„Соработка“ меѓу СЈО и ОЈО ГОК

Јанева на Русковска ѝ предаде 95 предмети, 61 се во предистражна постапка

Вкупно 95 предмети што се во постапка од укинатото СЈО завршија во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Од рацете на неправосилно осудената поранешна специјална обвинителка, Катица Јанева, сега овие предмети отидоа во обвинителството што го раководи Вилма Русковска, обвинителката што даде предлог Јанева да заврши во притвор, зад решетки. Станува збор за 13 предмети за кои е поднесено обвинение, 15 што се во истражна постапка и дури 61 предмет што се наоѓаат во фаза на предистрага. Во папката на предмети што ги презеде ОЈО ГОК има и такви за кои се донесени првостепени или второстепени пресуди.

„Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно надлежностите, се преземени дел од предметите од укинатото Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и тоа: шест предмети за кои се донесени првостепени или второстепени пресуди „Титаник 2", „Таргет- Тврдина", „Триста", „Шпион", „Транспортер" и „Тарифа", 13 предмети за кои е поднесено обвинение, 15 предмети во истражна постапка и 61 предмет во фаза на предистражна постапка", велат од ОЈО ГОК.

Сите предмети се заведени во уписниците на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и им се дадени за работа на јавните обвинители од ова обвинителство. ОЈО ГОК има вкупно 10 обвинители на кои сега им се предадени овие предмети по кои активно постапуваат, а за кои соработуваат со обвинителите што претходно ги работеле во СЈО.

Дел од нив се „Продуцент", „Рендген", „Странски служби", „Актор"...

Од ОЈО ГОК согласно со надлежностите, велат дека се преземени дел од предметите од укинатото Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

„Член 108 став 3 од Законот за јавно обвинителство пропишува дека предметите од надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите преземени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно со нивните надлежности утврдени со овој закон. Следствено на тоа, предметите што се преземени и презаведени во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се предмети за кои според природата на сторените кривични дела е надлежно ова обвинителство. Распоредувањето на предметите кај надлежни обвинители е направено согласно распоредот за работа на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција", велат од Обвинителството.

Јанева од притвор ѝ ги предаде на обвинителката Вилма Русковска предметите што ѝ беа доделени да ги работи. Во ќелијата Јанева се најде по поднесено барање токму на Русковска.

Денес, додека Јанева е во куќен притвор во Гевгелија, во ОЈО ГОК со кое раководи нејзината колешка се наоѓаат предметите што беа најавени дека ќе им стават крај на најголемите криминали во кои се вмешани политичари, бизнисмени, познати лица...

Дел од нив само со имињата се наоѓаат во предметите, бидејќи од „за сега непознати причини" се во бегство. Тоа се Никола Груевски, Никола Бошкоски и Горан Грујевски.

Од СЈО во Основното јавно обвинителство Скопје заведени се и 8 предмети што се во фаза на судска постапка и 4 предмети во фаза на истражна постапка.

Тоа се предметите „Тревник", „Насилство во Центар", „Тортура", „Талир 2", „Тврдина 2", „Маџар телеком", „Титаник 3", „Тотал", „Друмарина", „Моќник", „Лидери" и „Хармонија".

СЈО во својот мандат успеа да заврши само три предмети. Сега по неговото згаснување останатите предмети останаа во работа на ОЈО Скопје и ОЈО ГОК и по нив се постапува.

К.Д.

Дали и Грција треба да престане да ја смета бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна како вистинска окупација?, прашува поранешниот грчки министер за надворешни работи – потписник на Преспанскиот договор со Македонија, во колумна за Балканеу. Колумната ја пренесуваме во целост и со автентичните фрази.

повеќе

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе