Случај „Тврдина-Таргет“

Јанкулоска сведочи: Не знаев дека потпишувам уништување на опрема

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во сведочење пред судот за предметот „Таргет-Тврдина“ рече дека не знаела што потпишува кога во УБК била формирана комисијата што ја уништи опремата за прислушувањето. Таа е обвинета во овој предмет токму во делот за уништувањето на опремата, односно во делот од случајот „Тврдина", кој потоа беше споен со предметот „Таргет" за прислушувањето.

„До вакви сознанија дојдов кога СЈО го отвори предметот „Тврдина“ кој се однесува на уништувањето на опремата. Од оваа перспектива, можам да кажам дека, гледајќи ги писмените документи, без да се имаат предвид изјавите на сведоците, невозможно е да се препознае за што точно станува збор во таа постапка каде што била уништена опремата", рече денеска Јанкулоска одговарајќи на прашање како дознала дека во УБК била уништувана и отпишана од евиденција опремата за следење комуникации, пренесува 360 степени.

Таа тврди дека потпишувањето на решението за формирање ваква комисија било како и секоја рутинска процедура при донесување акти во МВР, посебно што, како што тврди, до неа немало стигнато забелешки од правниот сектор кој по процедура го изготвува, анализира и доставува решението на потпис до министерот.

„Како сосема рутинска работа, решението кај мене било проследено на потпис без никакви забелешки, укажувања, уредно парафирано дека е целосно усогласено со она што го бара УБК, и било потпишано", рече Јанкулоска.

Одговарајќи на прашањата на адвокатите, таа ја префрли вината за работата на комисијата на нејзините членови.

„Тие се должни да ги почитуваат правните стандарди, стручно, професионално и без влијание. Во моментот кога стануваат членови, одговорноста која ја носат е исклучително нивна. Со самото решение со кое се дава задачата, се дава правото да се одлучува, но и одговорност за тоа каква ќе биде одлуката. Тие се должни да водат сметка доколку дојдат до ситуација која ја ограничува можноста тие да постапуваат, на пример, конфликт на интереси, тоа да го изнесат и да се изземат", сведочеше Јанкулоска.

Ексминистерката тврди и дека немала никаква комуникација со обвинетиот Горан Грујевски, кој е во бегство ниту, пак, тој ургирал кај неа во врска со актот за формирање на комисијата.

Обвинителот Трајче Пеливанов, пак, ја праша дали кога ѝ било доставено на потпис решението за формирање комисија не ја воочила забелешката која се наоѓала на обвивката од списите за предметот.

„Не сум ни воочила дека има каква било забелешка на обвивката на списите на предметот. Сакам да додадам дека во моето искуство, ако некој предмет остава дилема кај правниот сектор, иако според нив сѐ е во ред од формална страна, понекогаш се случувало помошник-министерот директно да ми се обрати, да ми посочи. За овој случај такво нешто немаше", вели Јанкулоска.

Бившата министерка го потпишала таквото решение на 13 мај 2015 година, а извештај од работата на комисијата која ја уништила опремата добила на 8 мај 2015, односно ден пред настаните во Диво Насеље и пет дена пред да поднесе оставка и да биде разрешена од Собранието.

„Не можам да потврдам дали сум ги примила лично извештајот и записникот, бидејќи од датумите што ги видов од списите на овој предмет, евидентно е дека тие се изготвени на само неколку дена пред моето разрешување и тоа на 8 мај 2015, и тоа е крај на недела односно петок, а мојот мандат заврши на 12 мај. Што значи дека имало само еден работен ден, но сакам да потсетам дека во деновите 9 и 10 мај 2015 се случија настаните во Диво Насеље. Така што и на тој еден работен ден – 11 мај, за волја на вистината, јас физички не бев во МВР бидејќи тогаш се одржуваа и седници на Влада и на Советот за безбедност, па така, дури и да биле доставени, не можам да ви потврдам дека лично сум ги примила и сум ги разгледала", се бранеше Јанкулоска.

Јанкулоска во сведочењето уште рече дека не видела ништо симптоматично и покрај тоа што тогаш беше актуелна аферата со прислушувањето која тогашната опозиција ја обелодени.

Судското рочиште на кое сведочат обвинетите во „Таргет-Тврдина" е во тек. Во моментов во судница зборува Сашо Мијалков.

Покрај нив, обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја, за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броја. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе