Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска смета дека Македонија има судии, обвинители и адвокати со коишто може да се гордее, но за жал има и такви на кои не им е местото во судството.
„Ако зборуваме постојано за корупција а немаме конкретни предмети тогаш како ќе ја вратиме довербата? Не значи дека еден судија треба да биде разрешен само поради нестручно постапување. Јас секогаш велам дајте да видиме кој од нас со каков имот располага, кој како се однесува и какви средби има со политичари. Мора институциите да се позанимаваат со судството. Јас сум човек којшто зборува отворено и тврдам дека мора да се провери имотот на судиите. Мене никогаш не ме допирало тоа што го кажувале политичарите, ниту се преиспитувам себеси, тие се само политичари. Тоа го прават за свои политички поени, за својата политичка кариера и не допира до мене затоа што се лаги и невистини. Како судија мора да сте јака личност и да одолеете на секакви ситуации во животот", вели Кацарска.
Што се однесува до безбедноста на судиите, Кацарска смета дека со одлуката да се стане судија треба да се биде свесен дека тоа може да има и последици по безбедноста.
„Мора да сте цврст, јак човек и не треба да се плашите. Но судијата треба да биде професионален, стручен да почитува закони и ништо повеќе од тоа. Има опасности, на пример додека ги судев предметите од СЈО имаше ризик за мојата безбедност и ден денска се случуваат непријатни ситуации, но во ниеден момент не се плашам. Единствено морам да бидам искрена и да признаам дека нелагодно се чувствував пред изрекување на тие пресуди, бидејќи многу знаење, многу труд, многу енергија вложив во тие предмети и не посакував да ми се случи нешто додека не ги објавам, затоа што граѓаните заслужуваат да знаат што точно се случувало во тој период", вели Кацарска.
На идните судии, обвинители и адвокати, Кацарска им порачува многу да и исклучително да ја почитуваат постапката.