Нема истрага, туку само дејствија по допрен глас

Јанева со Правилник за доверливост ги обврзала сите во СЈО да ги чуваат тајните податоци за кои зеле бонуси

Освен платата, специјалните обвинители, лицата вработени во СЈО, кои и оние кои биле ангажирани за потребите на СЈО земале бонуси и хонорари. Списокот на имиња е долг, а во насока на законитост на земање на овие пари одредени дејствија презема и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Активности, одлуките, ангажирањето, работењето и плаќањето во обвинителството на тогашната шефица на СЈО, Катица Јанева сега е во рацете на сегашната шефица на ОЈО за организиран криминал Вилма Русковска.

Законот за специјално јавно обвинителство предвидува дека обвинителите кои беа во тимот Јанева имаат пристап до доверливи и тајни информации, но и дека јавните обвинители имаат правo на додаток за посебни услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.

„Отворените финансии“ кои ги објави Министерството за финансии отворија и низа прашања за тоа дали специјалните јавни обвинители, како и истражителите, но и останатите лице имале законско право да земаат бонуси за нивните ангажмани во СЈО, како и тоа дека работеле со доверливи информации и со осомничени лица од висок профил поради што може да им биде загрозена безбедноста.

СЈО мораше да му ги отвори и вратите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое влезе во просториите и бараше документација која ќе ги оправда „отворените финансии“ кои ги зеле вработените, но и оние кои добиле ангажман во СЈО со одлука на тогашната шефица, Катица Јанева.

Но, извори од СЈО брифираат дека Јанева заедно со договорите за вработување ги обврзала сите кои работеле и биле вклучени во постапките да потпишат и интерен Правилник за доверливост дека ништо од приватните разговори кои ги има доказите, односно во „бомбите“, а кое ќе го чујат, не смеат да го изнесат во јавноста и надвор од просториите на институцијата.

Ако го прекршат предвиденото во овој Правилник како заштитен механизам  за работењето на оваа институција, односно ако изнесат било што од тајните податоци, вработените во СЈО, како и оние кои биле ангажирани од Јанева, освен кривична одговорност и последици со работното место, ќе треба земените пари за доверливост да ги вратат до последен денар.

Но, освен овој документ сега во јавноста се отвора и прашањето дали овие пари ќе треба да се вратат и по други основи, односно дали се законски земени.

Дел од оние кои ги земале овие пари прашуваат зошто институциите како УЈП, Совет на јавни обвинители, Министерство за финансии, Владата... до каде биле испраќани Извештаи за сите парични средства потрошени во рамките на ова обвинителство, не покренале постапка или до сега не го отвориле прашањето за земањето на овие бонуси.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за сега нема основано сомнение за случајот со земените бонуси, но откако овој случај ја разбранува јавноста, истражителите на Русковска влегоа во просториите на СЈО.

Претрес немаше, бидејќи за тоа треба налог од суд, а во овој случај тоа го нема.

„Истражителите во СЈО беа по барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а со цел да се прибере финансиска документација во врска со исплатата на додатоците. Станува збор за претходна постапка за која обвинителството во моментов не може да сподели детали“, се вели во одговорот испратен од обвинителството до редакцијата на МКД.мк.

Се работеше за наредба дадена од Русковска да се обезбеди документацијата околу вработувањето и ангажманите на лицата за потребите на СЈО.

Русковска го испитува финансиското работење кое ќе треба да покаже дали земените пари на лицата кои се најдоа на платниот список се законски оправдани и во рамките на она што го предвидува Законот за СЈО кое имаше апсолутна финансиска автономност.

Во делот за плати и надоместоци во Законот за СЈО во членот 14 се вели

1. Платата на јавниот обвинител се определува во висина од 10% пониска од платата на Јавниот обвинител на Република Македонија.

2. Платата на јавните обвинители во Јавното обвинителство се определува во висина на платите на јавните обвинители во Основното јавно обинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

3. Јавниот обвинител и јавните обвинители во Јавното обвинителство имаат право на додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.

4. Платите и другите надоместоци на вработените во јавнообвинителската стручна служба ќе бидат регулирани со закон и колективен договор.

На овој член од законот се повика и обвинителката Фатиме Фетаи која во изјава за медиумите пред неколку дена нагласи дека обвинителите во СЈО земале плата од 1.200 евра, но и дополнителни пари кои согласно законот им следуваат како додаток за доверливост.

Но, овој додаток за доверливост на обвинителите од Основните јавни обвинителство, како и она за гонење на организиран криминал и корупција го нема во Законот за плати на јавните обвинители во 2009 година.

Владата на тогашниот премиер Никола Груевски по три месеци од носење на Законот за СЈО во кој беше опфатен и овој член за земање на додаток, односно во декември, 2015 година до Собранието достави Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители, по скратена постапка. 

Во овој предлог закон во членот 6 се додаваат два нови члена 6-а и 6-б кои гласат:

 “Член 6-а (1) Платата на јавниот обвинител по час му се зголемува за: - работа подолго од полното работно време во висина од 35% и - работа во деновите на празници во висина од 50%. (2) Евиденцијата за овој вид работа ја води јавниот обвинител на јавното обвинителство.” Член 6-б (1) Јавниот обвинител има право на додаток на плата за: - посебни услови за работа; - постоење на висок ризик и - доверливост. (2) Додатоците на плата од ставот (1) на овој член, меѓусебно не се исклучуваат. (3) Вкупниот износ на висината на додатоците од ставот (1) на овој член не може да изнесува повеќе од 35% од основната плата на јавниот обвинител. (4) Додатоците од ставот (1) на овој член, нивната висина и начинот на утврдување за Јавното обвинителство на Република Македонија, вишите јавни обвинителства, основните јавни обвинителства, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, се уредуваат со акт на Јавниот обвинител на Република Македонија, по претходна согласност од министерот за финансии.

Овде за прв пат додатоците кои почнаа да ги земаат специјалните јавни обвинители, се вметнаа и кај обвинителите од Основните, и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Законот беше донесен и објавен во Службен весник на 31 декември, 2015 година.

Ова значи дека и Русковска колку и Јанева има право на ваков додаток, но разликата е во тоа што за парите кои треба да ги земат обвинителите кои не се дел од СЈО одлучува Републичкиот јавен обвинител, а за оние за СЈО, Јанева, но согласно Законот за работењето на ова обвинителство.

Официјални извори од Обвинителството за гонење на организиран криминал за МКД.мк велат дека за разлика од обвинителите на СЈО, оние од Основното и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција само неколку пати земале додаток за доверливост од 35 проценти од основната плата, а во останатиот период по носењето на овој Закон или не земале воопшто надомест за висок ризик и доверливост, или пак во 2019 година зеле само 5 проценти.

Значи, законски можности имало, но немало пари. Образложението е дека немало Буџет за исплата на овие пари за висок ризик и доверливост.

Предлог-законот предложен од Владата на Груевски кој беше донесен со просто мнозинство, односно со 61 глас на крајот на 2015, им даде право и на другите обвинители кои не се дел од СЈО каде се гони висока корупција, да земаат ваков надомест, но овде тој е ограничен од Буџетот.

Сега судбината на овие пари, односно дали оние кои ги зеле ќе треба да ги вратат, е во рацете на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Русковска која, согласно Законот имала исто толку право да земе надомест за висок ризик и доверливост, но ниту таа, ниту било кој од овие обвинителства не го земале полниот износ кој го содржи членот 6-б од Законот за плати на јавните обвинители.

И договорите за работа, и Правилниците за обврска за чување на тајна и сите дополнителни договори кои ангажираните ги потпишале со СЈО се во рацете на Русковска која треба да донесе одлука дали има докази за основано сомнение и отворање на истрага, или пак, како што велат од СЈО парите се во согласност со Законот и законски предвидените рамки за тежината и обемот на нивната работа.

 

                                                                                                                   К.Додевска

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе

Наместо да седнат заедничи и оние од власта и оние од опозицијата и да се договорат околу стратегијата за борбата со најголемата опасност, тие мудруваат и кажуваат бајки.

повеќе