Се испитува и постапувањето на тетовската обвинителка Лејла Кадриу

Јовески на потег за изградбата на водоводот во селото Синичане, обвинителите го завршија увидот

Вишото јавно обвинителство Гостивар изврши увид во предметот кој се однесува на случувањата во тетовско околу почеток на изградба на водовод. Од ОЈО за МКД.мк информираат дека е постапено по барањето на Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески и дека е извршен увид во предметот, по што во тек е подготовка на детална информација за постапувањето.

Вишото јавно обвинителство го испитува предметот, како и постапувањето на тетовската обвинителка Лејла Кадриу.

„Постапувајќи по барањето од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Вишото јавно обвинителство Гостивар денеска изврши увид во предметот во Основното јавно обвинителство Тетово и подготвува детална информација за постапувањето", велат во одговорот од Обвинителството.

По приемот и анализата на добиената информација на потег ќе биде Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Јовески кој ќе донесе соодветна одлука во врска со овој случај.

Пред пет дена Обвинителството информираше дека поради различните информации во медиумите и на социјалните мрежи за учеството на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово Лејла Кадриу на место на кое се изведувале работи на водовод во тетовско и повеќе нејаснотии во нејзиното постапување Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска писмено побара од Вишото јавно обвинителство Гостивар да изврши увид во предметот, врз основа на член 27 став 5 и член 28 став 1 од Законот за јавно обвинителство.

„Треба да се направи увид за кое кривично дело и спрема кои сторители во конкретниот случај се води предистражна или истражна постапка, врз основа на кои основи на сомневање е поведена постапката и какви сознанија и докази му се презентирани на јавниот обвинител за отворање на предметот, како е доделен предметот во работа на обвинителот, кога и какви дејствија тој презел и какви наредби издал. Вишите јавни обвинители треба да проверат и дали, согласно законот и согласно Задолжителното упатство, за конкретните дејствија требало увид на лице место и особено дали е изготвен записник за увид, дали обвинителот го презел раководењето со постапката согласно член 41 од Законот за кривична постапка и дали за тоа ја известил полицијата, дали некои од дејствијата се преземени спротивно на функцијата јавен обвинител, како и други релевантни околности во конкретниот настан", посочија тогаш од ЈОРСМ.

Неколку дена по ред општина Боговиње се обидува да започне да гради водовод за селото Синичане од изворот во месноста Буновец.

Премиерот Оливер Спасовски апелираше низ дијалог во населените места во Општина Боговиње се изнајде заедничко добро решение за сите и граѓаните на Синичани да добијат што е можно побрзо вода за пиење.

Од Владата преку соопштение истакнаа дека прашањето во селото Синичане треба да се реши само во согласност со законот и целосно почитивајќи ги надлежностите и хиерархијата на институциите.

„Полицијата е на терен само за да обезбеди јавен ред и безбедност. Секој жител на нашата земја има право да има квалитетна вода за пиење, но таа постапка мора да биде во согласност со законот", соопшти Владата.

Портпаролот во МВР Тони Ангеловски изјави дека присуството на полициски службеници на местото каде што се почнати работни активности за изградба на водоснабдителниот систем е во функција на обезбедување на јавниот ред и мир.

 „Наша задача е единствено да бидат преземени сите законски мерки, со цел да се спречи нарушување на јавниот ред и мир на таа локација, за да не дојде до несакани настани со посериозни последици по мирот и безбедноста на граѓаните и тоа ќе го правиме се додека постои безбедносна проценка дека тоа може да се случи", потенцираше пред неколку дена портпаролот Ангеловски.

К.Д.

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

повеќе

Некогаш, долго после нашава посета на овој свет ќе се појави некој кој ќе го интересира нашиот престој тука.

повеќе