша како гатачката ѝ одговара на секретарката дека тоа што ќе ѝ го каже во врска со убиените момчиња не е убаво и нема да им се „свиѓа“. Во разговорот ѝ предвидува дека јавноста ќе биде во шок од тоа што ќе излезе на виделина, дека сè ќе се открие и дека, како што вели, пак ќе има „умешано“ некој со униформа.

„Од тоа што ќе излезе на виделина ќе бидеме во шок. Ќе има вмешано униформа пак, ама ќе те чекам Лена, без твоја контрола не можам“, ѝ вели во разговорот Најденова на Самарџиска.

Но се чини дека остана само шокот од тоа дека засега од новите докази нема ништо ново и поинакво во овој предмет, кој се ближи кон втора првостепена пресуда.

Обвинителката Фатиме Фетаи во завршниот збор остана на кривичното дело тероризам, утврдено уште пред преземањето на овој предмет од страна на СЈО.

За тројца од обвинетите побара доживотен затвор, за двајца како помагачи во убиството казни од 15 години затвор, односно 10 години.

За убиството на четирите момчиња и рибарот обвинителката Фатиме Фетаи рече дека изборот бил жртвите да бидат Македонци, но дека конкретно мотивите не се познати, а дека крвавиот настан можел да предизвика дестабилизација во земјата и влошување на меѓунационалните односи. Фетаи побара доживотни затворски казни за Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ за дело тероризам, додека за помагачите во убиството за Фејзи Азири 15 години, а за Хаки Азири девет до десетгодишен затвор. Таа изрази надеж дека Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се избегани, ќе бидат екстрадирани од Косово. За Демири изнесе податок дека од разговорите се дознава дека тој барал брзо да добие пасош и барал тоа да го направи преку познанства, но не успеал и избегал.

За Сами Љута обвинителката рече не се обезбедени докази што би потврдиле вмешаност во кривичното дело и предложи за него судот да го одбие обвинението.

Притоа, Фетаи рече дека за кривичните дела бара максимални казни предвидени со Кривичниот законик за конкретните дела.

Во однос на „бомбите“ од прислушуваните разговори, врз основа на кои СЈО го презеде случајот со петкратното убиство крај Смилковско Езеро, Фетаи рече дека овие разговори не откриле друга вистина. Ниту прислушуваните разговори, ниту исказот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, не доведоа до промена на вистината, рече обвинителката нагласувајќи дека сѐ што било прибавено како доказен материјал е правилно анализирано.

Во своите завршни зборови напишани на 70 страници, кои ги изнесуваше неколку часа, Фетаи детално ги отфрлаше тврдењата на одбраната дека се работи за монтиран случај од страна на полициски и безбедносни структури.

Таа наведе дека можеби е можно кога се работи за убиство со тврд предмет да се фингираат докази, но дека тоа не е можно кога станува збор за убиство кога има проектили и чаури и крв од жртвите впиена во земјата.

Со научни методи и со вешти лица е утврдено дека убиството е случено на локацијата каде што се најдени телата на убиените, рече таа и додаде дека да биле телата донесени од друго место, ќе биле најдени соодветни докази на земјата, од влечење тела, докази од облека, крв и друго.

Овој случај се користеше и во политичките говори за политички препукувања. На 29-годишнината од основањето на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Штип, Мицкоски изјави дека допрва ќе им ја враќал надежта на родителите за случајот „Монструм“.

„А ако на премиерот Зоран Заев му паѓа вистински тешко од лажните вести, тогаш сигурен сум дека на родителите на децата убиени кај Смилковско Езеро уште потешко им паѓаат лагите што Заев им ги кажуваше, седеше до нив, ги гледаше во очи и им ветуваше дека тој е тој што знае кои се вистинските убијци и дека вистинските убијци не се тие што ги ослободи зашто се пазареше за нивната слобода. А таквите лица и погледот на родителите од Смилковско останаа. А надежта не умира, а таа надеж ние имаме долг да ја вратиме“, изјави Мицкоски во Штип во 2019 година.

Но никој, ама буквално никој не им ја врати надежта на овие луѓе.

И обвинителката Фатиме Фетаи, кога згасна СЈО, посочи дека борбата за правда не запира, но во јавноста сѐ уште постојат неверувања и дилеми за случајот „Монструм“.

Најоштетени од овој случај без сомнение се родителите на убиените момчиња и роднините на убиениот рибар. Тие ем останаа без најмилите, ем со години одново и одново преживуваат стресови за да се заврши овој судски процес. Добиваат ветувања дека правдата ќе победи и ќе се заврши овој судски процес, кој повеќе од 8 години талка низ судот.

Обвинителите од згаснатото СЈО го истуркаа предметот речиси до крај и по завршните зборови на одбраната се чека на нова пресуда.

За петкратното убиство на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

Сега во притвор се Фејзи Азири и Агим Исмаиловиќ.

За судот сѐ уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници, што исто така со години не мрдна од мртва точка.

Светло во тунелот на роднините на убиените момчиња и рибарот беше изјавата на Заев дека има „бомби“ што ќе ја откријат вистината за овој случај.

И сега на самиот крај пред повторената постапка за овој предмет, повторно се отвора прашањето, има ли друга поинаква вистина за овој предмет или конечно ќе се донесе пресуда врз основа на вистината.

Неизвесноста ги убива роднините на убиените на кои никој никогаш нема да може да им го надомести долгот за загубата на нивните најмили.

Масакрот кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

К. Додевска 

Време е да се фокусираме врз суштинските проблеми. Време е да создадеме вистински ’општествен договор‘ за владеење на правото и на човековите права како главни столбови на европските вредности

повеќе

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе