И обвинителите од тимот на Јанева сведоци во „Рекет“

Јосифовска сведочи дека Јанева барала куќен притвор, а Стефанова не отстапувала од притвор за Камчев

Елизабета Јосифовска, поранешната специјална обвинителка која ѝ беше и замена на Катица Јанева, денес сведочеше на судењето за „Рекет“. Пред судот Јосифовска зборуваше за предметот „Империја“, за нејзините ингеренции што таа смеела да потпишува, за тоа како биле распределувани предметите во СЈО, како и за потпишувањето на мислењето за давање времена патна исправа на Орце Камчев.

Во своето сведочење Јосифовска ниту еднаш не ја спомена нејзината поранешна шефица со име и презиме, туку кога зборуваше за неа велеше „специјалната обвинителка“. Пред судот таа раскажа дека постоел конфликт помеѓу Лиле Стефанова, која постапува во предметот „Империја“ и Катица Јанева кој се однесувал на мерката притвор за Камчев во овој предмет.

„Империја ја водеше колешката Стефанова, а јас за овој предмет знам многу малку. Стефанова достави предлози за продолжување на мерката притвор за осомничените.  Јанева во овој случај побара мерката за Камчев да биде заменета со куќен притвор. Стефанова реагираше, но Јанева ѝ образложи дека тоа мора така да биде пораби тековните случувања, вклучувајќи го и носењето на Законот за јавно обвинителство“, сведочеше пред судот Јосифовска.

Таа раскажа дека се сеќава на состанок кој бил одржан во СЈО, а на кој присуствувале сите обвинители, освен Љубомир Лапе, Ленче Ристовска и Артан Ајро. На овој состанок, како што раскажа поранешната специјална обвинителка, Јанева побарала од Лиле Стефанова која постапува во „Империја“ и од Бурим Рустеми кој постапува во „Поштенска банка“ да изготват пресметки за направената штета, како и пресметки во врска со висината на казните за осомничените да не одат во затвор. Обвинителката Јосифовска пред судот нагласи дека таа како заменичка на Јанева немала ингеренции да потпишува наредби за истраги и наредби кои се однесувале на мерки за обезбедување на присуство на осомничените. Она за што потврди дека го потпишала беше мислењето на Камчев да му биде даден времен пасош.

„На 2 мај 2019 година потпишав мислење со кое се дава согласност за времена патна исправа на Камчев. Во мојата канцеларија ова мислење го донесе стручен соработник, а не шефот на кабинетот на специјалната јавна обвинителка, како што беше пракса. Пред да го потпишам мислењето колешката Стефанова ми сугерираше дека Камчев може да побегне, дека има двојно државјанство и ме упатуваше да не го потпишувам мислењето. Јас морав, бидејќи согласно законските овластувања како заменик на специјалната обвинителка, не можев да ја менувам суштината на тој акт“, сведочеше Јосифовска.

По ова таа појасни дека единствената забелешка која што ја имала пред да го потпише ваквото мислење бил временскиот период од осум месеци кој одбраната го барала за времетраењето на пасошот на Камчев. Појасни дека не било пракса да се наведува периодот и дополни дека мислењето кое што го потпишала било без временски период.

За претходно споменатите пресметки за случајот „Империја“ Јосифовска рече дека не видела таква пресметки туку во СЈО ѝ кажале дека биле изготвени.

Нејзиното сведочење во врска со ингеренциите и начинот на работа во СЈО адвокатите на Јанева го проширија и со други предмети со намера да покажат дека Камчев не бил единствениот кој добил времена патна исправа, како и дека пресметките не биле направени само за предметот „Империја“. Адвокатот Дељо Кадиев во листата на прашања подготвени за Јосифовска, меѓу другото, праша дали се случувало да се бараат пресметки за други предмети, дали се работи за законски предвидени пресметки кои се потребни за да може да се преговара со обвинетите, како и тоа дали обвинителката Јосифовска потпишала и барање за издавање на времена патна исправа за друг осомничен. На ова сведокот одговори дека се случувало во одредени фази да се бараат такви пресметки за штетите на осомничените и во други предмети, дека преговарањето за спогодба со обвинетите е невозможно да се направи без овие пресметки, како и дека таа ставила потпис да му се издаде привремен пасош и на Драган Павловиќ-Латас поради болест на близок роднина.

Во врска со распределувањето на предметите во СЈО секој обвинител добивал таргет од прислушуваните разговори, распределбата на таргетите ја вршела Јанева, а таргет на Јосифовска бил новинарот Драган Павловиќ-Латас. Таа пред судот посочи дека постапувала во предметите „Тотал“, „Тревник“ и „Титаник“, а за предметите кои се уште се во фаза на истрага, вклучувајќи ја и „Империја“ рече дека нема сознанија кави дејствија се преземаат. Конкретно за дејствијата што таа ги преземала во нејзините предмети рече дека дејствијата ги диктирала таа, а за истите само ја известувала специјалната обвинителка.

Следното рочиште за „Рекет“ е закажано за 20 јануари, кога во судница во својство на сведоци ќе се појават уште неколкумина обвинители од тимот на Јанева.

К.Д.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе