По 14 дена во приемното одделение поради препораките за ковид-19

Јанкулоска влезе во женскиот дел на „Идризово“, ја пречека порака од друга Гордана да не ги брои деновите

Гордана Јанкулоска, поранешната министерка за внатрешни работи осудена на затворска казна од 4 години за случајот „Тенк“, од пред неколку дена е во женскиот дел во најголемиот затвор во земјава, затворот во Идризово. Од затворот за МКД.мк официјално потврдија дека по поминати 14 дена во карантин во приемното одделение, поради состојбата со ковид-19, Јанкулоска била префрлена во женскиот дел во затворот. Во овој дел таа во ќелијата е сама, а во холот каде што се наоѓа нејзината соба просторот го дели со уште 8 осуденички.

На влезот во најголемиот затвор во земјава стои порака што ги пречекува сите жени осуденички што доаѓаат да отслужат затворска казна во Идризово. Оваа порака ја пречека и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

„Во моментот кога ќе го пречекориш прагот на оваа за тебе нова врата, ќе се почувствуваш длабоко несреќно и беспомошно. Најди сила со сè што ќе надојде подготвена и смела пред секој предизвик. Не број ги деновите. Времето и онака незапирливо минува. По секое деноноќие радувај му се на изминатиот ден, така си сè поблиску до сопствената цел, а твојата цел е твојата слобода.

Непрекинато верувај во себе, затоа што овде вербата е твоето најголемо оружје. Затоа ти порачувам од искуство, заврти се и погледни, денес е убав ден и не дозволувај да те совлада очајот. Времето што овде ќе го поминеш искористи го во потрага по сопствена и емотивна рамнотежа за сопствениот идентитет. Сакај го животот, сакај ги тие околу себе, сакај се самата себе и таа љубов стави ја над сè. Надвор те чека твојот единствен искрен, верен и скапоцен пријател, твојата слобода“, гласи пораката напишана од осуденичка што го носи истото име како и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана.

Таа пред неколку години го напуштила затворот. Нејзината намера е да ги охрабри оние што останале зад решетките.

Во најголемиот затвор во земјава Јанкулоска е под ист покрив со уште 50 жени.

Највисоката казна на осуденичка во овој затвор е 20 години, за убиство, а најниската 6 месеци, за даночно затајување.

Некогашната „прва полицајка“ денес е првата жена од предметите на СЈО што заврши зад решетки.

Судењата против Јанкулоска почнаа во јануари 2018 година со предметот „Таргет-Тврдина“, па продолжија со постапките за „Тенк“ за нелегалната набавка на мерцедесот и „Титаник“ за изборните нерегуларности. Во два од овие предмети што против неа ги отвори СЈО, Јанкулоска се најде во обвинителниот акт заедно со Груевски, а во еден со Сашо Мијалков.

Од предметите на сега згаснатото СЈО Јанкулоска се најде и во „Монструм“, но како сведок.

И покрај „бомбите“ во овој предмет, кој трае со години и каде што има разговори на Јанкулоска, таа пред судот тврдеше дека фактите за петкратното убиство се поинакви од впечатокот од „бомбите“. Но и во предметите во кои Јанкулоска кривично се гони се чини дека за Обвинителството, за судот и за надлежните што вчера ги испочитуваа наредбите и ја спроведоа во затвор, фактите се поинакви и впечатокот од солзите што Јанкулоска сакаше да го остави пред јавноста и судиите е залуден.

Солзите на Јанкулоска не допреа ниту до обвинителите на тогашното СЈО, ниту до судијката Кацарска.

Кацарска ја осуди на затвор од 6 години за случајот „Тенк“, па пресудата потоа беше намалена на затвор од 4 години од Апелацискиот суд во Скопје. По ова одбраната поднесе барања за вонредно преиспитување на правосилна одлука до Врховниот суд.

Законот за извршување санкции дава можност кога се работи за осуденички што се мајки тие да може да ги чуваат своите деца додека да наполнат една година, заради првата на детето и на мајката, и да го одложи извршувањето на соодветната санкција. Јанкулоска требаше да се јави на издржување на затворската казна на 1 јули минатата година, но Врховниот суд донесе одлука со која извршувањето на казната се одложи.

Според Врховниот суд, казната се одложува сѐ „до одлучување по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда од страна на Врховниот суд.

Детето на Јанкулоска сега, кога таа замина во затвор и Врховниот суд ја донесе одлуката да ја потврди 4-годишната затворска казна, има две години и три месеци. Против неа има уште два предмети за кои судот допрва треба да ги донесе одлуките.

Во „Таргет-Тврдина“ на Јанкулоска ѝ се суди за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а во „Титаник“ за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Колку време ќе помине зад решетки во затворот во Идризово ќе зависи од одлуките што судот ќе ги донесе за постапките што се во тек.

Можеби и Јанкулоска, како и осуденичката Гордана, ќе им остави порака на другите осуденички кога ќе си замине од затворот.

Но засега, според првата правосилна пресуда против неа, таа во женскиот дел на Идризово треба да биде 4 години.

К.Д.

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе