Пресуда

Вкупно 211 години затвор за обвинетите од 27 април, Дурловски ослободен

Митко Чавков доби 18 години затвор, Душко Лазаров 15 години затвор, Горан Ѓошевски-Леви 15 години, Митко Пешов 15 години затвор, Оливер Поповски 13 години, Мунир Пепиќ 15 години, Абдуљфета Алими 7 години, Оливер Радулов 10 години, Јане Ченто 15 години, Игор Југ 12 години, Александар Василевски-Нинџа 8 години, Никола Митревски-Кољо 15 години, Младен Додевски 12 години, Горанче Ангеловски 12 години, Влатко Трајковски 15 години и Вилијам Михајловски 14 години. Ова се казните што им ги изрече судијката Добрила Кацарска на обвинетите за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Судијката Добрила Кацарска во почетокот ги спомена амнестиите и посочи дека сега им суди на 18 лица.

Кацарска го спомена и Никола Груевски за доказот, односно пораката што тој ја добил од Чавков, а му била препратена на Вељаноски. Според судијката, обвинетите Чавков, Лазаров и Пешов не презеле ништо за да го спречат влегувањето на масата народ во Собранието.

„Парламентот е место каде што се води дискусија и со текот на времето ја добива функцијата на претставничко тело на граѓаните. Власта е во рацете на народот, но народот нема право да управува туку преку избраните претставници. Затоа ‘крвавиот четврток‘ не требаше да се случи. Презентирани беа повеќе снимки како докази на ОЈО и насилниот упад се гледа на сите нив. Но сведоци бевме дека толпата не застана, туку тепаше и новинари и пратеници. Овде го видовме и срамното однесување на полицијата, која немо набљудуваше. Дел од нив од досада седеа на фотелјите и пиеја вода. Имаше и лица задолжени да ја водат масата кон пратениците. За жал меѓу нив беше и Горан Ѓошевски Леви заедно со Никола Митревски Кољо“, образложи судијката Кацарска пред пресудата.

Кацарска ја спомена и комуникацијата со пораки помеѓу Агим Нухиу и Митко Чавков како носител на златна команда во која комуницираат за состојбата на 27 април и на крајот Чавков е известен од Нухиу за состојбата, но не одговорил. Чавков бил известен, а не преземал дејствија, и бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа произлегува и од вербалните и од материјалните докази, додаде Кацарска и дополни дека полицијата со пасивното однесување придонела за загрозување на животите на пратениците и новинарите.

„Дурловски ја пеел химната, бил во Собранието на 27 април, но не презел никакви дејствија“, додаде Кацарска.

Во оваа постапка обвинетите се бранеа дека не се виновни за терористичко загрозување на уставниот поредок. 

„Неоспорно е дека настаните од 27 април се пренесуваа во живо и раскрвавените глави на пратениците и однесувањето на толпата предизвика страв и несигурност кај граѓаните“, рече Кацарска и додаде дека не за џабе овој ден е наречен „крвав четврток“.

Зарем татковината се брани со тепање на пратеници и новинари и зарем е тоа патриотизам?, запраша судијката.

Судскиот процес за настаните во собранието од 27 април 2017 година почна во август минатата година и е еден од најголемите процеси во македонското судство. 

Во почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа учесници во упадот во парламентот, а некои и во нападите врз пратениците на актуелната власт.

Но по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица, а за еден обвинет постапката е одвоена. 

На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

Како сведоци во оваа постапка во судница се појавија поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, кој подоцна беше приведен како осомничен за организирање на упадот во Собранието, премиерот Зоран Заев, пратеникот Влатко Ѓорчев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, новинарката Душица Мрѓа...

По амнестијата на 15 обвинети, речиси сите обвинети што останаа во постапката ги споменуваа пратениците во завршните зборови, а најмногу Сашо Василевски и Крсто Мукоски, кои, како што велат обвинетите, се најголемите виновници, бидејќи ако тие не ги отвореле вратите на Собранието, ништо од она што се случуваше немаше да се случи на 27 април 2017 година во законодавниот дом. 

К.Д.


Објавено

Петок, Март 15, 2019 - 13:09

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе

Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

повеќе

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе